Сè уште не е функционален единствениот повикувачки број за кризни ситуации Е-112

ВЕТУВАЊЕ: Ќе воспоставиме единствен систем за известување и тревожење и единствен комуникациско-информациски систем со реализација на повикувачкиот број за кризни ситуации – Е-11.

[Извор: СДСМ – План за живот во Македонија, стр. 255, декември 2016 ]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на СДСМ дека ќе воспостави единствен повикувачки број за кризни ситуации – Е-112  е делумно исполнето. Ова може да се потврди од тоа што Владата досега (12.02.2020 година) го реализира во однос на воспоставувањето на универзалниот повикувачки број за кризни ситуации Е-112 , неколку месеци пред  завршувањето на нејзиниот мандат  со оглед дека е договорен датумот на парламентарните избори – 12 април 2020 година.

Според достапните информации, досега е реализиран само дел од планираното за воспоставување на овој број. Центарот за управување со кризи кој заедно со повеќе институции е задолжен да создаде предуслови за воспоставување на европскиот единствен повикувачки број  соопшти  дека се обезбедени пари  за завршување на  поголемиот дел од планираното и моментално се  работи на градежно, информациско и комуникациско уредување на просторот наменет за оперативниот центар. Во овој период е почната постапката за воспоставување осум регионални центри за што општините треба да обезбедат просторни услови.

Како што соопштија од Центарот за управување со кризи,  потребен е дополнителен период  за довршување на проектот,  дополнителни финансиски средства како и обука на кадарот што треба да работи во оперативниот центар. Сето тоа треба да  биде завршено до  крајот на 2020 година односно до почетокот на 2021 година.

Ветувањето СДСМ го даде за време на  последните парламентарни избори во 2016 година во  својата програма  Планот за живот во Македонија на стр.255 во поглавјето „Заштита од природни катастрофи“, со рок на реализација во периодот од две години по изборот на Владата.

Универзалниот повикувачки број 112 треба да ги замени броевите на службите на полиција 192, противпожарна заштита 193, брза помош 194 и управување со кризи 195.

Инаку, системот на Е-112 веќе со години постои во земјите од ЕУ и константно се надградува за што поефикасно справување со итни ситуации. Од земјите од опкружувањето бројот за итни случаи 112 веќе се користи во соседна Грција и Бугарија и е при крај со имплементација во Србија.

Кај нас за ваков број се зборува од 2009 година како дел од задачите поврзани со приближувањето кон ЕУ, но досега овој број не е имплементиран. Потреба од негово воспоставување покрај оценките во извештаите на ЕК за приближување на Европската унија се наметна и од актуелни кризни состојби. Тоа беше основа и СДСМ да го вметне во својата програма за последните парламентарни избори.

Владата го презеде ова ветување на СДСМ во својата Програма за работа 2017-2020 во делот „заштита од природни катастрофи“ каде што покрај воведувањето на бројот Е-112 се предвидува и развивање на современ хидрометеоролошки систем за рано предупредување во случај на ризик од невреме.

На својата 53. седница одржана на 06.02.2018 година како точка на дневен ред 16 Владата ја усвои информација за потребата од воспоставување на единствен комуникациско – информативен систем со единствениот европски број за итни повици Е-112.

Притоа, како што стои во записникот од седницата, Владата го задолжи Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Надзорниот одбор за супервизија на имплементацијата на системот за итни повици Е-112, да подготват и до Владата да достават информација за организацијата и функционирањето на бројот согласно добиените мислења од изработената нова Ревизија (2016 година) на Физибилити студијата за системот за итни повици Е-112 изработена во 2009 година.

Дополнително Владата го задолжи ЦУК на секои шест месеци да ја информира за сите започнати, преземени и завршени задачи, за изработената техничка документација и за постигнатиот напредок во воведувањето во употреба на европскиот број за итни повици Е-112.

Центарот за управување со кризи доби обврска и да одржи координативен состанок со Министерството за финансии, Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за информатичко општество и администрација, Секретаријатот за европски прашања, Дирекцијата за заштита и спасување и други надлежни институции, со цел да се изнајде начин за обезбедување финансиски средства потребни за реализација на предвидените активности откако претходно ќе се обезбедат алтернативи и начини на финансирање.

Сè до април 2019 година нема информации поврзани со имплементацијата на единствениот број за кризни состојби, но на 23 април на 131. седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата од одржаниот состанок на Надзорниот одбор за супервизија на системот за итни повици Е-112 во Република Македонија. Притоа ги задолжи Генералниот секретаријат на Владата, Министерството за одбрана, Министерството за финансии и Секретаријатот за европски прашања во рок од десет дена да номинираат свои претставници во Надзорниот одбор за супервизија и да ги достават до Центарот за управување со кризи.

Во меѓувреме директорот на Центарот за управување со кризи Агрон Буџаку оствари средби со градоначалниците на општините каде што, според планот, треба да се формираат осум регионални кол центри, бидејќи општините треба да обезбедат просторни услови од каде што ќе оперираат регионалните центри.

Во ноември лани медиумите (Нова Македонија) информираа дека веќе се работи на градежно, информациско и комуникациско уредување на просторот наменет за оперативниот центар за единствениот европски број за итни повици 112.

Имплементацијата на единствениот европски број за итни повици 112 е започната и во најголем процент воведувањето во употреба на овој број треба да заврши кон крајот на 2020 и почетокот на 2021 година. Обезбедени се финансиски средства за завршување поголем дел од имплементацијата и воведување во употреба на единствениот европски број за итни повици 112. Паралелно со набавката на опремата ќе се работи и на обука на лица што ќе ги примаат повиците и ќе управуваат со нив – информираа од ЦУК.

Еден месец подоцна Центарот за управување со кризи и официјално соопшти дека е почната имплементацијата на единствениот европски број за итни повици 112.

Согласно добиените финансиски средства од страна на Европската комисија во рамките на програмата „Миграција и азил, граничен менаџмент и борба против тероризам и организиран криминал”, како и предвидените финансиски средства во буџетот на Центарот за управување со кризи за следните три години, започната е имплементацијата на проектот – соопшти ЦУК.

Оттаму најавија и дека е планирано воведувањето на единствениот европски број до крајот на годинава или на почетокот на 2021 година.

Според достапните информации може да се заклучи дека имплементацијата на единствениот повикувачки број за итни состојби Е-112 што беше ветување на СДСМ на последните парламентарни избори е делумно исполнето.

 

ИЗВОРИ:

Оцени: Рада Исовска – Маневска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција