Сензационалистички тврдења за „Рекет“ во белградски „Блиц“ – ќе се најдат ли и во македонските медиуми?

Фото: скриншот

 

Српскиот дневен весник „Блиц“ на 24 јануари 2020 година на својот портал објави напис за актуелното судење на Бојан Јовановски (Боки 13) во скандалот „Рекет“, чиј наслов гласи „БОКИ 13 ИЗМОРЕН И ОТЕЧЕН – Главниот актер на АФЕРАТА РЕКЕТ е издеформиран, тврди дека е болен и дека 55 пати одел во болница, одбива понатамошни испитувања“ (BOKI 13 IZNUREN I PODBUO Glavni akter AFERE REKET se izdeformisao, tvrdi da je bolestan i da je 55 puta išao u bolnicu, odbija dalja ispitivanja).

И покрај сензационалистичкиот наслов, написот во суштина говори за здравствената состојба на Боки 13 и за отежнатото добивање на здравствени услуги за кое тој тврди дека е резултат на повеќемесечниот притвор во кој се наоѓа уште од 15 јули минатата година.

Написот не би предизвикал поголемо внимание, доколку на крајот не се поместени два пасуси, кои содржат изјава за весникот од анонимен извор во кои се вели:

Боки 13 веќе неколку месеци ја држи телевизијата 1ТВ, а вработи син на еден истакнат службеник во министерството за правда преку кој и тој и неговите соработници доаѓаа до голем број аудио снимки од тајни разговори на бизнисмени, банкари и познати личности од Македонија.

А, во последниот пасус, пак, се вели дека „Боки наводно ги користел тие снимки да уценува влијателни луѓе од кои барал и по неколку стотици илјади евра за да не објавува снимки на ЈуТјуб. Некои му плаќаа, а има и такви чии аудио снимки се објавени на ЈуТјуб зашто, наводно, одбиле да му дадат пари.“

Ова се фрапантни тврдења, кои содржат сериозни обвинувања кон Боки 13. И како такви изискуваат и сериозни докази. Се разбира, никакви докази во оваа насока нема.

 

1ТВ НЕ РАБОТИ СО МЕСЕЦИ

Како што е „редот“ кога станува збор за дезинформациите и во оваа анонимна изјава има трошка вистина, а сѐ со цел полесно да се изманипулираат читателите. На јавноста ѝ е познато дека Боки 13 беше директор на 1ТВ до заминувањето во притвор, но таа телевизија со месеци никој не ја „држи“ и во неа никој не е „вработен“ зашто таа веќе не постои и е затворена. Последната вест на нејзиниот портал е од пред речиси 3 месеци и нејзиниот сигнал не се емитува никаде.

Понатаму, точно е дека во оваа телевизија беше вработен синот на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, но таа не е „истакнат службеник во министерството за правда“, зашто Специјалното јавно обвинителство и Министерството за правда се сосема различни институции. Оваа анонимна изјава типува на тоа дека не секој читател ќе ја направи оваа дистинкција, туку дека ќе поверува на следното тврдење дека синот на „истакнатиот службеник од министерството за правда“ му давал на Боки 13 „голем број аудио снимки од тајни разговори на бизнисмени, банкари и познати личности од Македонија“. Дека се манипулира во оваа анонимна изјава станува јасно со оглед на тоа што Министерството за правда не поседува никакви аудио снимки од тајни разговори. Снимките од незаконски прислушуваните телефонски разговори се наоѓаат во СЈО, а не во Министерството за правда. А, доколку, пак, се мисли на некои други снимки произлезени од истрагите на СЈО или на Јавното обвинителство на РМ и таквите евентуални снимки повторно се наоѓаат во обвинителствата, а не во Министерството за правда. Се разбира, овде не е специфицирано за какви снимки станува збор и тоа е намерно така направено за дополнително да се замаглат работите, да се прикријат деталите и во сеќавањето на читателите да остане само тврдењето дека се добиени тајни аудио снимки и дека се користени за уцена.

 

ДРУГИ ИСТРАГИ МУ СЕ НАКАЛЕМУВААТ НА БОКИ 13

Инаку, во оваа анонимна изјава има и други познати информации. Но, намерно се изместени и извртени деталите со цел да се предизвикаат забуни кај читателите. Имено, уште со објавувањето на незаконски прислушуваните разговори во 2015 година, функционери на ВМРО-ДПМНЕ и други лица обвинети од страна на СЈО тврдеа дека јавни личности биле уценувани оти ако не платат ќе им бидат објавени таквите снимки. Но, тоа се случуваше пред 4 или 5 години, уште кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ и тоа нема никаква врска во Боки 13, ниту со скандалот „Рекет“. Снимки на политичари, банкари и други јавни личности потоа навистина беа објавени на ЈуТјуб, но и тие немаат никаква врска со Боки 13. Тоа се случуваше многу пред основањето на 1ТВ и појавата на Боки 13 како нејзин директор и за тие снимки (или барем за дел од нив) се водеше истрага во која ниту Боки 13, ниту било кој поврзан со Специјалното јавно обвинителство имаше било каква врска и нив никој не ги поврзуваше со објавените телефонски разговори на ЈуТјуб. Исто така, точно е дека на Јутјуб се појавија прислушувани разговори на бизнисменот Орце Камчев откако „Рекет“ веќе подолго беше актуелен во јавноста, но тие беа објавени откако Боки 13 веќе се наоѓаше во притвор, така што ни тие снимки не можат да имаат врска со него. Во оваа анонимна изјава сите овие детали остануваат необјаснети со цел вината да се префрли врз Боки 13 и евентуално врз другите обвинети во „Рекет“. И повторно тоа се прави за да се збуни јавноста која знае дека разговори се објавени на ЈуТјуб, но сега ѝ се сервира наводниот виновник/виновници.

Она што треба да се знае е тоа дека Боки 13, Катица Јанева и другите обвинети во скандалот „Рекет“ не се обвинети за ништо од ова што се говори во оваа анонимна изјава. Нивните обвиненија во „Рекет“ немаат никаква врска со никакви „тајни аудио снимки“ од било кого.

Во обвинението за „Рекет“ Боки 13 „се товари за кривичните дела примање награда за противзаконито влијание’ и за ‘перење пари и други приноси од казниво дело’, односно за изнуда од 1,5 милиони евра од скопскиот бизнисмен Јордан Камчев во замена за негово ослободување од притвор.“ Исто така, ниеден од другите обвинети во „Рекет“ не се товарат за никакви „тајни аудио снимки“. Такви нема ни во другиот обвинителен акт против Боки 13, кој, пак, се однесува на неговите и активностите на неговите соучесници поврзани со работењето на невладината организација Меѓународен сојуз каде што Боки 13 е основач.

 

КАДЕ МОЖЕ ДА ЗАВРШИ ОВАА ИЗЈАВА?

И на крај, она што во вакви случаи може да се очекува, односно она што барем почесто се случува кога српски медиум ќе објави нешто сензационалистичко, тоа е медиумите во Северна Македонија, и тоа, пред сѐ, оние кои трошат огромна енергија „Рекет“ да го поврзат со актуелната власт и ако може целата актуелна Влада до последниот министер да ја обвинат дека стои зад овој скандал, тоа е да ја пренесат оваа анонимна изјава како „ексклузивна“, повикувајќи се на „Блиц“, но повторно да не бидат изнесени било какви докази. Целта би била, се разбира, да се предизвикаат дополнителни забуни и дезинформацијата да се искористи за да се фрлаат дрва и камења против политичкиот противник за да се инкасираат политички поени за сметка на своите политички газди.

Воопшто не би требало да чуди ни ако оваа анонимна изјава, преполна со невистини, била дадена токму со таква намена – не за да се информира српската јавност, туку за потоа таа да може да се искористи во политички цели за домашна употреба овде во Македонија, користејќи го кредибилитетот на „Блиц“, а без да се истакне дека „Блиц“ објавил анонимна изјава полна со невистини.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција