Се злоупотребуваат два изолирани настана за да се нарече Европа „мртов субјект“

Извор: © European Union, 202X, licensed under CC BY 4.0

Во склоп на објавата се споделува видео со 2 сегмента кои се однесуваат на два различни кривично-правни настана кои се временски и географски неповрзани.

Два изолирани кривично-правни настана со напади врз полицијата во две европски држави не ја прават Европа „мртов субјект“. Станува збор за пропаганден обид да се намали довербата и репутацијата на ЕУ како земја во која правата и слободите се практикуваат во рамките на правото

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

че оделе во #педофлскаЕУ а бе ретардирани а бе #ТОРКОВЦИ Европа одамна е мртов субјект само теба розовите наочари да ги извадите ретардирани специјалки

Во склоп на објавата се споделува видео со 2 сегменти кои се однесуваат на два различни кривично-правни настана кои се временски и географски неповрзани. Првиот е од новогодишната ноќ (1 јануари 2026 година), за што во светските медиуми веќе е известувано дека полицијата во Холандија се соочи со невидени нереди поврзани со употреба на пиротехника и досега незабележано ниво на насилство. Според текст на Би Би Си, во 2025 година во Холандија биле потрошени рекордни 129 милиони евра на пиротехника, според информација атрибуирана на холандската асоцијација за пиротехника, поради што од 2026 ќе има забрана за употреба на пиротехника која не е пријавена. На видеото од првата секвенца во објавата се гледа како едно холандско полициско возило е гаѓано со пиротехника во движење.

Втората секвенца од видеото од објавата што ја рецензираме има напис дека е од „исламисти во Шведска кои ја нападнале полицијата“, а на екранот е испишано дека се работи за 30 декември 2025. Но, Вистиномер пронајде фотографија од настанот од 2009 година, во новинарски текст на респектабилен медиум каде кога ќе се погледне околината, зградите, обележјата, начинот на кој се позиционирани полициските возила, евидентно е дека се работи за настанот којшто е презентиран во видеото. Текстот од 2009 година со фотографија од инцидентот презентиран во видеото, информира за настан од оваа година кога антиизраелски активисти се судриле со полицијата во Шведска каде се одигрувал тениски натпревар меѓу Израел и Шведска. Биле фрлани камења и петарди кон полициските возила, биле правени обиди да се пробијат барикадите, а барем 5 лица биле приведени. Инцидентот избил откако 7 илјади луѓе се собрале во Малме на плоштадот за да слушаат говори во кои се осудувала израелската офанзива на Газа, барајќи поддршка за Палестинците.

Како што може да се види и двата настана во видеото се географски одделени, временски се случиле во различни временски периоди, не се однесуваат на иста проблематика, но во двата е вклучена полицијата која е нападната.

Криминалните активности и од ваква и од друга природа се решаваат во државите на Европската Унија, согласно кривичното законодавство во секоја засебна држава, а полицијата постои за да се справува со најразлични ситуации. Тоа што во два наврата во различни држави и во различни временски интервали полицајци биле нападнати, не значи дека „Европа е мртов субјект“. Напротив, двата настана се разрешени согласно домашното законодавство и пружен е отпор, вршени се апсења и постапено е согласно полициските овластувања.

Не е точно наведеното во објавата дека „ЕУ е педофилска“. Европската Унија (ЕУ) не промовира педофилија. Таквата изјава е неоснована, погрешна и дел од дезинформации што понекогаш се шират на социјалните мрежи или во пропагандни материјали. ЕУ се противи на педофилијата и сексуалното злоставување на деца и работи на зајакнување на закони и мерки за заштита на децата. Институциите на ЕУ (Европскиот парламент и Советот на ЕУ) работат на значајно продолжување на роковите за гонење на случаи на сексуално злоставување на деца, бидејќи жртвите често пријавуваат со големо задоцнување.

Дигиталните платформи имаат обврска да пријавуваат и блокираат материјали со сексуално злоставување на деца.

ЕУ активно работи да ги заштити децата и да ги заостри законите против педофилијата и сексуалното злоставување: Европската комисија предложи нови правила за борба против сексуалното злоставување на деца, со проширена дефиниција на кривичните дела, зголемени казни и поддршка на жртвите.

Два изолирани кривично-правни настана со напади врз полицијата во две европски држави не ја прават Европа „мртов субјект“, туку тоа е пропаганден обид да се намали довербата и репутацијата на ЕУ како земја во која правата и слободите се практикуваат во рамките на правото. Така и двата настана добија соодветен полициски и институционален одговор. Невистина е наведеното дека ЕУ е „педофилска“ и тоа е дел од пропагандна кампања за демонизирање на Унијата, иако таа законски е голем противник и борец против злоставувањето на децата што е санкционирано во европското кривично право на сите држави од Унијата.

ЕУ развива регулативи што бараат од интернет компании да превенираат, пријавуваат и отстрануваат материјал за злоупотреба на деца. Советот на ЕУ планира нов центар — „EU Centre on Child Sexual Abuse“ — што ќе помага при спроведување на законите и поддршка на жртвите.

Никој официјално во ЕУ не предлага да се легализира педофилијата. Напротив — законот ја дефинира педофилијата како кривично дело во сите земји членки и затоа е дезинформација да се нарече ЕУ „педофилска“.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава во која се пропушта контекстот. 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција