Шеесет и седум он-лајн медиуми се дел од „Промедиа“ – првиот национален регистер што го води СЕММ

 

Првиот национален доброволен регистер на професионални он-лајн медиуми беше претставен денеска во Скопје, со 67 медиуми кои ги исполнуваат условите што беа воспоставени од Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ).

Меѓу медиумите во регистрот наречен Промедиа (Promedia@) се „Мета“, „Порталб“ и „Вистиномер“, чиј издавач е Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ од Скопје.

Постапката се одвиваше според критериумите усогласени меѓу СЕММ и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), по примери од практиката во развиените демократски општества и Советот на Европа, а беше консултирана и новинарската, медиумската и бизнис заедницата во државата, беше речено на презентацијата во Европската куќа во Скопје, при Делегацијата на ЕУ во РС Македонија. Силна поддршка имаше и од Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ).

Кон процесот на креирање на овој регистер се приклучи активно и Стопанската комора на Македонија, со цел членките на комората, но и медиумите да имаат полесен пристапот до реклами на бизнис заедницата во професионални онлајн медиуми, наспроти оние кои не ги исполнуваат критериумите за членство и редовно ги прекршуваат етичките стандарди.

Една од целите на регистерот е да ѝ помогне и на јавноста полесно да препознае кои медиуми ги исполнуваат наведените критериуми и се придржуваат до стандардите на етичкото известување при своето работење, изјави Марина Тунева.

Претседателката на УО на СЕММ, Катaрина Синадиновска изјави дека Регистерот е жив процес што ќе се менува, а бројот очекуваме да расте.

Ние како фела сме способни сами да си го исчистиме сопствениот двор, а не некој друг. Регистерот е шареноликост и во уредувачки политики и во демократија и во слобода на мисла и говор, што е добро, изјави Синадиновска.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски изјави дека регистерот Промедиа е добар и за бизнис заедницата и за граѓаните и за политичарите.

Бизнис заедницата ќе знае каде да се рекламира, граѓаните ќе можат полсесно да препознаваат добри и професионални медиуми, а политичарите своите кампањи би требало да ги насочат кон овие медиуми, рече Чадиковски.

Бројот на он-лајн медиуми во регистерот е флуктуирачки и ќе се прочистува врз одредени етички критиериуми од работата на самите членки, два пати годишно. Постоја обврзувачки и необврзувачки, но препорачани услови што треба да ги исполнуваат медиумите што сакаат да бидат дел од регистерот

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.