Сè што беше договорено ВМРО ДПМНЕ опструираше, вклучително и СЈО

Димовски Илија. Фото: Веб сајт на ВМРО ДПМНЕ

Многупати од повеќе новинари, политичари, невладни организации, меѓународни организации, странски дипломатски претставници,  е утврдено дека ВМРО ДПМНЕ во најголем дел од обврските од Договорот во Пржино правеше опструкции. Тоа беше главна причина што на двапати дојде до одложување на изборите со оценка од сите (освен од ВМРО ДПМНЕ), дека не се исполнети условите за одржување на избори

 

По неизгласувањето на иницијативата на СЈО, преточена во законска форма за измена на неколку закони меѓу кои и оној со кој се продолжува рокот за водењето истраги на СЈО кој сега трае 18 месеци, Илија Димовски ја даде следната изјава:

 

ВМРО-ДПМНЕ останува на својата одлука која се однесува на нашите ставови за СЈО. Не прифаќаме нови договарања и нови рокови надвор од тоа што е договорено во Пржино. Сè што беше договорено на тие разговори овозможивме, рече денеска на прес- конференција пратеникот од оваа партија Илија Димовски

[Извор: Плус инфо, Датум, 04.10.2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Илија Димовски, координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ се обиде одлуката на ВМРО ДПМНЕ да ја покрие со изјава која е невистинита, особено во делот од тврдењето дека не прифаќаат нови рокови за работата на СЈО и нови преговарања, зашто „сè што беше договорено на тие разговори овозможивме“.

Вистината е сосема поинаква. Со добро поткрепени анализи со многу факти,  многупати од повеќе новинари, политичари, невладни организации, меѓународни организации, странски дипломатски претставници,  е утврдено дека ВМРО ДПМНЕ во најголем дел од обврските од Договорот во Пржино правеше опструкции. Тоа беше главна причина што на двапати дојде до одложување на изборите со оценка од сите (освен од ВМРО ДПМНЕ), дека не се исполнети условите за одржување на избори.

Но, тука ќе се задржиме само на делот за обврската за формирање на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Се разбира дека ВМРО ДПМНЕ не може да се вади на фактот дека обврската е исполнета со тоа што тоа е формирано на време (именувана е на време специјалната обвинителка Катица Јанева и дека ѝ е овозможен буџетот што го проектираше како неопходен за календарските 2015/2016 година).

Договорот од Пржино почива на принципи и има цели. Еден од главните принципи е „Почитување на договорот во целосна и добра воља“, а потоа и „Почитување на демократскиот принцип на политичка одговорност“. Ниту едното ниту другото го видовме во случајот со Специјалното јавно обвинителство. Зашто ако постои првото, тогаш ВМРО ДПМНЕ како владејачка партија која е заинтересирана за функционирањето на правдата и правната држава во РМ, ќе се заложи за продолжување на рокот за истраги на СЈО барем онолку колку што е определен со ЗКП и за редовното Јавно обвинителство, со што ќе покаже дека го почитува и Уставот. Доколку, пак, постои „политичка одговорност“, партијата нема на секој возможен начин да го попречува СЈО, вклучително и преку влијане врз судската власт, за што веќе нема дилеми кај огромен дел од општата и стручната јавност.

Патем, според оваа анализа, само до јануари 2016, спроведувањето на Договорот од Пржино доцнеше во просек од 44 дена по област на спроведување.

Кога ќе се пресметаат вкупните доцнења направени поради опструкциите на СЈО, произлегува дека од 12 месеци од инаугурацијата на Специјалната јавна обвинителка, таа ефективно можела да работи помалку од шест месеци со целиот свој капацитет. Тука ќе потсетиме само на главните пречки – Доцнење со вселување во привремените простории, доцнење со примопредавање на материјалот од Основното јавно обвинителство во Специјалното, доцнење со предавање на доказите за случајот Пуч цели шест месеци, загубени речиси три месеци поради аболицијата на Ѓорѓе Иванов, која потоа беше повлечена, доцнење со измените на законот за јавно-обвинителските службеници, доцнење со адаптација на новинте простории на СЈО…. Впрочем, тоа го потврдуваат и од СЈО. Сите други задоцнувања може да се припишат на други фактори, меѓу кои пред се на судот и неговите постапки, и оние 15 дена доцнење поради одложеното предавање на материјалите од страна на СДСМ од моментот кога Јанева ги повика.

Овие опструкции во работата на СЈО не се плод само на домашни анализи, туку за нив уште од поодамна се произнесоа и Европската унија и САД и Европскиот парламент, а и најновите барања од Брисел и Вашингтон од пред некој ден беа поддршка за СЈО.

Затоа, изјавата на Илија Димовски ем е недоследна во смисла на оправдување на партијата за постапката да не му се излезе во пресрет на барањето за законска измена од страна на СЈО, ем е невистината во делот дека сè што презеле како партија исполниле.

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Тео Блажевски

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција