Сè уште нема автомати за издавање документи

Ништо од ветените автомати за вадење изводи од матичните книги www.uvmk.gov.mk

 

ПРОЕКТ : „Автомати за издавање документи“

 Во централни локации низ неколку градови ќе се постават автомати каде што граѓаните врз база на електронска идентификација (на пр. со биометриски документ) ќе можат да добијат повеќе услуги и документи од типот на извод од матична книга, имотни листови, документи од Централниот регистар, Царинската управа, Управата за јавни приходи, Катастарот и другите. Автоматите ќе бидат поврзани преку интернет до оние институции што ги издаваат своите услуги електронски. Граѓаните ќе можат преку платежна картичка да ја платат услугата и дополнителни услуги како вода, струја, телефонија итн. Особено ќе бидат корисни во општини каде што нема подрачна единица од централните институции и граѓаните постојано треба да патуваат до најблиската канцеларија. (Буџет: 900 илјади денари по автомат РОК: 2018)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

 Проектот „Автомати за издавање документи“ е неисполнето ветување  на  ВМРО-ДПМНЕ, дадено во  изборната програма „Проверено“  (2014 – 2018) во делот  „Информатичка технологија и реформи на јавна администрација“(стр.95), а истиот го има и во  Програмата на Владата на ВМРО-ДПМНЕ во 2014 г. (стр.24), каде е наведено:

Автомати за издавање на документи каде граѓаните ќе може да добијат услуги и документи од типот на извод од матична книга, имотни листови, документи од Централниот регистар, Царинската управа, Управата за јавни приходи, Агенција за катастар на недвижности и др. (2018)

На 24 април  2014 година медиумите објавија дека тогашниот министер за надворешни работи Никола Поповски и носител на листа во ИЕ 6,  при посета на Тетово го промовирал проектот.

Во централни локации низ неколку градови ќе се постават автомати каде што граѓаните врз база на електронска идентификација (на пр. со биометриски документ н.з.) ќе можат да добијат повеќе услуги и документи од типот на извод од матична книга, имотни листови, документи од Централниот регистар, Царинската управа, Управата за јавни приходи, Катастарот и другите. Автоматите ќе бидат поврзани преку интернет до оние институции што ги издаваат своите услуги електронски. Граѓаните ќе можат преку платежна картичка да ја платат услугата и дополнителни услуги како вода, струја, телефонија итн. Особено ќе бидат корисни во општини каде што нема подрачна единица од централните институции и граѓаните постојано треба да патуваат до најблиската канцеларија  (Попоски).

Во Прграмата за работа на Министерството за информатичко општество и администреација (МИОА) од 2016 година (стр.12) проектот е предвиден за реализација како пилот – проект.

Преку овој проект е планирано на определена локација да се постави еден автомат во Скопје каде што граѓаните врз база на електронска идентификација ќе можат да добијат повеќе услуги и документи од Централниот регистар, Царинската управа, Управата за јавни приходи, Катастарот и други. Автоматот ќе биде поврзан преку системот за интероперабилност до оние институции што ги издаваат своите услуги електронски. Граѓаните ќе можат преку платежна картичка да ја платат услугата и дополнителни услуги како вода, струја, телефонија, радио дифузна такса и сл. Техничката спецификација за пилот проектот е изработена и истата ќе биде објавена во тендерска постапка согласно планот за набавка во Министерството, стои во Програмата.

Министерството за информатичко општество и администрација на 19.02.2016 година објави измена на Годишниот план за јавни набавки  за 2016 година, каде што е влезена и јавната набавка на апарати за издавање на документи со рок на почеток на набавката –  септември 2016 година. Во планот е утврдена и проценета вредност на уредите од 2.500.000 денари.

Но, при проверка  на интернет страницата на Министерството за информатичко општество не е пронајдена информација дека апаратите се набавени и дека се поставени на некои локации. Нема информација ниту дека тендерот е реализиран.

Исто така, со пребарување на интернет не може да се добие ниту една вест во медиумите дека вакви апарати некаде се пуштени во употреба.

Во врска со реализацијата на овој проект „Вистиномер“ се обрати во Министерството за информатичко општество и администрација, од каде ни одговорија :

Проектот „Автомати за издавање на документи” беше предвидена набавка во март 2016 година во вредност од 2.500.000 денари, само како – пилот проект. Целта беше да се испита исплатливоста и искористеноста, а дополнително да се видат и можностите за негово подобрување при евентуалната реализација на главната набавка. Но, во тој момент се подготвуваше и ИПА документација за аплицирање за добивање на ИПА средства, па тој проект беше предвиден да се реализира со средства од ИПА фондовите. Поради тоа што проектите не може да се дуплираат односно да стојат и во нашиот план за јавни набавки и истовремено да бидат аплицирани во ИПА, таа набавка беше извадена од планот за јавни набавки. Сепак, ИПА тендерот не се реализираше, а со тоа остана и проектот „Автомати за издавање на документи“, односно тој не се реализираше. За поголемите проекти секогаш е потребно прво физибилити студија, пилот проект, па подоцна реализација на главната набавка

Имајќи го предвид сето ова, како и фактот дека мандатот на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ заврши на 01.06.2017 г. (на 31.05.2017 г. беше избрана новата Влада предводена од Зоран Заев – СДСМ), ова изборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ  го оценуваме како неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Рада Исовска – Маневска

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција