Сè уште нема абер од ветените народни канцеларии на претседателката Сиљановска
Силјановска-Давкова меѓу примарните цели за кои ќе се залага како претседател ветуваше дека првото што ќе го направи ќе биде враќањето кај граѓаните преку повторно отворање на народните канцеларии. Граѓаните во првите шест месеци од нејзиниот претседателски мандат сè уште не можат да остварат директен контакт со неа во отворените народни канцеларии бидејќи тие не постојат.
Сиљановска-Давкова меѓу примарните цели за кои ќе се залага како претседател, ветуваше дека првото што ќе го направи ќе биде враќањето кај граѓаните преку повторно отворање на народните канцеларии. Граѓаните во првите шест месеци од нејзиниот претседателски мандат сè уште не можат да остварат директен контакт со неа во отворените народни канцеларии, бидејќи тие не постојат
Претседателката на С. Македонија Гордана Сиљановска-Давкова во кампањата за седмите по ред претседателски избори (24 април, прв круг; и 8 мај, втор круг 2024 година, заедно со парламентарните избори), меѓу другите ветувања од програмската платформа „Македонија повторно горда“ во воведниот дел „Владеење на правото“, како еден од предлозите за конкретни активности и проекти во нејзиниот мандат наведува дека ќе ја врати практиката на отворени канцеларии на претседателот.
Ветување: Ќе ја вратам практиката на отворени канцеларии на претседателот, со отворање можност за директен контакт во определени термини или преку електронска пошта. Ќе бидам секогаш подготвена да ги слушнам нивните поплаки, особено во однос на нивните слободи и права, но и да ги слушнам предлозите за политиките на претседателот.
[Извор: Платформа „Македонија повторно горда“ – Принципи за делување (стр.12); датум: 18.04.2024]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ветувањето за отворени канцеларии на претседателот во програмскиот текст беше дури и болдирано заради поголема впечатливост, а беше редовно споменувано и на предизборните митинзи на Сиљановска-Давкова како кандидат за претседател.
Иако актуелната претседателка во нејзината предизборна програма и настапите на митинзите ветуваше дека народните канцеларии кои ќе служат за директен контакт со граѓаните ѝ се приоритет во нејзиното делување, тие до денес сè уште не постојат.
Говорејќи за целите за кои ќе се залага како претседател, Сиљановска Давкова велеше дека првото што ќе го направи е дека ќе се врати кај граѓаните преку повторно отворање на народните канцеларии. И во нејзиното обраќање пред присутните на митингот организиран од партијата ВМРО-ДПМНЕ, со кој беше означен почетокот на нејзината кампања во трката за шеф на државата, таа ги посочи народните канцеларии.
Имаше еден умен изум на еден претседател се викаше народна канцеларија. Одговорно тврдам дека ќе ги отворам за вас, да ве чујам, да ве прашам за совет, рече Сиљановска-Давкова.
И на прес-конференција одржана во Централниот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ вечерта на 8 мај по вториот круг на гласање, кога беше прогласена нејзината победа, Сиљановска-Давкова повтори дека портите на канцелариите на претседателот ќе бидат отворени за сите граѓани.
Она што го ветив во предизборната кампања, почнувајќи од народните канцеларии, преку обраќањата до Парламентот, преку личностите во Судскиот совет, Уставниот суд и Советот за безбедност, дека ќе ги вршам врз основа на стручност, компетентност и нема да ја заборавам разноликоста, рече Сиљановска- Давкова.
Народните канцеларии на Сиљановска-Давкова се споменуваат и во соопштението за потпишаниот Меморандум за соработка меѓу Кабинетот на претседателот и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, објавено на 1 август 2024 на сајтот на претседателката на РСМ, откако таа веќе ја извршува должноста:
Согласно Меморандумот, институциите ќе соработуваат во однос на заеднички медиумски активности и настани за стратешки прашања од областа на еднаквоста и недискриминацијата, обезбедување обуки и тренинзи од Комисијата за вработените во Кабинетот за сензибилизирање и градење капацитети за недискриминација и еднаквост, покровителство на Претседателката при организирање јавни дебати и тркалезни маси за носење или измени на закони и политики во насока на унапредување на еднаквоста, како и користење на Народните канцеларии на Претседателката за организирање активности и настани на Комисијата, се вели, меѓу другото, во соопштението од кабинетот на преседателката.
Како што стојат работите, досега нема отворено ниту една народна канцеларија на претседателот, ниту пак, постои вест дека воопшто се работи на нивно отворање.
„Вистиномер“ на 28.11.2024 г. побара информација од Кабинетот на претседателката Сиљановска, поточно од лицето за посредување при остварување на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, за тоа до каде е процесот со отворањето на ветените народни канцеларии. До објавувањето на овој текст (5.12.2024) не добивме повратна информација.
Според горенаведените факти, ветувањето на Сиљановска дека ќе ја врати практиката на отворени канцеларии на претседателот, со отворање можност за директен контакт со граѓаните во определени термини, го оценуваме како неисполнето.
Извори:
- (18.04.2024) Платформа „Македонија повторно горда“ – Принципи за делување (стр.12) – [проверено на 5.12.2024]
- (08.04.2024) 360 степени Силјановска-Давкова: Првото што ќе го направам како претседател ќе биде враќањето на народните канцеларии – [проверено на 5.12.2024]
- (08.05.2024) ТРТ Балкан Силјановска Давкова: Ќе се однесувам како претседателка на сите граѓани – [проверено на 5.12.2024]
- (01.08.2024) pretsedatel.mk Кабинетот на претседателот и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација потпишаа Меморандум за соработка – [проверено на 5.12.2024]
Оцени: Стојан Синадинов
***
Како што е посочено погоре, „Вистиномер“ на 28.11.2024 г. побара информација од Кабинетот на претседателката Сиљановска за тоа до каде е процесот со отворањето на ветените народни канцеларии. На 16.12.2024 добивме одговор од Кабинетот на Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во кој се вели дека Кабинетот формално-правно, со барање до надлежните институции, ја има започнато процедурата за обезбедување соодветни простории кои ќе ги исполнуваат сите потребни услови за функционирање на отворените канцеларии.
Во тек е утврдување на концепти, методи и начини за функционирање на канцелариите и усогласување на потребните аспекти, логистички и технички предуслови, со цел непречена и континуирана реализација на активностите „Отворени канцеларии на Претседателот”, предвидени во предизборната програма на претседателката Сиљановска Давкова. Во моментов, граѓани и здруженија имаат можност по електронски пат да ги доставуваат своите предлози и идеи и да остваруваат комуникација со Кабинетот, како и директни средби со претседателката Сиљановска Давкова, се вели во одговорот на Кабинетот на Претседателката Сиљановска Давкова.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар