Сè уште не е укинат надоместокот за мрежарина за електрична енергија 

Фото: Foto3821, CC0, via Wikimedia Commons

Пролетта, пред парламентарните избори во 2024 година, ВМРО-ДПМНЕ вети дека веднаш по доаѓањето на власт ќе ја укине тарифата од 200 денари за пристап на електроидистрибутивната мрежа. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски беше избрана на 23 јуни 2024 година, но досега (30.03.2026) не е укинат овој фиксен надоместок во сметките за струја

Пролетта, пред парламентарните избори во 2024 година, ВМРО-ДПМНЕ вети дека веднаш по доаѓањето на власт ќе ја укине тарифата од 200 денари за пристап на електроидистрибутивната мрежа. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски беше избрана на 23 јуни 2024 година, но досега (30.03.2026) не е укинат овој фиксен надоместок во сметките за струја 

 

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во предизборната програма „Платформа #1198 – Македонија повторно твоја“, со која излезе на парламентарните избори во 2024 година, во делот „ЕНЕРГЕТСКИ СЕКТОР ВО СЛУЖБА НА МАКЕДОНИЈА“, вети укинување на давачката од 200 денари за пристап до мрежа: 

Ветување: УКИНУВАЊЕ НА ТАРИФАТА ЗА ПРИСТАП НА МРЕЖА 

Новата Влада предводена од ВМРО–ДПМНЕ ќе го ревидира тарифниот систем за снабдување со електрична енергија и ќе предложи укинување на тарифата за пристап на мрежа. Тарифата за пристап до мрежа е новоизмислена давачка од страна на Регулаторната комисија за енергетика која секој месец ги оптоварува сметките за струја за дополнителни 200 денари + 18% ДДВ без разлика на потрошеното количество на електрична енергија во текот на изминатиот месец. Рокот на реализација е до крајот на 2024 година 

[Извор: Предизборна програма „Платформа #1198 – Македонија повторно твоја“ (стр. 43); датум: март 2024] 

Образложение:  

Ова изборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ, за укинување на тарифата од 200 денари за пристап до електродистрибутивната мрежа, а за кое рокот за реализација беше крајот на 2024 година, досега не е исполнето. 

Пред изборите во 2024 година ВМРО-ДПМНЕ уверуваше дека веднаш по доаѓањето на власт ќе ја укине тарифата за мрежарина која граѓаните ја плаќаат во сметките за електрична енергија.

По формирање на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе поевтинат сметките за струја, поради укинување на тарифата за пристап на мрежа. 

Тарифата за пристап на мрежа од 200 денари е нова давачка која ја воведе СДС со цел да собере повеќе пари од граѓаните во буџетот.

Платформа 1198 предвидува укинување на мрежарината воведена од СДС.

Мрежарината од 200 денари е неоснована давачка која удира по џебот на граѓаните, соопшти ВМРО-ДПМНЕ во март 2024 година, тогаш партија во опозиција.

Во соопштението имаше и пресметка колку годишно ќе заштедат граѓаните од ваквиот потег на ВМРО-ДПМНЕ:

По формирање на владата ќе се ревидира тарифниот систем, и владата на ВМРО- ДПМНЕ ќе ја укине мрежарината од 200 денари, на која кога ќе се пресмета и ДДВ од 18%, доаѓаме до сума од 236 денари, пари за кои веднаш ќе се намалат сметките. 

Со оваа мерка секое домаќинство ќе заштеди по 3.000 денари годишно. 

И претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на промоцијата на програмата Платформа 1198 за парламентарните избори во 2024 година, исто така најави укинување на тарифата за пристап на електродистрибутивниот систем. 

Има една такса која од оваа година РКЕ почна да ја наплаќа, а тоа е пристапот на мрежа, тоа е како да наплаќа некој пристап на тротоар, пристап на улица, пат. Тие одлучиле да наплатат пристап на мрежа за да обезбедат повеќе пари, а да не кажат дека ја поскапеле цената за граѓаните. Ние тоа ќе го укинеме, сепак 200 денари можеби не значи многу месечно, но кога тоа ќе се мултиплицира е доволна заштеда за семејниот буџет, кажа тогаш Мицкоски. 

Но, наспроти ваквото ветување дадено пред изборите – и во кампањата и во програмата, дека „по формирање на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе поевтинат сметките за струја, поради укинување на тарифата за пристап на мрежа“, односно ќе се укине давачката од 200 денари месечно, сепак такво нешто не се случи.  

Неколку месеци по доаѓањето на власт, поточно во октомври 2024 година, премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по поставувањето камен-темелник на новото основно училиште „Крсте Мисирков“ во скопската населба Ченто, рече дека давачката за пристап од 200 денари на сметките за потрошена електрична енергија, ќе биде укината во текот на мандатот на оваа Влада, но не прецизираше кога. Тој тогаш кажа дека прво ќе се разгледаат пресметките што ќе ги направи  Регулаторната комисија за енергетика за трошоците на ЕВН Електродистрибуција: 

Во овој момент работиме на консолидирање на електроенергетскиот сектор и мислам дека Регулаторната комисија за енергетика ги прави пресметките. Кога тие ќе бидат готови ќе донесеме одлука којашто е најважна и најдобра за граѓаните. 

Владата предводена од Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е избрана на 23 јуни 2024 година, но оваа давачка досега (30.03.2026) не е укината. Граѓаните сè уште плаќаат по 200 денари „надомест за пристап на електродистрибутивниот систем“, што може да се види и на последната сметка за електрична енергија – за февруари 2026 година. Така што, ова изборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ со рок на реализација крајот на 2024 година, го оценуваме како неисполнето.

Фото: Принтскрин од сметка за електрична енергија за февруари 2026 година

Инаку, поранешниот претседател на РКЕ, Марко Бислимовски, уште кога ВМРО-ДПМНЕ пред две години најави дека планира да го укине фиксниот надоместок од 200 денари, реагираше дека  ваквиот потег би резултирал со зголемување на вкупната цена на струјата, а најмногу би настрадале најсиромашните. Бислимовски тогаш на прес-конференција предупреди дека доколку се укине надоместокот за пристап до дистрибутивната мрежа тогаш евтината тарифа на струјата ќе се зголеми за речиси 15 отсто, а ќе поскапат и блок тарифите, најмногу оние од првиот и од вториот блок. 

Извори: 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција