Северна Македонија се приклучи на „Коалицијата на подготвените“, но не влезе во војна против Русија

Фото: vlada.mk

Точно е дека Северна Македонија на 13 јули 2026 година се приклучи на „Коалицијата на подготвените“, формат кој ја поддржува Украина, обезбедува воена помош и разгледува безбедносни гаранции и можни мултинационални сили по воспоставување прекин на огнот. Но, не е точно дека со тоа Северна Македонија објавила војна на Русија или станала директна страна во вооружениот конфликт.

Точно е дека Северна Македонија на 13 јули 2026 година се приклучи на „Коалицијата на подготвените“, формат кој ја поддржува Украина, обезбедува воена помош и разгледува безбедносни гаранции и можни мултинационални сили по воспоставување прекин на огнот. Но, не е точно дека со тоа Северна Македонија објавила војна на Русија или станала директна страна во вооружениот конфликт. Дополнително, тврдењето дека Македонија „застанала на страната на сатаната“ не опишува проверлив политички факт. Тоа е дел од прорускиот идеолошки наратив во кој Западот се претставува како „сатански“ и духовно деградиран, а Русија како бранител на православието и традиционалните вредности

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

За жал, Македонија во јули 2026 година, застана на страната на сатаната во војна против Православна Русија.. Македонија влезе во воената коалиција против Русија во “Coalition of the willing” значи „коалиција на подготвените/волни“.

Тврдењето дека Северна Македонија во јули 2026 година „застанала на страната на сатаната во војна против Православна Русија“, комбинира реален геополитички настан со идеолошко и религиозно толкување. Северна Македонија навистина се приклучи кон „Coalition of the Willing“, односно „Коалицијата на подготвените“, но тоа не значи дека објавила војна на Русија или дека станала директна страна во вооружениот конфликт.

На 13 јули 2026 година во Париз се одржа состанок на „Coalition of the Willing“, формат создаден за координирање на поддршката за Украина. Според официјалното соопштение на претседателот на Украина, на состанокот учествувале претставници на 40 држави, а Северна Македонија и Молдавија се приклучиле кон коалицијата. Ова бил 15-ти состанок на форматот, кој првпат се состанал во февруари 2025 година.

„Коалицијата на подготвените“ не е исто што и НАТО и самото членство во неа не значи автоматско влегување во војна со Русија. Станува збор за политичко-безбедносен формат во кој земјите ја координираат воената, финансиската и политичката поддршка за Украина, како и идните безбедносни гаранции за земјата.

Во заедничката изјава од 13 јули, членките се обврзаа да продолжат со воена, финансиска и цивилна помош за Украина, да ја засилат противвоздушната одбрана и притисокот врз руската воена економија. Во исто време, тие повикаа на итен и целосен прекин на огнот и продолжување на директни преговори меѓу Украина и Русија.

Коалицијата има и воена компонента. Во документот се наведува дека мултинационалните сили за Украина се подготвени да дејствуваат откако ќе биде воспоставен кредибилен прекин на непријателствата, со цел да помогнат во обновувањето на украинските сили и да обезбедат поддршка на терен, во воздух и на море. Безбедносните гаранции се опишани како дефанзивни и насочени кон спречување на нова руска агресија.

Затоа, не е точно да се каже дека Северна Македонија „влегла во војна против Русија“. Точно е дека се приклучила на проукраински безбедносен формат кој има и воена компонента, но тоа не е исто што и директно учество на македонски војници во војната.

Коалицијата отворено ја поддржува Украина, повикува на зголемен притисок врз Русија и предвидува продолжување на воената помош за Киев. На состанокот во Париз присуствуваше и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. НАТО истовремено ја опишува руската војна против Украина како најсериозна закана за евроатлантската безбедност во последните децении.

Оттука, политички е разбирливо зошто Русија го гледа овој формат како непријателски, но тоа не е исто што и формална објава на војна.

Тоа јасно се гледа и од реакцијата на рускиот амбасадор во Скопје, Дмитриј Жиков. Тој на 20 јули за руската државна агенција ТАСС изјави дека Северна Македонија се приклучила на „отворено антируски проект“ и го оцени чекорот како непријателски. Но, ова е руска политичка интерпретација на настанот, а не официјалната дефиниција на коалицијата.

Бидејќи Северна Македонија е членка на НАТО од 2020 година и сега се приклучи на формат кој ја поддржува Украина, таа во оваа идеолошка конструкција се става на „погрешната“ страна.

Северна Македонија несомнено е политички определена во корист на Украина и во рамките на евроатлантската политика. Но, политичката и воената поддршка за Украина не се исто што и директно влегување во војна против Русија.

Од самиот почеток на воената инвазија на Русија врз Украина, којашто почна сосема неиспровоцирано на територија на суверена и демократска држава, западните земји од Европа како и САД, јасно ставија до знаење дека нема да толерираат прекршување на меѓународни договори, нарушување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и потенцираа дека Украина има право да ја брани својата територија, но притоа НАТО нема да испрати војници во Украина. Западот постојано испраќаше апели до Русија да се повлече од Украина и војната да заврши, односно да ѝ се овозможи на Украина да решава за својата територија, идни сојузи, начин на водење на внатрешната и на надворешната политика. Откако овие апели за примирје не беа перципирани од руската страна, држави од Западот почнаа да испраќаат оружје во Украина. Самиот наратив, дали Русија е во војна со НАТО е форсиран од страна на Кремљ, како дефокус од фактот дека Русија почна неиспровоциран вооружен напад на Украина и илегално окупираше делови од една суверена држава.

Изразот „сатаната“, пак, што го користи објавата, е дел од поширок наратив во кој Западот се претставува како морално и духовно деградиран, а Русија како бранител на православието, христијанството и традиционалните вредности.

Оваа рамка има и официјална поткрепа во руската државна идеологија. Во декрет од 2022 година, Владимир Путин ги прогласи „традиционалните руски духовно-морални вредности“ за дел од националната безбедносна политика, при што документот традиционалните руски духовно-морални вредности ги поставува како дел од државната политика и наведува дека нивното зачувување е загрозено, меѓу другото, од дејствувања на екстремистички и терористички организации, одделни медиуми и масовни комуникации, како и од дејствувања на САД и други недружељубиви странски држави.

EUvsDisinfo анализира случаи во кои се шири идејата дека Западот е под влијание на „сатански“ сили и дека Русија има улога на бранител на традиционалните вредности. Според анализата, ваквите пораки се користат за демонизирање на противникот и за оправдување на руската политика кон Украина.

Истражувањата за руската употреба на концептот „традиционални вредности“ покажуваат дека оваа тема е дел од поширока стратегија за градење политички идентитет: Русија се претставува како чувар на моралниот поредок, додека либералните демократии се прикажуваат како општества кои ги изгубиле своите вредности.

Така што, точно е дека Северна Македонија на 13 јули 2026 година се приклучи на „Коалицијата на подготвените“, формат кој ја поддржува Украина, обезбедува воена помош и разгледува безбедносни гаранции и можни мултинационални сили по воспоставување прекин на огнот. Но, не е точно дека со тоа Северна Македонија објавила војна на Русија или станала директна страна во вооружениот конфликт.

Дополнително, тврдењето дека Македонија „застанала на страната на сатаната“ не опишува проверлив политички факт. Тоа е дел од прорускиот идеолошки наратив во кој Западот се претставува како „сатански“ и духовно деградиран, а Русија како бранител на православието и традиционалните вредности.

Поради тоа, објавата што ја анализираме, ја оценуваме како невистина.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција