Сè уште не се знае дали ќе поскапи електричната енергија

 

 

Пишува: Ардит Рамадани

Со големи букви и со извичник на крајот на насловот, на овој начин порталот „Вечер.мк“ со сензационален наслов и повикувајќи се на чувствата на читателите, во ек на предизборната кампања пласираше лажна информација според која по изборите ќе има поскапување на цената на електричната енергија.

Во овој случај порталот проценил дека со еден сензационален и лажен наслов ќе натера што поголем број на читатели да кликнат на веста, која всушност е коректна, но насловот е изваден од контекст.

Уште на самиот почеток авторот се демантира себе си. Иако ги употребил сите можни методи за да ја направи веста што попривлечна во очите на читателите, авторот всушност го демантирал насловот уште во првата реченица на веста.

Во насловот се вели дека „после изборите ќе се покачува цената на струјата“, а пак текстот почнува со:

Регулаторната Комисија за енергетика сеуште не донела одлука околу тоа дали ќе има золемување на цената на електричната енергија.

На почетокот на овој месец, речиси сите енергетски компании побараа поскапување на електричната енергија и истите доставија пресметки за поскапувањето. Меѓутоа, одлуката дали ќе поскапи или не електричната енергија, сè уште не е донесена.

Вака, пред 3 дена, изјавија од Регулаторната комисија за енергетика:

Во разговори сме со компаниите и бараме дополнителни податоци, ова е една многу карактеристична година. Односно, и во делот на потрошувачката имаме една невообичаена ситуација. Ова процедура можеби ќе трае и во месец јули.

Значи, јасно е дека Регулаторната Комисија за енергетика, која е надлежна за зголемувањето или намалувањето на цената на електричната енергија, сè уште не донела таква одлука и велат дека ова процедура ќе продолжи и во месец јули.

Читателите треба да бидат крајно внимателни и никогаш да не носат заклучоци само врз основа на насловот, затоа што написи како овој што го рецензираме има многу, посебно сега за време на предизборната кампања.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција