Шефицата на Европската централна банка не побарала да се замрзнат банкарските сметки на граѓаните

Кристин Лагард, јануари 2016 Фото:Brinacor, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Претседателката на Европската централна банка никогаш нема изјавено дека треба да се замрзнат банкарските сметки на луѓето (општо и за сите), како што произлегува од наведеното во објавата, ниту пак замрзнување на средства на банкарска сметка претставува „крадење“, како што тоа невистинито се тврди

Претседателката на Европската централна банка никогаш нема изјавено дека треба да се замрзнат банкарските сметки на луѓето (општо и за сите), како што произлегува од наведеното во објавата, ниту пак замрзнување на средства на банкарска сметка претставува „крадење“, како што тоа невистинито се тврди

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува фотографија од претседателката на Европската централна банка и пишува:

„Треба да ги замрзниме вашите банкарски сметки” – Кристина Лагард, шефицата на европската централна банка. *замрзниме – УКРАДИМЕ

Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард никогаш нема изјавено дека треба да се замрзнат банкарските сметки на луѓето (општо и за сите), како што произлегува од наведеното во објавата, ниту пак, замрзнување на средства на банкарска сметка претставува „крадење“, како што тоа невистинито е наведено во објавата.

Кога „Вистиномер“ ја постави фотографијата во обратниот пребарувач за фотографии на Гугл, таа води до мноштво видеоматеријали на Јутјуб коишто се однесуваат на дезинформации за дигиталното евро. Така во ова видео на пример (на 1 минута и 20 секунда), се презентира разговор од март 2023 година кога Кристин Лагард беше контактирана од шегаџии кои се претставувале како претседателот на Украина Володимир Зеленски. За време на телефонскиот повик, верувајќи дека разговара со Зеленски, Лагард даде неколку искрени забелешки за дигиталното евро – забелешки кои оттогаш беа погрешно претставувани и злоупотребувани на интернет за да се шират невистини како во случајов – дека ќе се замрзнуваат и крадат лични банкарски сметки на граѓани. Во повикот мислејќи дека зборува со Зеленски, а всушност е жртва на шегаџии (pranksters), Лагард зборува дека во Европа има лимит од 1.000 евра за плаќање во кеш и дека над 1.000 евра плаќањето што се врши во кеш е „сива зона“. 

Кристин Лагард никогаш не рекла „треба да ги замрзнеме вашите банкарски сметки“. Таа фраза е дел од наратив за дезинформации што циркулира на интернет, честопати поврзан со стравови за дигиталното евро. Лагард при повикот од шегаџии кои лажно се претставиле како Зеленски, зборуваше дека би имало одреден надзор врз дигиталното евро за да се заштити финансиската стабилност и да се спречат злоупотреби поврзани со перење пари. Но тоа не значи крадење на парите на граѓаните, како што се наведува во објавата којашто ја рецензираме, туку одговорност и заштита за финансиските текови.

Нејзиното излагање во повикот се однесуваше на регулаторни проверки, а не на замрзнување сметки, на што никогаш не повикала, особено не на банкарските сметки на обичните граѓани.

Не постои политика или предлог на Европската централна банка што би им дозволил на службениците произволно да блокираат или конфискуваат средства на луѓе. Дигиталното евро всушност треба да ја комбинира приватноста на малите трансакции, со обврските за усогласеност на поголемите.

Тврдењата дека Лагард сака да замрзне сметки се дезинформации.

Дигиталното евро има голем број придобивки за оние што ќе одлучат да го користат. Значи, тоа кога ќе биде достапно (нема потврда дека ќе биде достапно во 2025), ќе биде опционално и нема да го замени плаќањето во кеш, туку замислата е да функционираат заеднички. Доколку некој не сака да користи дигитални евра, не мора. Бидејќи дигиталните евра ќе бидат пари на Европската централна банка, тие би биле јавно добро достапно за сите.

Дигиталното евро никогаш нема да биде програмирана валута (programmable money). Програмираните пари се дигитална форма на пари користени за однапред дефинирани цели како ваучер со ограничување за тоа каде, кога, со кого луѓето можат да го користат.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција