Се работи проектот за пругата кон Албанија
ПРОЕКТ: ПОДГОТОВКА НА OСНОВЕН ПРОЕКТ И ДРУГА ПОТРЕБНА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА ИЗГРАДБА И НАДЗОР НА НОВА ЖЕЛЕЗНИЧКА ДЕЛНИЦА КИЧЕВО-ГРАНИЦА СО РЕПУБЛИКА АЛБАНИЈА КАКО ДЕЛ ОД КОРИДОРОТ 8
Во рамките на овој проект ќе се подготви основен проект за нова едноколосечна електрифицирана железничка линија, од постојната железничка станица во Кичево до границата со Република Албанија, според постојната Студија за изводливост, Идеен проект и Елаборат за влијание врз животната средина и согласно најдобрите ЕУ искуства, а воедно ќе се подготви и комплетна документација за изготвување на тендерско досие за градежни работи и за надзор над градежните работи. Проектот ќе се финансира со ИПА средства. (Буџет: проценета вредност 8 милиони евра Рок: 2014-2016 година)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Овој проект е ветен во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, „Проверено“ (2014-2018) во делот „Инфраструктура“ (Железнички сообраќај и инфраструктура стр.67), и неговата реализација е во тек.
Во октомври 2014 година од македонски железници информираа дека Конзорциум составен од шпанската компанија „Типса“ и француски „Луи Берже“ ќе го изготвува изведбениот проект и дизајнот за изградба на пругата од Кичево до пограничниот албански град Лин. Директорот на Македонски железници – Инфраструктура Ирфан Асани, тогаш најави дека изработката на проектната документација започнува на 15-ти октомври (2014) и ќе се комплетира во временски период од 22 месеци.
Во јули 2016 година министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски за изработката на основниот проект за еднаколосечна електрична пруга изјави:
Во тек е проектирање во должина од 63 километри, а дополнителн ќе се проектира и еден крак до Охрид. Вкупната инвестиција за проектирање е 9,7 милиони евра.
Мислајловски тогаш соопшти дека се завршени околу 60 проценти од проектирањето и дека целиот проект треба да биде готов до крајот на ова година (2016).
ИЗВОРИ:
- Извор: Проверено – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ (2014-2018) „Инфраструктура“ (Железнички сообраќај и инфраструктура стр.67) [Пристапено: 28.10.2016]
- Тајм.мк (10.10.2014): Проектот за пругата кон Албанија ќе биде готов во 2016 година [Пристапено: 28.10.2016]
- Билд (10. 10.2014): Проектот за пругата кон Албанија ќе биде готов во 2016 година [Пристапено: 28.10.2016]
- Тајм.мк (17.06.2016): Проектирањето на железничката пруга кон Албанија ќе заврши до крајот на годината [Пристапено: 28.10.2016]
- Курир (17.06.2016): Проектирањето на железничката пруга кон Албанија ќе заврши до крајот на годината [Пристапено: 28.10.2016]
Оценето од: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар