Се ветуваат повисоки плати – како до раст?

Сегашните плати не овозможуваат излез од „бунарот“.

 

Економистите, но и дел од синдикатите, посочуваат дека овие просечни плати не ја отсликуваат реалната состојба во земјава, бидејќи поголем дел од вработените земаат плата пониска од просекот, а само мал дел, пак, имаат големи заработувачки, кои го зголемуваат државниот просек на нето и бруто плата. Не е проблемот само во однос на минималната плата – Македонија е во групата на земји и со најниска просечна плата. Tака на пример, просекот во Србија надминува 420 евра, во Црна Гора повеќе од 470 евра а во Хрватска над 770 евра.

(Неделна економска анализа на „Порталб“)

 

Пишува: Анета Додевска

 

Подобар животен стандард, повисоки плати и раст на минималната плата. Економските изборни програми испорачаа ветувања за она што е најклучно за граѓаните – зголемување на месечните примања. Но, колку и дали овие пресметки на хартија се остварливи и во реалноста?

 

МИНИМАЛНАТА ПЛАТА МОРА ДА СЕ ЗГОЛЕМИ

Со сегашниот гарантиран износ на минимална плата од 10.080 денари за годинава, не може да се обезбедат ниту минимални услови за достоинствен живот, односно со оваа сума не можат да се покријат ниту основните животни трошоци и затоа е очекувано „минималецот“ да биде дел од изборните партиски програми, но ветениот раст не треба да остане само голо ветување, коментираат дел од економистите за Portalb.mk. Сметаат дека висината на минималната плата мора да се зголеми, без разлика на чиј грб ќе падне зголемувањето – на приватниот сектор или на Буџетот, односно на државата.

Доколку се смета дека приватниот сектор не е во финансиска кондиција да го покрие зголемувањето на износот на минималната плата, тогаш државата е должна тоа да го покрие од буџетот. Според податоците на Државниот завод за статистика за октомври 2016, износот на минимална исплатена нето плата е исплатена во подсекторот Преработка на дрво и производи од дрво, од 9.921 денар; Производство на кожа и други производи од кожа, од 8.529 ден;  Производство на облека, рибарство, производство на мебел, дејности за подготовка на оброци и служење храна како и во секторот одржување на згради. Фискалните импликации од зголемувањето на минималната нето плата нема да бидат поголеми од 30 милиони евра на годишно ниво. Со такво зголемување на минималната плата нема значајно да им го подобриме животниот стандард на тие вработени, туку барем минимално ќе им се подобрат условите за живот. Со поправедна распределба на средствата во Буџетот, без посериозни проблем може да се реши овој проблем, вели универзитетскиот професор Сами Бислими во изјава за „Порталб“.

Во програмите на двете најголеми партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ веќе се вградени најавите и ветувањата за зголемување на минималната, но и на просечната, плата на ниво на државата.

Така, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на промоцијата на новата партиска програма „Реално“, меѓу другото, најави и зголемување на минималната плата.

Постоечката која изнесува 10.080 денари, ќе порасне на 12.000 денари во 2017, 12.500 денари во 2018, 13.200 денари во 2019, на 14.000 денари во 2020 година. Во текстилната и кожарската индустрија минималната плата која сега изнесува 9.000 денари, ќе порасне на 10.500 денари во 2017, 11.500 денари во 2018, 12.500 денари во 2019, на 13.500 денари во 2020 година. Ова покачување е реално и балансирано, и тоа ќе обезбеди зголемување на платата без ризик за отпуштања на вработени или пак проблеми кај работодавците, изјави Груевски.

Повисоки просечни плати најави и претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Ќе се залагаме за повисоки плати. Мора просечната плата да биде не помалку од 30.000 денари, 500 евра. Во семејство со двајца вработени, тоа се 1.000 евра. Така, ќе има и за јадење, и за сметки, и за одмор, и за сето она што значи достоинствен живот, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев.

 

ПРОСЕЧНАТА ПЛАТА НЕ ЈА ОДРАЗУВА РЕАЛНАТА СОСТОЈБА?

Во сепетември, просечната нето исплатена плата во земјава изнесувала 361 евро и во однос на истиот месец лани таа е зголемена за 0,8. Во истиот анализиран период, просечната бруто плата на ниво на државата изнесувала 530,7 евра.

Економистите, но и дел од синдикатите, посочуваат дека овие просечни плати не ја отсликуваат реалната состојба во земјава, бидејќи поголем дел од вработените земаат плата пониска од просекот, а само мал дел, пак, имаат големи заработувачки, кои го зголемуваат државниот просек на нето и бруто плата. Не е проблемот само во однос на минималната плата – Македонија е во групата на земји и со најниска просечна плата. Tака на пример, просекот во Србија надминува 420 евра, во Црна Гора повеќе од 470 евра а во Хрватска над 770 евра.

Под државниот просек се и платите што се исплаќаат во фабриките на странските инвеститори. На една од последните одржани прес конференции, од Советот за странски инвеститори објавија дека просечната плата во слободните економски зони изнесува 262 евра и дека таа била блиску до просекот што го исплаќале домашните компании во индустријата.

Отстапувањето во платите е минимално. Исплатата на бруто-платата во технолошките зони не отстапува од бруто-платата низ цела територија и таа е сразмерна со работните позиции и задачи на вработените. Раководните лица и средниот менаџмент на компаниите се подобро платени. Странските компании целосно ги исплаќаат придонесите за социјално и за пензиско осигурување. Работниците се исплаќаат согласно законски гарантираната минимална плата, изјави на стартот од годинава,  Влатко Стојановски од Советот на странски инвестиции при  Стопанска комора.

Според економистите, за подобар животен стандард потребна е сериозна и одржлива економска политика.

Животниот стандард на нашите граѓани не може да се очекува дека ќе се подобри со така ниски стапки на економски раст, но и со таква неповолна структура на домашната економија. Ниското ниво на продуктивност (пониска за најмалку пет пати во однос на САД, повоеќе од три пати во однос на Грција, 1,3 пати во однос на Бугарија, 1,2 пати во однос на Србија, не можеме да очекуваме зголемување на конкурентноста, а со тоа и доходовноста на домашната економија. Без инвестиции во функција на проширување на производните можности на домашната економија, не може да се очекува позначителен раст, ниту значајно зголемување на понудата на стоки од домашно потекло, од причина што, толкав е производниот капацитет на нашата економија, вели за Portalb.mk професорот Бислими.

Во земјава висината на платите, кои се во директна корелација со животниот стандард, главно се зависни од степенот на образование.

Така официјалните статистички податоци покажуваат дека во 2014 во однос на 2010 година, најголем пораст на годишната бруто-заработувачка од 21,4% е забележан кај лицата кои имаат завршено више образование додека најголем пораст од 27,5% на месечната бруто-заработувачка во 2014 година, во споредба со 2010, се забележува кај лицата со незавршено основно образование.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција