Сè уште има трки со мотори на скопските булевари

Фото: pixabay.com

Ветување: СТОП ЗА ТРКИТЕ СО МОТОРИ ЗА ДА СПИЕМЕ МИРНО!

Ставаме крај на неодговорното брзо возење, во ноќните часови, низ Карпош. На бучните трки со мотори и со автомобили им пристапуваме сестрано, бидејќи местото не им е во резиденцијалниот дел од градот. Ангажирајќи ја секојдневно помошта на полицијата, како и со интервенции во дизајнот на улиците, работиме на ставањето крај на овој проблем и овозможување мирен сон и нерви за карпошовци.

[Извор: Петре Шилегов- Програма за локални избори во 2017 година „Живот за Скопје, живот за сите“ стр. 38, датум: октомври 2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, дадено за локалните избори во 2017 година дека ќе ги запре трките со мотори и со автомобили низ улиците во Скопје, досега (о6.07.2018) е само делумно остварено.

Шилегов  го даде ова ветување со цел да се спречи организирањето на диви трки на мотоциклисти  и да се подобри безбедноста на сообраќајот на улиците во Скопје. Ветувањето е и одговор на барањето на граѓаните да запрат дивите трки кои најчесто се организираат во Карпош на булеварите „Партизански одреди“ и „Митрополит Теодосиј Гологанов”, но и на други скопски булевари и улици: „Јане Сандански”, „Србија”, „Џон Кенеди“, „Лазо Трповски“, „Втора Македонска бригада“, „Христијан Тодоровски Карпош”, „Цветан Димов”.
Ветувањето е наведено во програмата на Шилегов, „Живот за Скопје, живот за сите“ во делот „СИНЕРГИЈА НА ГРАДОТ СО ОПШТИНИТЕ – „Скопје- Карпош“ на стр. 38.

Петре Шилегов и Стефан Богоев како кандидати а градоначалници на Скопје и Карпош на почетокот на кампањата во август лани ветија дека ќе направат сообраќајот во Скопје да биде безбеден.

Ќе градиме инфраструктура заедно со вас и ќе го направиме сообраќајот во Скопје безбеден затоа што сообраќај не подразбира само улици, сообраќај подразбира и пешаци и велосипеди и мопеди и јавен градски превоз ( Шилегов на 25.09 2017) .

На прашањето на „Вистиномер“ што е преземено да се спречат дивите трки со мотори по улиците на Скопје, од Градот одговорија:

Сообраќаните режими за сите учесници во сообраќајот на градските улици се точно пропишани и сите, вклучително и корисниците на мотори, ќе мора да ги почитуваат, пред сѐ во интерес на заштитата и безбедноста во сообраќајот. Регулацијата на сообраќајот е во надлежност на сообраќајната полиција и тие се субјектот кој треба да го санкционира непочитувањето на сообраќајните правила,

Скопската полиција од април годинава ги интензивира контролите во сообраќајот за спречување на вакви трки. Вакви контроли полицијата, инаку презема од јуни минатата година кога министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на твитер најави: „крај на дивите трки и побезбедни скопски улици“.

Градоначалникот на Општина Карпош, Богоев, пак, во мај годинава на настан за подобрување на сообраќајната безбедност во Карпош,  најави интензивирање на соработката со СВР Скопје:

Општина Карпош ќе ја интензивира соработката со СВР Скопје, со намера да се спречат и трките долж „Партизанска“ кои претставуваат сериозен проблем за граѓаните кои живеат на овој потег, но и за целокупната безбедност во сообраќајот во Скопје“. ( Богоев на својот фејсбук профил).

Во решавањето на проблемот се вклучија и членовите на мотоклубот „Ноќни волци“ кои велат дека е потребно системско решение и контроли на сообраќајниците по полноќ период во кој се организираат вакви трки по улиците во Скопје. Како едно од можните решенија, според нив, е изградба на повеќенаменска мотописта.

Отворање специјализирана мотописта ќе доведе до зголемување на безбедноста во сообраќајот.Тоа може да помогне, некои од овие лица зависници од големи брзини своите потреби да ги задовоилат на оваа патека, односно да се тргнат од улиците. Секако не можеме да бидеме сигурни дека со тоа ќе бидат спречени трките по улиците, за што е потребно системско решение, но ќе се намали опасноста моторџиите да се изложуваат на ризик и да ги изложуваат на опасност и другите учесници во сообраќајот, изајви за „Вистиномер“,Ленин Јовановски, член на мото клубот „Ноќни волци“.

Сепак, и покрај желбата да се стави кај на дивите мото трки по улиците на Скопје и редовните акции на полицијата, трките со мотори по скопските улици сѐ уште не се запрени, иако  како што велат граѓаните, во последно време тие се поретки.

Според направената проверка, ветувањето на Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје, дадено за време на локалните избори во неговата програма „Живот за Скопје, живот за сите“,  дека ќе ги запре трките со мотори и автомобили во Карпош, го сметаме за делумно исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Рада Исовска – Маневска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција