Се повторува лагата дека убиецот на матурантот од Тетово ќе бил ослободен од Заев

Фото: Maison nationale des Patriotes

Со една невидена леснотија одредени Фејсбук групи за билдање на гласачко тело врз основа на „патриотизам“ и одбрана на „национални интереси“, одвреме навреме повторуваат едни те исти манипулации за „предавството“ на една или друга политичка партија, за „предавството“ на еден или друг политички лидер.
Таков пример се појави пред некој ден на Фејсбук страницата „Македонија на Македонците“, каде е преповторена лагата дека од страна на актуелниот премиер Зоран Заев ќе бил ослободен од затвор осуденик на доживотна казна за убиство сторено во 2002 година

Со една невидена леснотија одредени Фејсбук групи за билдање на гласачко тело врз основа на „патриотизам“ и одбрана на „национални интереси“, одвреме навреме повторуваат едни те исти манипулации за „предавството“ на една или друга политичка партија, за „предавството“ на еден или друг политички лидер.

Таков пример се појави пред некој ден на Фејсбук страницата „Македонија на Македонците“, каде е преповторена лагата дека од страна на актуелниот премиер Зоран Заев ќе бил ослободен од затвор осуденик на доживотна казна за убиство сторено во 2002 година

 

Објава на Фејсбук група пласира невистинита содржина со која се тврди дека премиерот Зоран Заев ќе помилувал осуденик на доживотна казна затвор.

Осуденикот е Бурхамедин Нухиу, а казната му е правосилно одредена поради убиство на матурантот Ванчо Јосифовски во 2002 година на кошаркарско игралиште во Тетово.

Во објавата со фотографија на осуденикот се тврди:

Бурхамедин Нухиу од тетовско Порој припадник на УЧК кој беше осуден на доживотен затвор за убиството на матурантот Ванчо Јосифовски на кошаркарското игралиште во Тетово по неговта поднесена жалба до Зоран Заев ќе биде пуштен на слобода!

Информацијата е лажна. Ова и официјално ни е потврдено од Кабинетот на Претседателот Стево Пендаровски, каде на барање на „Вистиномер“ беше потврдено дека за време на мандатот на Пендаровски, не е донесена таква одлука, ниту, пак, има молба за споменатото лице.

За време на мандатот на Претседателот Стево Пендаровски, од стапувањето на должност до сега, се поднесени и е расправано за молби на 4 лица осудени на казна доживотен затвор и сите се одбиени. Покрај ова, проверката на информациите покажува дека за лицето за кое се интересирате, нема поднесено молба за помилување – информираат од Кабинетот на Пендаровски.

Оваа информација и без ваквата потврда е сомнителна во самиот старт, поради две основи. Најпрво вест со истата содржина е објавена во медиум и на социјалните мрежи и во 2018 година. Непосредно пред референдумот за договорот со Грција во август 2018 година, „Инфомакс“ излегол со информација дека лицето Б.Нухиу е веќе ослободено од страна на Заев и СДСМ. Ова се дознава посредно, бидејќи преку пребарување на архивата на медиумот не може да се најде потврда, но пребарувањето упатува на „Инфомакс“ како извор, преку објавата на веб сајтот на регионалната телевизија Канал 3.

Таму во еден дел од веста се наоѓа и слeдната реченица:

Граѓаните се гневни поради фактот што убиецот на матурантот Ванчо Јосифовски, припадник на УЧК, Бурхамедин Нухиу кој беше осуден на доживотен затвор сега ќе се најде на слобода, откако тој поднел жалба која била уважена.

Истата информација тогаш е пренесена на социјалните мрежи, при што, како пример, на Фејсбук страната на Коалицијата МАНАПО е објавена истата содржина што ја рецензираме сега, реобјавена на 19.04.2021 година.

Покрај ова, потврда за тоа дека и оригиналната содржина од 2018 година била лага, е Служебениот весник од 28.12.2018 година, каде на страна 8 може да се види дека ниту претходниот претседател не потпишал одлука за помилување на Бурхамедин Нухиу. Ако одлуката била уважена, како што се тврдело тогаш во информацијата, таа би била објавена по повод помилувањата по повод Новата 2019 година, а такво помилување нема.

Второ и не помалку важно, премиерот Зоран Заев нема ингеренции да расправа или носи одлуки за молби или жалби од овој тип. Тоа според актуелните Закон за помилување и Законот за амнестија го има единствено Претседателот на РСМ, а постапката може да ја започне и Министерството за правда, со нагласка дека со Законот за амнестија од 2018 година, на пример, не е ни допуштено да се амнестираат лица осудени на казна доживотен затвор.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција