Семејството на Каја Калас било репресирано во СССР и со тоа сведоштво таа не глуми жртва

Каја Калас, Скопје 05.09.2023 Фото: Официјален ФБ профил на Влада на РСМ

Мајката, бабата и прабабата на естонската експремиерка Калас биле депортирани во Сибир, а дедо ѝ бил затворен во логор, но проруските пропагандисти се концентрираат само на татко ѝ, кој во тоа советско време бил функционер, што го користат како „доказ“ дека семејството не ѝ било репресирано и дека нејзините сведоштва за тоа се лажни

Мајката, бабата и прабабата на естонската експремиерка Калас биле депортирани во Сибир, а дедо ѝ бил затворен во логор, но проруските пропагандисти се концентрираат само на татко ѝ, кој во тоа советско време бил функционер, што го користат како „доказ“ дека семејството не ѝ било репресирано и дека нејзините сведоштва за тоа се лажни

 

Рецензираме објава во социјалната мрежа Фејсбук, која почнува со зборовите:

Каја Калас бе?!

Објавата е илустрирана со скриншот од ТВ интервју на бившата премиерка на Естонија, сега потпретседателка на Европската комисија, Каја Калас. Врз скриншотот е додаден текст, кој ни кажува дека во тоа интервју таа говорела за репресиите врз нејзиното семејство кога Естонија била во составот на Советскиот Сојуз (СССР), т.е. кога била под јаремот на Москва.

Арно ама, текстот врз скриншотот ни открива и дека нејзиниот татко Сиим Калас бил член на тогаш владејачката Комунистичка партија на Советскиот Сојуз (КПСС) и уредник на нејзин весник, како и специјалист во министерството за финансии на Советска Естонија, директор на нејзината државна банка и пратеник во сојузниот Конгрес во Москва, па се поставува прашањето за каква тоа репресија се жали неговата ќерка? Објавата тоа го изразува со потсмев, па цитираме:

Татичко ептен репресиран бил во СССР?!

Сепак, објавата не држи вода, затоа што селективно се концентрира само на таткото на Калас, тенденциозно премолчувајќи детали за мајка ѝ Кристи Калас (моминско презиме: Картус), која со своите блиски и тоа како била репресирана и која дури ја има во естонската база на податоци за жртвите на комунизмот. Во интервјуто, кое пред малку го споменавме, Каја Калас говори за репресии врз нејзиното семејство, а не поконкретно врз татко ѝ. Но, да го објасниме тоа со ред.

Од 1721 г. Естонија била под јаремот на Руската Империја, по чиј распад прогласила независност на 24.2.1918 г., но набргу била нападната од страна на Советска Русија на Владимир Ленин. Естонија тогаш тргнала во војна за независност во која победила во 1920 г. Прадедото на Каја Калас од таткова страна, Едуард Алвер, бил командант во таа војна, а потоа и раководител на полицијата и безбедносната служба на независна Естонија. Но, таа независност била задушена во 1940 г., кога СССР ја зазел и анектирал Естонија. На сила тогаш бил Пактот Молотов-Рибентроп меѓу Москва и Нацистичка Германија, кои тогаш биле сојузнички и меѓусебно си ја делеле Европа.

Естонија тогаш била претворена во советска република, во која Јосиф Сталин спроведувал жестоки репресии: затворања, егзекуции, колективизација, насилна мобилизација, цензура, систематско доселување на Руси и ширење на рускиот јазик на штета на естонскиот, како и депортации на илјадници Естонци во Сибир.

Притоа, многумина од нив страдале, се разболеле или починале, било во вагоните за добиток со кои биле превезувани, било во Сибир, кај што условите за живот биле подеднакво мизерни (во зафрлени села пренаменети во т.н. специјални населби, кои потсетувале на затворенички логори за принудна работа). СССР тоа им го правел не само на Естонците, туку и на други народи.

Голема депортација на Естонци имало во март 1949 г. (Операција Прибој) и таа ги засегнала мајката, бабата и прабабата на Калас. Кристи Картус тогаш имала само 6 месеци и едвај го преживеала тоа долго и мачно патување дури до Краснојарскиот крај на Русија. Враќање во Естонија им било дозволено дури во 1959 г., веројатно заради реформите за десталинизација на советскиот лидер Никита Хрушчов. Во Сибир завршил и дедото на Каја Калас по мајчина линија, Јохан Картус, но во затворенички логор.

Руските пропагандисти за него тврдат дека бил „соработник со нацистите“ и дека оправдано бил затворен, но за тоа не нудат докази. 72 отсто од депортираните во Операцијата Прибој биле жени и деца, па тешко дека биле нацистички соработници, особено не 6-месечната Кристи Картус. Неа ја има во списокот на депортираните објавен од Асоцијацијата на репресирани во Естонија и нејзиниот архив.

Значи, репресии имало и тие го засегнале семејството на Каја Калас, иако не и нејзиниот татко. Но, да го расчистиме следново. Тоа што тој бил член на КПСС не значи дека бил тврдокорен комунист и тој тогаш не вршел највисоки државни функции, иако видовме дека некакви вршел.

Како економист тој повеќе се бавел со финансии и банкарство отколку со идеологија. И, нема доказ дека соработувал со советската репресивна служба КГБ, инаку би се нашол во списокот на лустрирани и не ќе можел да стане премиер на независна и демократска Естонија, што бил од 2002 до 2003 г. Тој бил и нејзин министер за надворешни работи, а и еврокомесар.

Во 1987 г. тој и негови колеги објавиле програма за поголема економска самостојност на Естонија, што значи дека не бил баш послушник на Москва. Тоа тогаш веќе можело да мине, затоа што во тек биле реформите за демократизација наречени Гласност и Перестројка на советскиот лидер Михаил Горбачов. Во 1989 г. Калас станал пратеник во сојузниот Конгрес во Москва, кога во СССР веќе се одржале првите (релативно) слободни избори.

Накусо, Калас бил либерален комунист, па неговата биографија не може да послужи за дискредитација на ќерка му, во смисла дека таа го критикува комунизмот, а татко ѝ бил тврдокорен комунист. Колку за споредба, многу полоша биографија има Владимир Путин, кој ем бил член на КПСС, ем бил агент на КГБ и тој сега дури пропагира носталгија по комунизмот и СССР.

На крај го заклучуваме следново. Во објавата има вистина околу Сиим Калас, но темата тука не е дали тој бил репресиран, туку дали на семејството на Каја Калас тоа му се случило. Во интервјуто, односно на скриншотот со кои започнавме, таа говори за репресии врз нејзиното семејство.

Објавата бега од таа тема и тенденциозно ја премолчува голготата на Кристи Калас, со што создава лажен впечаток дека Каја Калас е измамничка, која глуми жртва. Затоа оценуваме дека објавата страда од недоречености, односно од недостаток на контекст.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција