Се сади ново зеленило во Карпош
Ставаме приоритет на заштитата на зеленилото и на создавање нови зелени површини и паркови низ Карпош
[Извор: Изборна програма на Стефан Богоев за локалните избори 2017 – „Живот во Карпош за сите“ (стр.12) , датум: октомври 2017]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Во кампањата за локалните избори (октомври 2017 година), градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, во тоа време кандидат на СДСМ за челната функција во Општината, вети грижа за зеленилото и создавање нови зелени површини и паркови низ Карпош. Ова ветување на Богоев е дадено на самиот почеток од неговата изборна програма, „Живот во Карпош! За сите!“ , во делот каде се говори за „Новите политики на новиот градоначалник“ (стр. 12), и неговата реализација е „во тек“.
Во изминатиот период од доаѓањето на новата локална власт (од октомври 2017 г. – наваму), во неколку наврати имаше акции за садење дрвја и хортикултурно уредување на повеќе локации во Општината, а се раззеленија и дел од училишните дворови и платоа. Информации и фотографии за тоа дека во Карпош се одвиваат активности за зголемување на зеленилото и заштита на животната средина беа објавени во медиумите и на веб-страницата на Општина Карпош, а тука ќе посочиме неколку.
Така на пример, во мај минатата година (2018) од Општина Карпош информира за пролетното раззеленување и оплеменување на зелените површини на повеќе локации. Тогаш беа засадени нови цвеќиња и украсни грмушки кај платото во Карпош 3, платото во урбаната заедница „Пецо Божиновски-Кочо“ (спроти студентскиот дом „Гоце Делчев“), плоштадот „Делфина“ во Влае, платото во Бардовци и на кружниот тек меѓу улиците „Варшавска“ и „Париска”.
На 10 декември лани од Општина Карпош соопштија дека во рамките на поголема еколошка акција биле засадени околу 200 нови дрвја:
Локалната самоуправа го збогати дрвниот фонд на своја територија со повеќегодишни квалитетни израснати дрвја од типот јасен, јавор, багрем, липа, како и зимзелена туја и украсни повеќегодишни грмушкасти растенија од типот лаванда.
Почнувајќи од плоштадот Делфина во населбата Влае, општинските служби го обновија зеленилото на повеќе локации во населбите Тафталиџе 1 и 2, во Карпош 3 и 4, а нови дрвја беа наседени и околу Млечниот ресторан во У.З „Владо Тасевски“, околу плоштадот кај Педагошкиот факултет и на плоштадот во Бардовци.
Да споменеме и тоа дека во мај минатата година карпошани реагираа дека се сечат повеќегодишни дрвја, а од Општината одговорија дека локалната власт не издала налог за такво нешто, туку тоа го сторил градот, но на барање на жителите од околните згради.
Во текот на април 2019 година од Општина Карпош информираа дека продолжува акцијата за засадување на нови, веќе развиени дрвја (50 дрвја во населбите Козле и Карпош 4). Исто така, од Општината соопштија и дека на повеќе јавни површини се засадени 30 нови развиени садници од јасен – „25 јасени во Нерези, поточно кај воените кули (Мостот Обединети нации) и пет јасени во Карпош 1 на јавниот простор позади зграда бр.59 на улицата Рузвелтова“.
На крајот на мај од Општина Карпош информираа дека во рамки на пролетната акција се засадени вкупно 287 нови висококвалитетни, израснати дрвја во повеќе урбани заедници: Карпош 1, Карпош 2, Карпош 3, Тафталиџе, Нерези, Бардовци и Козле.
Засадени се повеќе видови на листопадни дрвја: јасен, јавор, ginkgo biloba и липа, како и зимзелени: thuja smaragd и libocedrus decurens.
Со оваа акција се заокружи садењето на вкупно 287 садници.
Од Општината соопштија и дека во изминатиов период хортикултурно се уредени и платото кај Порта Влае, во Карпош 3, како и дворот на градинката „Мајски цвет“ (Тафталиџе 2) и дворот на новата градинка „Виножито“ во Бардовци.
Инаку, во средината на мај оваа година имаше и една интересна вест, дека се украдени пет украсни грмушки од платото во Карпош 3. Од Општината соопштија дека
Станува збор за нови садници – украсни грмушки од видот buxus или зеленики, коишто Општина Карпош, од својот Буџет, поточно од средствата на граѓаните, ги намени за хортикултурно уредување на платото во Карпош 3, како дел од големата кампања на зголемувањe на зеленилото во општината, која сè уште е во тек.
Деновиве, пак, ( на 31 мај) започна изградбата на нов парк на површина од 4.000 метри квадратни, во близина на стариот влез на Градски парк, под булеварот „8 Септември“ . Како што соопштија од Општината, овој досега запуштен простор целосно ќе раззелени:
Во новиот парк ќе има новопроектирани високи и цветни дрвја, висока декоративна трева, грмушки, високо заштитно зеленило, цветни, перени и луковици. Предвидено е да има простор за детски игри (детско игралиште), како и оградено место за домашни миленици. Во овој парк ќе биде поставен и мултифункционален контејнер, со цел правилно одлагање и селекција на отпадот.
Според плановите, изведбата на паркот се очекува да заврши на почетокот на август.
Имајќи ги предвид горенаведените активности покренати од Општината, може да се каже дека реализацијата на ветувањето на градоначалникот Богоев за „нови зелени површини и паркови низ Карпош“ , е „во тек“
ИЗВОРИ:
- Предизборна програма на Стефан Богоев за локалните избори 2017-2020 година – „Живот во Карпош! За сите!“ (стр.12) [Пристапено на 03.06.2019]
- Веб-страница на Општина Карпош (31.05.2019): Започна изведбата на нов парк во Карпош [Пристапено на 03.06.2019]
- Грид.мк (31.05.2019): Почна изведбата на нов парк во Карпош [Пристапено на 03.06.2019]
- Веб-страница на Општина Карпош (22.05.2019): Украдени украсни грмушки од платото во Карпош 3 [Пристапено на 03.06.2019]
- Скопјеинфо (22.05.2019): Украдени украсни грмушки од платото во Карпош 3 [Пристапено на 03.06.2019]
- Веб-страница на Општина Карпош (28.05.2019): Заврши пролетната акцијата за засадување на 287 дрвја
- Веб-страница на Општина Карпош (30.04.2019): Заврши хортикултурното уредување на Порта Влае [Пристапено на 03.06.2019]
- Веб-страница на Општина Карпош (10.12.2018): Нови дрвја за почист воздух во Карпош [Пристапено на 03.06.2019]
- Сител (16.05.2018): Засадени цвеќиња и грмушки на повеќе локации во општина Карпош [Пристапено на 03.06.2019]
- Веб-страница на Општина Карпош (12/04.2019): Засадени се нови дрвја во Карпош [Пристапено на 03.06.2019]
- Веб-страница на Општина Карпош (25.04.2019): Нови триесет јасени во Карпош [Пристапено на 03.06.2019]
- Скопјеинфо (25.04.2019): Нови триесет јасени во Карпош [Пристапено на 03.06.2019]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар