„Сетек“ не подарува Ајфон за 123 денари
Во објавата e злоупотребено името, брендот и логото на продавницата за техника „Сетек“, со тоа што е презентирана фотографија со нивното лого под која е наведена невистинитата информација дека iPhone 15 Pro чини само 123 денари
Во објавата e злоупотребено името, брендот и логото на продавницата за техника „Сетек“, со тоа што е презентирана фотографија со нивното лого под која е наведена невистинитата информација дека iPhone 15 Pro чини само 123 денари
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Setec подарува iPhone 15 Pro уреди кои се во магацин веќе повеќе од една година – за лица постари од 40 години, по цена од само 120 денари! Оваа иницијатива помага да се исчисти вишокот од залихите и да се поддржат повозрасните лица во Македонија. Кликнете на копчето подолу и проверете дали сте подобни за да добиете телефон
Во објавата злоупотребено е името, брендот и логото на продавницата за техника „Сетек“, со тоа што е презентирана фотографија со нивното лого под која е наведена невистинитата информација дека iPhone 15 Pro чини само 123 денари.

Кога се следи линкот, тој води до неколку прашања за кои се мамат корисниците дека ако ги одговорат тогаш ќе добијат Ајфон по неверојатната цена. Потоа тие се упатуваат на екран каде бираат кутии со подароци.


Честитки! Ја освоивте iPhone 15 Pro Max 256 GB! Кликнете „Продолжи“ и ќе бидете пренасочени до страната за нарачка. Внесете ја вашата адреса за да ја добиете iPhone 15 Pro Max 256 GB. Вашата награда ќе биде испорачана во рок од 5-7 дена.
Потоа корисниците се пренасочуваат на страница каде од нив се бара да споделат лични податоци односно име, презиме, адреса, поштенски број телефон, мејл и откако ќе го направат тоа, да ги споделат и своите банкарски податоци, со невистината дека „на таков начин плаќаат само за поштарина“.

Самото тоа е огромен финансиски ризик, со оглед на тоа што најголемиот дел од овие измами, функционираат на принципот што откако корисникот еднаш ќе ги внесе своите податоци од картичката од својата банкарска сметка, тој всушност „се претплатува“ на некаква услуга која постојано му извлекува пари од картичката – нешто на коешто тој не се согласил, односно сметајќи дека плаќа поштарина, всушност се согласува на измама која постојано ќе го оштетува финансиски.
Самата страница каде е злоупотребен брендот на Сетек не е на фирмата и е новонастаната, а тоа се гледа од бројни елементи. Таму има само 32 следбеници и само 3 објави и на секоја од нив ја има лажната наградна игра. Официјалната страница на Сетек има 281 илјади следачи и е со години активна на Фејсбук. Таму има бројни промоции, ценовни информации, официјална адреса, телефон, линк што води до веб-страницата на компанијата итн.
Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар