Се засилуваат критериумите за избор на член на Судскиот совет

Собрание на РСМ. Фото: Влада.гов.мк

Со новиот Закон за Судски совет меѓу другите измени се забележуваат и измените на критериумите за член на Советот од редот на судиите, како и од страна на Собранието и Претседателот на РСМ, кои сега се проширени и заострени

Со новиот Закон за Судски совет меѓу другите измени се забележуваат и измените на критериумите за член на Советот од редот на судиите, како и од страна на Собранието и Претседателот на РСМ, кои сега се проширени и заострени

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Новиот Закон за Судски совет(СС) којшто денеска (29.12.2025) беше усвоен во Собранието има повеќе измени, но една од поглавните се секако измените во однос на критериумите за избор на членови на СС, како од редот на судиите, така и од страна на Собранието и Претседателот на РСМ.

Бројот на членовите на СС останува ист – 15 членови од кои по функција се министерот за правда и претседателот на Врховниот суд. Осум членови се избираат по пат на конкурс од страна на активните судии во РСМ, тројца од страна на Собранието и двајца по предлог од страна на Претседателот на РСМ.

Во новото законско решение во воведот за оцена на состојбата на областа се наведуваат поголемите детектирани проблеми во пет точки:

  • Недоволна транспарентност и отчетност: постои перцепција за недоволна транспарентност на работата на Судскиот совет, особено при донесување на одлуки за избор и разрешување на судии.
  • Политичко влијание: се укажува на постоење на одредено политичко влијание врз работата на Судскиот совет, што ја поткопува довербата во независноста на судството.
  • Нејасни критериуми за избор и оценување: Практиката покажа дека постојат правни празнини или недоволно прецизирани критериуми за избор и оценување на судиите, што овозможува дискреционо постапување и нерамноправен третман.
  • Неефикасни механизми за одговорност на членовите на Судскиот совет и на судии: Процедурите за утврдување на одговорност на членовите на Советот или на судиите не се секогаш ефективни и правични. Недоволно разработен ефективен правен лек за разрешените и дисциплински казнети судии и претседатели на судови.
  • Недоволна дигитализација и административна поддршка: Работата на Советот не е доволно дигитализирана.

Во сите овие области има измени во однос на постоечкиот Закон за Судски совет од 2019 година, но сепак, едни од поважните и постојано дискутирани се изборот на членовите на Судскиот совет, меѓу другото и дека токму по старите критериуми се пополнува испразнето место од страна на Собранието во моментите кога се носи новиот закон, што веќе предизвика бројни реакции во јавноста.

Зголемен рокот за известување за потреба од нов член 

Веројатно со цел да не се оставаат празни места во Судскиот совет кога треба регуларно да престане мандат на некој од членовите, рокот за постапката што треба да започне од страна на претседателот на Судскиот совет сега е зголемена од три на 6 месеци.

Имено во досегашниот закон во делот Оглас за член на Советот во член 9 пишува дека:

Претседателот на Советот е должен најдоцна три месеци пред истекот на мандатот на Советот или на член на Советот:

-да распише оглас за избор на член на Советот од редот на судиите,

– да го извести претседателот на Собранието на Република Северна Македонија да распише оглас за избор на член на Советот што го избира Собранието и

– да го извести претседателот на Република Северна Македонија да му предложи на Собранието кандидат за член на Советот.

Во првиот став од овој член во новиот Закон зборот три месеци се заменува со шест месеци, со што секако се остава подолг рок за да се избегне доцнење на избор на нови членови во Советот.

Подолг стаж за избор во Советот од редот на судиите

Во условите за избор на член на Советот направена е физичка поделба и во новиот Закон член 11 започнува со избор на членови од редот на судиите, каде што се вели:

На огласот за избор на член на Советот од редот на судиите може да се јави секој судија кој во моментот на објавување на огласот врши судиска функција и кој ги исполнува следниве услови:

– да има најмалку 10 години судиски стаж,

– да има позитивна оцена во работењето во вршењето на судиската функција,

– да не му е изречена со правосилна одлука дисциплинска мерка намалување на плата во висина од 15% до 30% од месечната плата која трае во моментот на објавување на огласот.

Условите за позитивна оцена во работењето и да нема изречена дисциплинска мерка за платата се идентични со постоечкиот закон. Единствена крупна промена е направена во стажот. Имено, досега за да се конкурира за член на Советот беа доволни 6 години активен судиски стаж, додека овој услов сега се зголемува на 10 години.

Какви се критериумите за истакнат правник за избор од страна на Собранието и Претседателот?

Едни од подискутираните измени беа оние за избор на членови од страна на Собранието на РСМ, при што најпроблематизирана беше одредба за т.н. истакнат правник, односно условите кои се однесуваа на овој квалификатив. Во досегашните одредби за тоа кој може да се пријави на конкурс меѓу другото во членот 11 од досегашниот закон се наведуваа и следните услови:

-да е државјанин на Република Северна Македонија,

-дипломиран правник со најмалку 15 години работно искуство во правната професија со положен правосуден испит и кое во вршењето на правната професија се истакнало со научна или професионална работа или со свое јавно делување,

-да не е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело злоупотреба на службена должност и овластување во вршење на функцијата или друго кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци што го прави недостоен за да ја врши функцијата член на Советот и

-да ужива углед и да поседува интегритет за вршење на функцијата член на Совет.

Во новите услови се овозможува за член на Советот да се кандидираат универзитетски професори, како услов се бара и јавно делување во заштитата на правната држава или човековите права, а се бараат и најмалку три препораки:

– да е дипломиран правник со најмалку 15 години работно искуство во правната професија по положен правосуден испит или универзитетски професор по право со најмалку седум години работно искуство во наставно-научно звање,

– да се докажал со научна или професионална работа за прашања од областа на правосудството,

да се докажал со свое јавно делување во заштита на владеењето на правото, независноста на судството и човековите права,

– да ужива углед и да поседува интегритет за вршење на функцијата член на Совет за што приложува најмалку три препораки од универзитетски професори по право, адвокати, поранешни или сегашни судии на Уставниот суд или на меѓународни судови, или лица/е а со најмалку 15 години работно искуство во правната професија по положен правосуден испит од кои две од лица кои припаѓаат на истата правна професија.

Истите овие услови во новиот Закон се запишани и кај кандидатите што ги предлага Претседателот на РСМ, со тоа што е изоставен делот каде што интегритетот се докажува со најмалку три препораки.

Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова веќе неколку пати спомена дека ќе чека да биде усвоен новиот закон за да го достави својот предлог за двајца нови членови на СС според новите позаострени критериуми.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција