Сериозна дезинформација дека демонстранти бараат пари од Сорос затоа што протестирале

Niccolò Caranti, CC BY-SA 4.0 , via Wikimedia Commons

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, односно од БиХ на север, до Грција на југ.

Грчкиот портал за борба против дезинформациите ellinikahoaxes.gr анализираше серија лажни вести на грчки портали и блогови, во кои се тврди дека „Анархисти во САД си ги барале парите што им ги должел познатиот филантроп Џорџ Сорос за вандализам во Минеаполис“.

Со избувнувањето на протестите во Минеаполис поради смртта на Џорџ Флојд кој почина додека беше апсен од страна на полицијата, екстремни десничари на Твитер почнале да го обвинуваат милијардерот Сорос дека стои зад протестите во САД, а за тоа употребуваат теорија на заговор со антисемитски елементи и старо видео.

Станува збор за видео што е постирано на 29 мај на твитер-профилот на Кенденс Овенс, која е конзервативен политички активист од САД. Таа неосновано го обвинува Сорос за инцидентите. Но, видеото на кое наводно се гледаат членови на антифашистичката организација Antifa, е снимено во 2017 година и нема врска со инцидентите во Минеаполис.

Тоа прво се појавило на профилот Beverly Hills Antifa, кој повеќе не постои, и било сатиричен материјал. Сегашниот профил Beverly Hills Antifa пак во описот нагласува дека не е официјален профил и не го претставува Antifa, пишува ellinikahoaxes.gr.

Дополнително, и Фондацијата Отворено општество преку преку официјалниот Твитер-профил негира дека плаќа на луѓе да протестираат, посочува грчкиот сервис за борба против дезинформациите.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција