Сè уште не е донесен нов закон за донирање храна

Фото: pixabay.com

 

Ќе донесеме закон, по урнекот на Франција, што ќе овозможи донирање на храна од страна на супермаркетите, рестораните, производителите и дистрибутерите.

 [ИЗВОР: Предизборна програма на СДСМ „План за живот“, стр. 215 , датум: декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

За предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.) СДСМ вети дека во првите шест месеци од мандатот ќе „донесе закон, по урнекот на Франција, што ќе овозможи донирање на храна од страна на супермаркетите, рестораните, производителите и дистрибутерите“. Ова изборно ветување на социјалдемократите досега (09.08.2018 г.), по повеќе од една година од мандатот на Владата предводена од СДСМ,   не е исполнето.

Споменатото ветување го има  во  изборната програма на СДСМ: „План за живот во Македонија“ , во  „Планот 180 – итни реформски приоритети на новата влада во првите 6 месеци“,  во поглавјето делот „   во делот „солцијална политика“  ( стр. 215).  Што значи, според рокот за реализација наведен во програмата (првите шест месеци од мандатот), законското решение кое треба да овозможи полесно  донирање на храна, требаше да биде направено најдоцна до крајот на ноември 2017 година – со оглед на тоа што новата Влада на премиерот Зоран Заев беше избрана на 31 мај 2017 година. Сепак, наспроти ваквите планови досега (09.08.2018),  тоа не се случи.

Проверката на „Вистиномер“ покажа дека до моментот кога е пишуван овој текст  не е донесен нов закон, ниту пак, се направени измени на законите кои ја третираат оваа проблематика. А, такви се на пример, Законот за безбедност на храната и  Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности , со кои би се овозможиле даночни олеснувања за македонските компании кои сакаат да донираат храна.

Законот за донации и спонзорства е донесен во 2006 година, а во изминатите 12 години  неколкупати е менуван. Како што може да се види на сајтот pravo.org.mk, последните измени на Законот за донации и спонзорства се направени во септември 2015 година.

Новото законско решение за донирање храна  не се споменува во ниту  отчетот  за работата на Владата во првата година од нејзиниот мандат, презентиран на 30.05.2018 година.

 

НЕВЛАДИНИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ БАРААТ ПРОМЕНА НА ЗАКОНСКАТА РЕГУЛАТИВА

 Граѓанските организации  веќе имаат покренато иницијатива за донесување на нова законска регулатива  за донирање на вишокот храна. Носител на иницијативата  е граѓанската  коалиција „Ајде Македонија“ со вкупно стотина граѓански организации, а новото законско решение треба да го  регулира  донирањето на големите количества храна кои доаѓаат од процесите на производство, нејзино чување, транспорт и продажба од страна на земјоделците, фабриките, супермаркетите, добавувачите и др. Притоа, невладините организации ги посочуваат како особено важни за регулирање на оваа материја Законот за донации и спонзорства и  Законот за безбедност на храната.

Во ноември минатата година (2017) премиерот Зоран Заев  се сретна со претставници на Националниот Демократски Институт и со претставници од граѓанскиот сектор, и ја поддржа  иницијативата за носење нова законска рамка  за донирање храна.

 Владата на Република Македонија е подготвена да работи со сите заинтересирани чинители во општеството на сите важни прашања за граѓаните. Развиваме политики за подигнување на животниот стандард на граѓаните, но факт е дека хуманата димензија е важен сегмент во секое општество и ние ќе овозможиме нејзина активна примена. Ја цениме соработката со граѓанските организации, која што продолжува и по промените, преку градењето демократско, современо општество – (Заев)

Сепак и покрај поддршката од институциите, сѐ уште нема нова законска рамка за донирање на вишокот храна. Деновиве (07.08.2018) „Плусинфо“ пренесе изјава од Блаже Јосифовски од  граѓанската организација „Ајде Македонија“ во која тој вели:

Лани формиравме работни групи со институциите кои работат на решенијата. Се направија и препораки, па се сретнавме и со премиерот Зоран Заев во декември и добивме поддршка, но после тоа нема реализација. Последно што е направено на овој план е седницата посветена на оваа тема на Комисија за човекови права на Собрание –(Јосифовски)

Инаку, на 23 април оваа година (2018) граѓанската организација „Ајде Македонија“ со поддршка на Швајцарската амбасада, УСАИД, Мировниот Корпус, Националниот Демократски Институт и агенцијата за маркетинг комуникации „Publicis One“, го промовираа новиот проект „Сите Сити“ . Како што тогаш беше соопштено,  овој систем за донирање и дистрибуција на храна до граѓаните на кои им е потребна за почеток ќе функционира во главниот град и преку 14 граѓански организации ќе опслужува најмалку 1.000 лица со по два оброка дневно, со план од наредната година да се прошири и во другите градови.

 Па, имајќи предвид дека изборно проектираниот рок (шест месеци од формирањето на Владата) за донесување „закон по урнекот на Франција, што ќе овозможи донирање на храна од страна на супермаркетите, рестораните, производителите и дистрибутерите“, е поминат, а  досега (09.06.2018) тоа сѐ уште не е направено, споменатото ветување на СДСМ го оценуваме како неиспонето.

 

ИЗВОРИ:

Оцени: Оливера Војновска

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција