Секуловски: Доколку постојат мерки за борба против дезинформации, тогаш истите мора да се засноваат на меѓународните норми за човекови права

Фото: Секуловски/ЗНМ

Можно е со законско санкционирање да се води борба против дезинформации, но тоа носи значителни ризици за слободата на говорот

„Најголем дел од проблемите настануваат во онлајн просторот на социјалните платформи. Ако тргнеме од оваа точка, ризикот за неуспех (преку законско санкционирање-н.з.) е многу поголем, бидејќи не можеме да бидеме во постојана контрола на интернетот“- вели Секуловски

 

Подготвил Т.Б.

Извршниот директор на ЗНМ Драган Секуловски зборува за справување со дезинформациите преку нова стратегија, преку законско санкционирање или построги законски мерки, за медиумската писменост и за балансот помеѓу слободата на говор и мерки за борба со дезинформациите:

-Дали е потребна Национална Стратегија за борба или справување со дезинформации со акциски план или се доволни сегашните пишани документи што ја одредуваат државната политика кон ова прашање. На пример, „Стратегија за безбедност на РСМ 2024-2029 година“…Дали оваа и она што е запишано во Стратегијата за сајбер безебедност 2025-2028 г. е доволно или е потребна национална стратегија исклучиво на прашањето за справување со дезинформациите?

Секуловски: Во демократско општество институциите не се тие кои што треба да ја дефинираат вистината. Може да помогнат во одредена мера во процесот на справување со дезинформации, но тоа би требало да биде во соработка со граѓанскиот сектор. Национална стратегија би значело дека последниот збор го има институцијата која функционира на основа на почитување закони. Ако се стави во некаква рамка, во тој случај државата е таа која што ќе поставува правила и ќе се грижи за нивно прекршување преку спроведување на санкции, што не доведува до опасноста од загрозување на слободата на говор. Тоа не значи дека не треба да бидеме загрижени за ширење на дезинформации. Тоа значи да ја кренеме свеста за постоење на истите, да ја едуцираме јавноста преку медиумите за оваа појава, која е несакан ефект на модерното време.

Што се однесува на стратегијата, истата се базира на три главни столба: рана детекција, намалување на ранливостите и градење на капацитети за одговор и закрепнување. Преку системи за детекција на дезинформации, зајакната сајбер-безбедност и управување со ризици, државата има за цел да ги намали потенцијалните влијанија на хибридните закани врз критичните инфраструктури и институции.

Понатаму во делот за дезинформации, стои дека стратегијата ќе поттикне  јавна едукација и медиумска писменост за намалување на ефектите од дезинформациите, како и развој на законодавни рамки за заштита на критичните сектори.

Примарен предизвик во развојот на овие стратегии е балансирањето на потребата од борба против штетните дезинформации со заштитата на основните човекови права, како што се слободата на изразување и независниот печат. За да се ублажат ризиците од пречекорување на владината моќ или цензура, стратегијата треба да користи прецизен јазик кој ќе го делегираат спроведувањето на независни, одговорни тела.

Дополнително, треба да се воведе и едукација во рамките на засегнатите институции за да бидеме сигурни дека нема да се случи погоре наведеното во контекст на ризикот.

Законско санкционирање за дезинформации носи опасности

-Дали државата да воведе нова регулатива или да ја заостри/надополни постоечката која се однесува на казнената политика во справувањето со дезинформациите, доколку е таква перцепцијата на граѓаните? Со други зборови, дали со санкционирање преку закон може да се води ефикасна борба против дезинформациите кои се сметаат за значаен фактор за квалитетот на демократските состојби во државата?

Секуловски: Можно е со законско санкционирање да се води борба против дезинформации, но тоа носи значителни ризици за слободата на говорот. Во тие случаи ефектот не е секогаш позитивен посебно ако правосудните органи не се подготвени за овој тип на предизвици.

Најголем дел од проблемите настануваат во онлајн просторот на социјалните платформи. Ако тргнеме од оваа точка, ризикот за неуспех е многу поголем, бидејќи не можеме да бидеме во постојана контрола на интернетот. Само за пример, во 2018 година во Германија беше донесен Network Enforcement Act. Според законот, кој стапи на сила на 1 јануари 2018 година, онлајн платформите се соочуваа со казни до 50 милиони евра за системски неуспех во бришењето на нелегалната содржина. Критичарите го гледаа како обид за нов „драконски“ режим на цензура.

Секуловски: Државата не смее да ја спроведува „вистината“. Фото: Секуловски/ЗНМ

Потребна е широка примена на медиумската писменост во образованието

-Дали државата води доволно грижа за ширење на медиумската писменост и дали се вклучени сите партнери во тој процес? Или, пак, кој би требало да го предводи овој процес? Какви се ефектите од досега?

Секуловски: Што се однесува до медиумската писменост, во моментов ситуацијата е таква што истата претставува исклучок, а не правило во системот. Ако сакаме да има движење во позитивна насока во тој случај потребно е да се направат системски промени во образованието и да се вклучи како дел од образовниот процес. Тоа е обврска на државата, а граѓанскиот сектор е тој што може да биде дел од процесот во смисла на споделување на искуство на ова поле. За успешна имплементација на медиумската писменост потребно е бидат вклучени сите страни во системот. Опасноста од дезинформации може да се намали доколку едукацијата се зголеми, а единствениот начин за тоа е вклучување во секој сегмент од образованието.

Мора да се почитуваат меѓународните норми за човековите права

-Како да се најде баланс помеѓу заштита на слободата на говор и мерките што треба да се преземаат активно во борбата против дезинформациите, вклучително и преку справување со каналите преку кои се шират – социјалните мрежи и традиционалните и онлајн медиумите?

Секуловски: Доколку постојат мерки за борба против дезинформации, тогаш истите мора да се засноваат на меѓународните норми за човекови права за да се спречи прекумерна интервенција од страна на државата и цензура. Ако мерките се општи во смисла на недефинирање на штетата која се предизвикува со дезинформациите, во тој случај ризикот за намалување на слободата на говор е многу поголем.

Главната улога на државата е да ја заштити слободата на говор, а не да ја спроведува „вистината“.

Неопходни се поддршка на независни медиуми, платформи за проверка на информации, транспарентност на медиумите и социјалните мрежи при споделување на информации, едукација и доедукација на сите релевантни страни вклучени во процесот.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција