Семејното насилство во охридскиот регион во пораст, во струшко жртвите молчат

Фото: pxfuel.com

Семејното насилство во охридскиот регион е во пораст. Тоа е главно резултат на  лошата материјална, па и здравствена состојба, што пак, неминовно влијае на заострување на односите во семејството и зголемување на тензиите, нетолрантноста, агресијата… Во целата ситуација е добро што жртвите се охрабруваат да пријавуваат. Само лани во охридскиот регион регистрирани се околу 150 случаи на вакво кривично дело, или речиси секој втор ден имало жртва на семејно насилство. Во првите шест месеци од годинава има 70 случаи на семејно насилство. Според психолозите пандемијата и долгите карантини дополнително ја зголемија семејната нетрпеливост

Семејното насилство во охридскиот регион е во пораст. Тоа е главно резултат на  лошата материјална, па и здравствена состојба, што, пак, неминовно влијае на заострување на односите во семејството и зголемување на тензиите, нетолрантноста, агресијата… Во целата ситуација е добро што жртвите се охрабруваат да пријавуваат. Само лани во охридскиот регион регистрирани се околу 150 случаи на вакво кривично дело, или речиси секој втор ден имало жртва на семејно насилство. Во првите шест месеци од годинава има 70 случаи на семејно насилство. Според психолозите, пандемијата и долгите карантини дополнително ја зголемија семејната нетрпеливост

 

Пишува: Соња Рилковска

 

Полицискиот билтен е полн со казнени дела поврзани со семејно насилство. Боксови, клоци, шлаканици, но и употреба на дрва, мебел и ножеви во расчистувањето на семејните проблеми, за жал, стана наше секојдневие. Насилство постои на сите страни: маж тепал жена, но и обратна ситуација, поретко, ама има случаи кога мажот е жртвата. Потоа има примери кога син тепал мајка или татко, внук тепал баба или дедо, родители малтретирале дете…

Насилство имаме од сите типови – имаме од психичко, физичко, сексуално, економско насилство. Најчесто жртва е жената, меѓутоа имаме и мажи жртви во многу помал број, но и деца, вели Павлина Петреска од Центарот за социјални работи.

Од почетокот на 2020 година е отворен шелтерот за згрижување на жртви од семејно насилство во Охрид. Специлијазираниот сервис е опремен по сите стандарди и има капацитет за згрижување на вкупно 12 лица. Во него привремено се сместуваат жртви од регионот Охрид, Струга, Кичево и Дебар. Тие се под постојан надзор на стручни лица, придружени одат на лекар и во школо.

Во близина на центарот, кој заради безбедноста на жртвите се држи во потполна тајност, е отворено и Советувалиште за ресоцијализација на жртвите.

Додека жртвите се сместени во Ценатрот, се обезбедува сè што е потребно за да може нормално секојдневно да функционираат, а покрај тоа се третираат и сите други ризици, кои придонесуваат таа да биде жртва. Им се пружа заштита во поглед на невработеноста, парична помош и психо-социјална поддршка, бидејќи крајна цел е лицето по завршувањето на сместувањето целосно да се ресоцијализира и нормално да функцинира без насилство, вели Петреска од Центарот за социјални работи.

Низ земјава отворени се вкупно десет вакви специјализирани сервиси за згрижување на жртви од семејно насилство.

 

ЖРТВИТЕ ВО СТРУШКО СЕ ПЛАШАТ ДА ПРИЈАВАТ СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО

Во соседна Струга, пак, состојбата е сосема поинаква, таму жртвите многу ретко пријавуваат семејнo насилство. Годинава, во време на пандемија, додека во сите општини во земјава се бележи пораст, во струшко има 15 пријави, а лани имало само 8 пријави на семејно насилство. И таму најчесто жртва е жената, а насилник е брачниот партнер.

Причина за непријавувањето, според социолозите, се традициите кај населението, а карактеристично е и тоа што брачната заедница не е прекината во ниеден случај. Само една стружанка годинава се охрабрила да поведе и бракоразводна постапка.

Во 2021 имаме пријавени 15 случаи, а само во еден случај во Струга е покрената и бракоразводна постапка, има и судски епилог, по пријава од страна на самата жртва му се изречени и превентивни мерки од страна Судот, вели Мевмед Халили, директор на Јавна установа Меѓуопштински центар за социјална работа – Струга.

Во овој регион со над шеесеттина илјади жители, во минатата година има само 8 пријави за семејно насилство. Социолозите причина ја гледаат во слабата економска состојба на жртвите, но и потчинетоста, стравот  и статусот на жената во семејството, па затоа трпат, продолжуваат да живеат со насилникот и не бараат заштита. Досега ниту една жртва од струшко не е сместена во регионалниот шелтер центар во Охрид.

 

И ДЕЦАТА ЖРТВИ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО

Има случаи и кога децата се жртви на семејно насислтво. Неодамна мајка од Дебар го тепаше осумгодишниот син во Струга затоа што момчето не сакало да проси.

Мајка физички го нападна сопственото дете, присилувајќи го да проси. Полициските службеници ја приведоа мајката и во соработка со Центарот за социјални работи детето е згрижено во Мајчин дом – Скопје, а против мајката е поднесена кривична пријава, вели Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.

После законската постапка се очекува на несовесната мајка да ѝ биде одземено родителското право.

На официјалната веб-страница на Министерството за труд и социјална политика има можност едноставно да се пријави семејно насилство преку бесплатен ЅОЅ телефонски број или на и-мејл.

Сепак, за жал, разнишаните семејни односи најчесто не се лекуваат. И покрај психо-социјална поддршка на стручните тимови, насилството во домот редовно се повторува.

Според последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на земјава во 2021 година, Владата продолжила да се залага за подобрување на превенцијата од тортура и малтретирање и да има редовен дијалог со Европскиот комитет за спречување на тортура, но заклучокот е дека напредокот во спроведувањето на овие препораки останува бавен.

 

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција