Шеикот на Дубаи не рекол дека дедо му јавал камила, тој вози Мерцедес, а правнукот повторно ќе јава камила

Фото: World Economic Forum on Flickr, CC BY-SA 2.0 , via Wikimedia Commons

Шеикот Мухамед Бин Рашид Ал Мактум никогаш не изјави вакво нешто, иако погрешно атрибуираната наводна изјава е широко распространета во светски рамки, кај голем број корисници на социјалните мрежи во различни говорни подрачја

Шеикот Мухамед Бин Рашид Ал Мактум никогаш не изјави вакво нешто, иако погрешно атрибуираната наводна изјава е широко распространета во светски рамки, кај голем број корисници на социјалните мрежи во различни говорни подрачја

 

 

Рецензираме пост на Фејсбук во којшто се тврди дека основачот на Дубаи, шеикот Мухамед Бин Рашид Ал Мактум, бил запрашан како ја гледа иднината на својата земја, а тој одговорил:

Мојот дедо јавал камила, татко ми, исто така, јас возам мерцедес, мојот син Ленд Ровер, мојот внук, исто така, ќе се вози во Ленд Ровер, и мојот пра-внук, најверојатно, ќе јава камила повторно …

Според постот, слушателите вџашени, го прашале зошто, а шеикот одговорил:
Постојат некои принципи кои секогаш и сѐ поставуваат на свое место. Еве за што се работи: Тешките времиња создаваат јаки мажи, јаките мажи ствараат добри времиња, добрите времиња создаваат слаби мажи, слабите мажи создаваат тешки времиња. Многумина ова нема да го разберат, но просперитетот на нашата земја произведува паразити, а не воини.
Што е проблемот со овој статус? Тоа што шеикот Мухамед Бин Рашид Ал Мактум никогаш не изјавил вакво нешто, иако погрешно атрибуираната наводна изјава е широко распространета во светски рамки, кај голем број корисници на социјалните мрежи во различни говорни подрачја.
Во некои од тие Фејсбук постови кои се споделени илјадници пати, се тврди дека шеикот оваа изјава ја дал во интервју за британскиот сервис „Би Би Си“ во 2014 година.

Билионерот шеикот Мухамед, е познат по неговата вклученост во глобалната индустрија со тркање со коњи и е сопственик на еден од најголемите тимови Годолфин.

Наводната изјава на шеикот циркулира на Фејсбук од Јапонија до Бангладеш.

Но, во секој случај, станува збор за лажна атрибуција. Шеикот Мухамед не дал коментари дека неговиот иден внук ќе биде на камила, во интервју за „Би Би Си“.

Во тоа интервју, кое може да го погледнете на следниот линк, во 3 минута и 36 секунда се гледа дека прашањата се во опсегот на човековите права во Дубаи, скандал со тренерите на коњи на шеикот и финансиското закрепнување на Дубаи по должничката криза.

Кога е прашан за неговата визија за иднината на Дубаи, одговорот на шеикот не е воопшто таков како што се тврди во постот што го рецензираме. На 3 минута и 36 секунда во горепосоченото видео, се гледа дека тој вели дека сака Дубаи да биде број еден.

Но, ако сме живи за 20 години, не можам да видам што би возеле. Мојата визија за Дубаи е да биде број еден и најсреќната нација. Сето тоа. Знаете дека сакаме да сме први, вели тој.

Инаку, сличен цитат на ,,тешките времиња креираат силни мажи, силните мажи креираат лесни времиња” може да се најде во новелата на Г. Михаел Хопф, ,,Оние кои остануваат”. Цитатот од книгата гласи ,,Тешките времиња создаваат силни мажи, силните мажи создаваат добри времиња, добрите времиња создаваат слаби мажи и слабите мажи создаваат тешки времиња”.

Сличен цитат на ,,Татко ми беше на камила, јас во Мерцедес, син ми во Ленд Ровер” претходно му е атрибуирана на таткото на шеикот Мухамед, Рашид бин Саед ал Мактум.

Поради горенаведените факти, оценуваме дека постот е невистинит.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција