„Шарената револуција” не е организирана од ФООМ

Ниту една од организациите со кои програмски соработува ФООМ, не се јавува како организатор на протестите Фото: Принтскрин

 

На 25.04.2016 година,  Стевчо Јакимовски, лидерот на ГРОМ одржа прес – конференција во седиштето на партијата, чиј повод, како што беше пренесено од медиумите, се неодамнешните превирања во општествено-политичката сцена во Македонија. Во текот на прес – конференцијата, Јакимовски ја даде следнава изјава:

 Погледнете го веб сајтот на фондацијата „Сорос“ и внатре ќе ја видите листата на невладини организации коишто тој ги финансира и истите овие организации не негираат,  туку тврдат дека се организатори на протсетите и се гордеат со тоа, додаде Стевчо Јакимовски.

[Извор: НетПрес  Датум: 25.04.2016]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Предмет на оваа анализа е оценка на точноста на изјавата на Стевчо Јакимовски, во којашто тврди дека  организатори на протестите се невладини организации кои ги финансира   Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ –  дел од мрежата Сорос фондации).  Истата се оценува како невистинита.

Да тргнеме од основното  прашање: кој ги организира протестите или таканаречената „Шарена Револуција“?

Спорд сите досегашни информации,  протестите се организирани од граѓанската иницијатива „Протестирам/Protestoj”, а се поддржани од повеќе здруженија на граѓани и од опозицијата. Ова граѓанско движење за мир, правда и демократизација на институциите, не е на листа на организации поддржани од ФООМ.

Ако внимателно се разгледаат повиците за протести на социјалните мрежи, медиумите кои пренесуваат за случувањата од протестите и ако се отиде на лице место на протестите, впечатокот е дека логистиката не доаѓа од само еден центар, било политички или граѓански туку станува збор за граѓани кои доаѓаат на своја иницијатива. Станува збор за сенароден отпор  кој трае веќе трета недела и во кој партиципираат граѓански иницијативи, невладини организации, политички партии и пред сè граѓани кои го артикулираат народниот гнев и кои покажуваат огромна одржливост. Потврда за тоа дека поддршката е огромна и дека ја даваат повеќе општествени ентитети на локално, централно, па и глобално ниво, е фактот што истите се распространија и во други градови во земјата како: Струмица, Битола, Велес, Штип, Прилеп, Охрид, Тетово, Кичево, Радовиш, но исто така, беа организирани и во  градови надвор од земјата каде има македонска дијаспора како: Њујорк, Виена, Мелбурн, Берлин, Амстердам, Торонто.

Павле Богоевски од Хелсиншкиот комитет во интервју за неделникот Фокус го вели следново:

Деновиве е многу актуелна тезата за тоа кој е на улиците – дали се тоа граѓани, или некоја партија (СДСМ и другите опозициски партии). Вистинскиот одговор е – едното не го исклучува другото, сите се на улица…Сметам дека многу позначајно од тоа кој субјект ја води битката, е тоа за што се залагаат различните субјекти? Доколку целта на сите ни е иста (а сигурен сум дека овој е), тогаш сето останато е методологија на постигнување на таа цел која може, но и мора заедно да ја договориме. (Павле Богоевски, активист во интервју за неделникот Фокус (22.04.2016) “Зошто полицијата тепаше и апсеше невини и мирни протестанти”)

Што се однесува до прашањето кои невладини организации ги поддржува ФООМ и дали истите може да се препознаат како организатори на протестите, може да се погледне Стратегијата на ФООМ за период 2014 – 2017 година, каде се  наведени  неколку организации со кои ФООМ ќе соработува во програмскиот период, со цел реализација на програмските приоритети.

  • Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на РМ – EСЕ

  • Македонскиот центар за европско образование

  • Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија

  • ХОПС – Опции за здрав живот Скопје

  • Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“

  • Младинскиот образовен форум

  • ГЕМ Клубот

  • Центарот за развој на медиуми

  • Фондацијата Метаморфозис

  • Четири портали (plusinfo.mk, portalb.mk, a1on.mk и okno.mk).

Секоја од овие организации делува во конкретна област која е приоритет на ФООМ – слобода на изразување, младинска ангажираност за општествени промени, унапредување на човековите права во здравството, мониторинг и документирање на човековите права. Но, ниту една од овие организации не се јавува како организатор на протестите ниту пак има податок дека тврдела дека е организатор на истите.

На глобално ниво поддршката на Џорџ Сорос преку разни фондации, институти и програми е насочена кон поддршка на левичарски движења. Тоа значи поддршка на граѓански права, демократија, либерализам, социјални права, борба против дискриминација и поддршка на прогресивната мисла. Фондациите на Сорос стануваат активни во источна Европа по падот на комунизмот и делуваат со цел поддршка на граѓански движења и развој на демократија како опоненти на комунистичкиот режим. Ова објаснување го даваме  за подобро да се разбере контрадикторноста на локалните површни сфаќања дека Сорос има за цел да ја дестабилизи земјата или пак дека ги поддржува “комуњарите” .

Имајќи ги предвид аргументите од оваа анализа, може да се заклучи дека изјавата на Стевче Јакимовски е невистинита.

ЛИНКОВИ:

 

Оценето од: Милена Јосифовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција