Се проширува Пластичарската улица во Скопје

Фото: skopje.gov.mk

Ветување: Проширување на булеварот „Никола Карев“

 [Извор:  Изборна програма на Петре Шилегов– „Живот во Скопје за сите!“ стр.19 – датум, октомври 2017 г. ]

  

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на  градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов , за проширување на  булеварот „Никола Карев“ (познат како Пластичарска улица), дадено во кампањата за локалните избори (октомври 2017 година), е во тек на реализација. Ова ветување на Шилегов  е наведено во неговата изборната програма, „Живот во Скопје за сите!“, во рамките на проектот: Нови сообраќајни решенија го решаваме градскиот метеж!, стр.19, со која како кандидат на СДСМ ја бараше довербата за градоначалничката функција во главниот град.

Реконструкцијата на Пластичарката улица – која во иднина треба да има 4 сообраќајни ленти, велосипедска и пешачка патека и средишно зеленило, започна во декември минатата година (2019). Првата фаза од  проширувањето  на овој булевар се изведува на потегот од клучката кај Бит-пазар до влезот во касарната „Илинден“, на вкупна должина од 1.440 метри.

На овој дел ќе се изведе атмосферска канализација која досега не постоеше, а ќе се изврши и целосна реконструкција и на другите подземни инсталации за што се известени правните субјекти. Правилото е јасно – пет години по завршувањето на реконструкцијата на одредена сообраќајница нема да дозволуваме прекопување. Ова е прва фаза од реконструкцијата на оваа улица, во тек е проектирањето на втората фаза и очекувам напролет да ги продолжиме градежните работи од влезот во касарната „Илинден“ до спојувањето со булеварот Словенија – изјави тогаш градоначалникот Шилегов.

Според најавите од градските власти градежните работи од првата фаза на реконструкцијата на Пластичарска треба да се завршат до април 2020 година.

Информација и фотографии за стартот на проширувањето на овој булевар се објавени на  официјалната веб-страница на Град Скопје  и во повеќе медиуми.

Имајќи предвид дека се преземаат конкретни активности во правец на реализација на проектот и во изминатиот период на оваа прометна делница се прават градежни зафати (поради што има и времен сообраќаен режим),  ова изборно ветување на Шилегов добива оценка „во тек“. 

*** Забелешка 

До крајот на мандатот на градоначалникот Шилегов – октомври 2021 година „Вистиномер“ повторно ќе се наврати на ова ветување за да ја провери исполнетоста.

Прширување на булеварот „Никола Карев“, инаку, ветуваше и претходниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски  за локалните избори во 2013 година.  Тогаш тој во неговата изборна програма „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобро Скопје“ , (во делот Урбанизам, булевари, мостови, стр. 55), вети дека проширувањето на овој булевар ќе биде направено во периодот (2013-2015) година, но тоа не се случи. „Вистиномер“ во мај 2016 година го провери ова ветување и го оцени како неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

·      Изборна програма на Петре Шилегов- „Живот во Скопје за сите!“ стр.19 ( октомври 2017) [Проверено: 06.03.2020]

·       Тајм.мк (13.12.2019): Започна проширувањето на Пластичарска [Проверено: 06.03.2020]

·       Мета (13.12.2019): Почна реконструкцијата и проширувањето на Пластичарската улица во Скопје  [Проверено: 06.03.2020]

·       Веб-страница на Град Скопје : Од денеска се проширува и реконструира пластичарската улица  [Проверено: 06.03.2020]

·       Веб-страница наГрад Скопје (24.02.2020): Од утре времен сообраќаен режим на улица Пластичарска  [Проверено: 06.03.2020]

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.