Сечено, лепено и креирано „интервју“ на македонски историчар во бугарски медиум

 

Фрагмент од настапот  на претседателот на Макдонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, Драги Ѓогиев, кој се пренесува во софиски „Фактор“ е извлечен од дебатна емисија, во која практично нема автор, туку тоа е контактна емисија во живо со разни учесници и со различна квалификација за темата. Во емисијата учествува со 20-минутно излагање  и професорот Владо Поповски, ама тој е „невидлив за весникот“ (тогаш нема интервју, нели). Наводното интервју со Ѓоргиев,  со практично креирани елементи  од бугарскиот медиум, меѓу другото, се случило пред осум месеци.

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Во соседна Бугарија на 21 март годинава во весникот „Фактор“ (faktor.bg) е објавен текст кој е означен како интервју со професор Драги Ѓоргиев, човекот кој е копретседавач со мешовитата Македонск-бугарска комисија, а која ги решава проблематичните сегменти од историјата и учебниците по историја на двете земји. Ова тело има многу проблеми во својата работа околу темите за кои се обидува да најде заедники јазик, како што е прашањето на припадноста на царот Самоил, етничкото потекло на Гоце Делчев, кој го организирал Илинденското востание и слично. Напати работата на Комисијата е заглавена до точка кога се поставува пршањто на нејзиното натамошно егзистирање, а со тоа се  става под прашаалник и Договорот со Бугарија, (Договор за пријателство, добрососедство и соработка), што секако е значаен за натамошниот тек на преговорите со Европската унија.

Јасно е дека текстот предизвика големо внимание во Бугарија токму од тие причини, кога и тамошната јавност е заинтересирана за ставовите на овој соговорник, особено кога наводното интервју се пласира со наслов: „Проф.Драги Георгиев: Да признаеме, дека имало и фалсификување – место „бугарин“ се пишувало „македонец“ – тоа е вистина“. Поднасловот е секако за читателите на „Фактор“, исто така, предизвикувачки – „Долги години историографијата беше во функција на изградување на нацијата“.

Има и други фусноти кои се издвоени, како онаа: „Османлиската држава не го определила Гоце Делчев како Бугарин – тој самиот себе си се определил како Бугарин…“

Несомнено дека од таквото ударно поставување на размислувањето на човек кој ја има веќе споменатата функција, просечниот бугарски читател може да се сфати дека генералната линија на бугарската страна во преговорите во толкување на регионалната историја, особено во третирањето на – како што велат тие – „најромантичниот дел“ од наводно нивната историја, била исправна и тоа во најчувствителните сегменти

Но, овој текст е само уште еден доказ повеќе за начинот на кој се третира оваа тема кај најголем дел од медиумскиот свет кај источниот сосед, со тоа што во „Фактор“ навистина ја претерале газејќи ги основните журналистички норми.

 

ПРОБЛЕМАТИЧЕН МАТЕРИЈАЛ

Она што е проблматично во објавениот материјал е пред сè времето на објавувањето, потоа начинот на кој е селектиран материјалот, уредувањето на насловот, поднасловот и другите редакциски елементи и конечно изоставување на цело едно големо парче од она што постои како видео од тој материјал (контактната емисија „Стадион“) . Има тука многу елементи кои ја девалвираат објавата и ја прават скврнавечка во однос на она што како новинарски материјал било достапно до редакцијата на софиски „Фактор“. Може да се рече – по сите елементи.

Имено, потпишаниот текст (демек се работи за пренесен разговор) е направен од контактна емисија снимена на 29 јуни 2019 година, значи пред осум месеци, од кога многу работи можат, на пример, да бидат расчистени или да се предмет на други допирни спорови за темите за кој се водел разговорот. Значи разликата во времето е сериозен прашалник за целта на овој „потфат“ на бугарскиот издавач, особено кога тој „врмеплов“ не е назначен во интервјуто.

Понатаму, тоа и не е интервју. Се работи за контактна емисија, која трае два часа и десет минути, наречена „Стадион“, што воопшто не е означено како карактер на изворот.  Дел од прашањата се од слушателите, ретки се оние со чисти реченици и кај прашањата и одговорите, има викања и надвикувања, дообјаснувања, учесниците се со сосема различна едукација и мотивација, од неуки до академски учесници… Ама во текстот ниту трага од тоа каде и како е воден тој разговор, во каков тип на емисија (жанр), што очигледно „Факор“ и не сакал да го нагласи.

 

КАЛКУЛАЦИИ И ПРАШАЛНИЦИ

Впрочем, во оваа радио-емисија гостува со својот глас и со осветлувања на одредени прашања од македонско-бугарските односи и друг научник. Тоа е Владо Поповски, професор кој својот докторат го има стекнато со темата: „Национално-политичкиот профил на македонското-ослободително движење до ТМОРО“. И без тој докторат Поповски е пресериозен за да го „истребите“ од емисијата, уште повеќе што тој има парче од 20-тина минути. Дури, професорот се чини е доста скептичен и кон Договорот за пријателство со Бугарија, а има и порадикален поглед кон она што се дискутира на оваа тема во Комисијата. Што значи дека е фактор кој влијае на можното финале на разговорите во неа, барем со својата „опозициска“ позиција која има свои следбеници и во академските кругови во земјава, сакале тоа да го признаеме или не.

Фото: Принтскрин  – Со 20 минутно излагање во емисијата улчесвува и проф. Владо Поповски ама во Фактор.бг не сакале да го користат?!

Несомнено дека во „Фактор“ калкулирале околу времето на објавување и биле свесни околу методот што би го примениле. Секако, како претпоставка во таа насока, може да се истакне дека текстот е објавен во време кога работата на Комисијата е во мирување, а епидемијата на коронавирусот го привлекува општото внимание и од едната и од другата страна на границата. Веројатно објавувањето на проблематично уреден текст чекал „подобен час“ и тој момент се најде неодамна, без храброст да излезе на светлината на денот порано, бидејќи би бил оспоруван по многу основи.

Да речеме, може да се стави под огромен прашалник констатацијата дека „Гоце Делчев самиот себе се определил како Бугарин“, ама тоа е само една полуреченица во контекст на најмалку полулчасовно објаснување како дошло до тоа и како за тоа прашање се разговара (дебатира) во Комисијата. Од прегледот на начинот на кој Отоманската империја дозволува да се евидентираат поданиците, претставници на одредени милети, потоа како припадници на одредени цркви, кога македонските христијански верници можеле да бидат или припадници на цариградската патријаршија или на бугарската егзархија, и да не набројуваме понатаму нам познати факти.

Да не го заборавиме и истакнувањето на професорот Ѓоргиев на сегменти од Гоцевите писма каде тој вели дека „Македонија треба да се ослободи со внатрешно влијание, дека Макеоднија се лаже ако мисли дека некој однадвор ќе ја ослободи. Таа политичка борба на Гоце Делчев за слободата на Македонија е на многу високо ниво. Тој политички идентититет на Гоце Делчев како Македонец, кој се бори за политичка држава Македонија е многу, многу значаен“. Во оваа насока би можеле да цитираме вакви мисли на многу страници и тоа да си најде простор во уредување на наслови, поднаслови…

Она, пак, што го прави редакцијата на „Фактор“ во случајов само покажува дека и при многу толерантен став на нашиот дел од Комисијата (и нашата држава кон бугарските ставови), никогаш немаме соодветен фидбек. Макар и во некаква минимална варијанта.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција