Се споделува теорија на заговор дека „исчезнале“ 15 милиони гласови на изборите 2024 во САД – но тие уште не се пребројани
Разликата помеѓу резултатите од 2020 и 2024 година е мешавина од гласачки ливчиња што сè уште се пребројуваат, одредени избирачки блокови кои се менуваат и малку помал (а сепак многу висок) одѕив на гласачи на национално ниво.
Не е вистина дека 15 милиони гласови кои ги добил Бајден во 2020 година, сега, во 2024 година за кандидатката Камала Харис – исчезнале! Разликата помеѓу резултатите од 2020 и 2024 година е мешавина од гласачки ливчиња што сè уште се пребројуваат, одредени избирачки блокови кои се менуваат и малку помал (а, сепак, многу висок) одѕив на гласачи на национално ниво
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
И најзакоравените, со испиени мозоци „демократи” почнуваат да се прашуваат каде исчезнаа 15 милиони гласови во 2024 година. Точното прашање е од каде се појавија 15 милиони гласови во 2020 година. Кражба од невидени размери.
Tврдењето за исчезнатите гласови се појави и на социјалната мрежа Икс и тоа од профилот на хакерската група Анонимус.
Таа теорија, исто така, стана актуелна на некои американски конзервативни сајтови.
Но, не е вистина дека 15 милиони гласови кои ги добил Џо Бајден во 2020 година, сега, во 2024 година за кандидатката Камала Харис – исчезнале!
Како што пишува Њузвик, разликата помеѓу резултатите од 2020 и 2024 година е мешавина од гласачки ливчиња што сè уште се пребројуваат, одредени избирачки блокови кои се менуваат, конкурси што допрва треба да се распишат и малку помал (а, сепак, многу висок) одѕив на национално ниво. Наведената бројка од 15 милиони гласови „што фалат/недостасуваат“ за демократите веќе е променета, со пребројување во упоришта како Калифорнија, Орегон и Вашингтон во четвртокот, пишува Њузвик.
Дека не може да се каже оти 15 милиони гласови „исчезнале“ додека не се пребројат гласовите целосно и во сите држави, пишуваат проверувачите на факти и на Лид Сторис.
Како што пишува Асошиејтед Прес, мултимилионската разлика во бројот на гласачи меѓу 2020 и 2024 година потхранува лажни наративи за изборите. Помалку од 24 часа откако Доналд Трамп беше изгласан за 47 претседател на САД, корисниците на социјалните мрежи почнаа да шират конфликтни наративи за да сугерираат на наводна „изборна измама“ – а едниот од тие наративи е претставен во објавата што ја рецензираме, дека „изборите во 2020 му биле украдени на Трамп“ како и „зошто Камала Харис добила толку многу помалку гласови во 2024 споредено со тие што ги доби Бајден во 2020“.
Двата наративи се потпираат врз наводна разлика од 20 милиони гласови меѓу Камала Харис и Џо Бајден, односно дека Бајден во 2020 добил 20 милиони повеќе гласови отколку Камала во 2024. Ова, според невистинитите објави, „значи дека или Трамп лажно победил во 2024 или дека пред 4 години имало измама на изборите“.
Овие тврдења се непоткрепени. Гласовите од претседателските избори што се одржаа во вторникот, уште се бројат така што секоја споредба со претходните изборни трки е невистинита. Дополнително, официјалните лица за спроведување на изборите и агенциите за мониторинг на гласањето немаат пријавено значителни проблеми поврзани со изборите, пишува Асошиејтед Прес.
Директорката на Агенцијата за сајбербезбедност и инфраструктура, Џен Истерли во изјава потврдува дека сè било во најдобар ред:
Како што повторно и повторно кажувавме, нашата инфраструктура за изборите никогаш не била посигурна и гласачите никогаш не биле подобро подготвени да гласаат на безбедни, сигурни, слободни и фер избори за американскиот народ. Ова го видовме на изборите во мирна и безбедна вежба на демократијата. Најважно, немаме докази за било какви малициозни активности кои би имале материјален импакт врз безбедноста и интегритетот на нашата гласачка инфраструктура, изјави таа.
Вистиномер веќе го има дебанкирано тврдењето дека во 2020 година изборите на Трамп му биле „украдени“.
Конзервативците ја користат изборната победа на новоизбраниот претседател Доналд Трамп во 2024 година за повторно да обвинат дека изборите во 2020 година биле фалсификувани. Изборите во 2020 година не беа украдени. Претседателот Џо Бајден победи на изборите во 2020 година. Државите ги потврдија резултатите, Конгресот ги прифати резултатите и Бајден беше инаугуриран во јануари 2021 година, пишуваше неодамна американскиот сервис PBS.
Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар