Се шири теорија на заговор за Агенда 2030

Презентација на Агенда 2030 во Мексико 2018 г. Фото: Gobierno CDMX, CC0, via Wikimedia Commons

Објавата изобилува со невистинити интерпретации и манипулирање со фактите поврзани со Агенда 2030 и претставува класичен пример за теорија на заговор која користи страв и квазирелигиозна терминологија за да манипулира со јавноста. Тврдењата дека Агендата 2030 ќе донесе тоталитарно општество се целосно неточни и измислени.

Објавата претставува класичен пример за теорија на заговор која користи страв и дезинформации за да манипулира со јавноста. Тврдењата дека Агендата 2030 ќе донесе тоталитарно општество се целосно неточни и измислени. Таа е јавен план за борба против сиромаштијата и климатските промени, без никаква моќ да ги одземе индивидуалните слободи или националниот суверенитет

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

САТАНИСТИЧКА АНТИХРИСТОВА АГЕНДА 2030 КОЈА ЈА СПРОВЕДУВААТ СИТЕ САТАНИСТИЧКИ ВЛАДИ ВО СВЕТОВ *Една светска влада *Една светска религија ересот (екуменизам) *Една светска безготовинска валута (дигитална) *Една светска централна банка
*Една светска армија *Крај на националниот суверенитет *Крај на приватна сопствености поседување на имоти *Крај на семејството семејната заедница *Депопулација, контрола на растењето на популацијата и густината на популацијата *Повеќе задолжителни вакцини *Универзален основен приход *Микрочипирано општество за купување, патување, лоцирање и контролирање *Имплементација на светски социјален систем за кредити (каков што кина има) *Трилииони апарати закачени во 5Г системот за следење *Владино одрастени деца (деца во владина сопственост)
*Поседувани од владата и контролирани училишта, факултети и универзитети *Крај на приватниот транспорт, поседување на возила итн. *Сите бизниси ќе бидат поседувани од владата/корпорациите *Забрана за непотребни патувања по воздушен пат *Луѓето ќе бидат сместени во посебни населби човечки зони, градови *Престанок на наводнувањето *Крај на приватните фарми и пасење на добитокот *Крај на домовите со една фамилија *Забрането користење на земја што служи за човечките потреби *Забрана на сите природни несинтетички лекови и натуропатска медицина *Крај на фосилните горива.

Објавата претставува теорија на заговор која погрешно толкува легитимни меѓународни документи со некакви „тајни планови за светска контрола“. Поточно, повикувајќи се на Агендата 2030 на Обединетите нации (ОН), погрешно толкувајќи го и извитоперувајќи го документот и неговите цели, се креира антизападен сентимент.

Во реалноста, ова е јавен, необврзувачки документ усвоен од сите земји членки на ОН во 2015 година. Неговото официјално име е „Трансформирање на нашиот свет: Агенда 2030 за одржлив развој“. Агендата содржи 17 цели насочени кон решавање на глобалните проблеми како што се сиромаштијата, гладот, климатските промени и пристапот до образование и здравство. Агендата нема правна сила да менува закони ниту пак да укинува суверенитет на која било држава.

Најголемиот дел од наведените точки во објавата што ја рецензираме се целосни измислици или екстремни манипулации на реални концепти.

Не е точно дека Агенда 2030 е креирана за да наметне една светска влада, војска и укинување на суверенитетот. ОН е организација составена од суверени држави и нема моќ, ниту план да создаде глобална влада или армија. Напротив, Агендата 2030 се потпира на националните влади сами да ги спроведуваат целите согласно нивните закони.

Не е точно дека се работи на укинување на приватната сопственост и семејството. Ниту еден документ на ОН не повикува на укинување на приватната сопственост или семејството. Ова тврдење често се извлекува од еден есеј на Светскиот економски форум (WEF) од 2016 година кој претставуваше футуристичко предвидување („Ќе немате ништо и ќе бидете среќни“), што беше погрешно протолкувано како официјален план.

Не е точно ни дека ќе се спроведува депопулација преку вакцини и микрочипови. Целта за здравство во Агендата 2030 повикува на намалување на смртноста кај новороденчињата и мајките и подобар пристап до медицинска нега. Вакцините спасуваат животи, а теориите за микрочипови се научно неосновани и постојано демантирани.

Демографската транзиција е природен економски процес. Популацијата во светот ќе продолжи да расте. Кога во една земја ќе се подобрат здравството, образованието и економските услови (што е цел на Агендата 2030), стапката на смртност кај децата опаѓа. Историски е докажано дека кога родителите се сигурни дека нивните деца ќе преживеат, тие природно одлучуваат да имаат помалку деца (но поквалитетно згрижени). Никој не спроведува присилна депопулација, се работи за планирање на семејството и еманципација.

Светската здравствена организација (СЗО) нема правна моќ да прогласи задолжителна вакцинација во ниту една суверена држава. Здравствените политики, вклучително и календарот за задолжителна имунизација (против сипаници, туберкулоза, полио итн.), се во исклучива надлежност на националните министерства за здравство. Агендата 2030 повикува на пристап до вакцини за сиромашните земји со цел да се искоренат смртоносните болести, а не на присила. Дополнително, вакцините веќе постојат, а светската популација и понатаму расте и се очекува да расте во наредните години. Доколку вакцините навистина спречуваа раст на популацијата, тогаш овој тренд ќе беше обратен.

Наспроти наведеното во објавата не се заговара ниту „деца во владина сопственост“. Децата ги воспитуваат и чуваат нивните семејства и родители, во различни општества кадешто има образование, здравство, социјална политика, норми итн. Секоја држава обезбедува услови за воспитување и образување и здравствена заштита на децата, меѓутоа нивните родители се грижат за нив во системите на социјална и образовна инфраструктура создадени од државите.

Неточно е наведеното за контрола на патувањата, 5Г и социјални кредити. 5Г технологијата е едноставно следна генерација на мобилна мрежа (како што беа 3Г и 4Г) за побрз интернет, а не за следење луѓе. Системот за социјални кредити е специфичен за Кина и не е дел од никаков глобален план на ОН.

Не се спроведува ниту агенда за една светска религија. Особено во ЕУ религиозните права на сите граѓани се неприкосновени и уставно гарантирани, а плурализмот е согледан во постоењето на различни деноминации, религии, организации каде луѓето може да ги изразуваат своите различни религиски погледи и да ја практикуваат својата вера.

Нема да се укинуваат ниту приватни фирми, возила и домови. Агендата 2030 промовира одржливо земјоделство за да се прехрани планетата и транзиција кон обновливи извори на енергија за да се намали загадувањето. Таа не предвидува забрана на приватни возила, приватни куќи или земјоделство, туку поттикнува поеколошки опции (електрични возила, енергетски ефикасни домови).

Постоењето на „15-минутни градови“, како што претходно пишуваше Вистиномер, нема врска со контрола на движењето туку со овозможување на инфраструктура за луѓето да можат да ги завршат своите обврски на мало растојание, поради лагодност и удобност а не поради тоа што ќе им биде забрането или контролирано движењето.

Понатаму, ОН немаат моќ да ги принудат градовите да го усвојат планот „15-минутни градови“, според Флоренсија Сото Нињо-Мартинез.

Иако концептот се дискутираше на различни форуми за климата бидејќи може да им помогне на градовите да ги намалат своите емисии, ОН не можат да им наложат на градовите да го усвојат овој концепт. Секоја земја и секој град се слободни да одлучуваат како сакаат да се направат поодржливи, изјавила таа за Ју-ес-еј Тудеј 

Објавата претставува класичен пример за теорија на заговор која користи страв и дезинформации за да манипулира со јавноста. Тврдењата дека Агендата 2030 ќе донесе тоталитарно општество се целосно неточни и измислени. Таа е јавен план за борба против сиромаштијата и климатските промени, без никаква моќ да ги одземе индивидуалните слободи или националниот суверенитет.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција