Шест месеци бајата изјава на Филипче злуопотребена за манипулација со носењето маски

Фото: Венко Филипче, министер за здравство, принтскрин

Злоупотребен е фрагмент од изјава на министерот за здравство, Венко Филипче, од пред речиси 6 месеци кога во земјата беше регистриран само еден случај на Ковид-19 и кога имаше недостиг од заштитни маски. Денес состојбата е сосема поинаква – вкупниот број на заразени е над 13 илјади (2.900 активни), а заштитни маски има доволно

На социјалната мрежа „Фејсбук“ неодамна се појавија маниупулативни објави во кои се исмеваат докторите и здравствените власти, а, пред сè, министерот за здравство, Венко Филипче, за тоа дека немале конзистентен став за носењето заштитна маска:

Ајде бре докторчиња кажете нешто сега. Отековте маска, маска.… Фејсбук статус (12.08.2020)

Значи сеа од утре нема да треба да се носат маски никаде освен болните така ли ? Фејсбук статус (14.08.2020)

И, како „крунски доказ“ за ваквите постови е приложено старо видео –  куса изјава на министерот Филипче, која се пласира како да е нова, иако е дадена уште пред шест месеци. Во неа тој вели:

Со оглед на големата побарувачка на заштитни маски, со оглед на начинот на пренесување на вирусот, не само по капљичен, односно респираторен пат, туку и  фекорален пат, значи со нечисти раце, маската може да биде само дополнителен ризик за појава на инфекции. Маска треба да носи само заболено лице со цел да не ја шири инфекцијата.

Во што се состои маниупулацијата?

Прво, намерно е изместен врeменскиот контекст, што во случајот е многу важен. Станува збор за фрагмент од изјава на Филипче дадена на 26 февруари, на заедничка прес-конференција со техничкиот премиер Оливер Спасовски и доктор Жарко Караџовски, претседател на Комисијата за заразни болести (од 6,45 до 7,13 минута од видеото). Тоа е моментот кога во земјата беше регистриран првиот случај на коронавирус – жена од Скопје на возраст од 50 години, која престојувала во Италија, а во државата влегла преку граничниот премин Табановце.

Вторo, кога внимателно ќе се прегледа оригиналното видео од прес-конференцијата, може да се види дека министерот фактички вели оти упатува “апел до јавноста“ и додава: со оглед на големата побарувачка на заштитни маски, со оглед на начинот на пренесување на вирусот, не само по капљичен односно респираторен пат, туку и фекорален,  значи со нечисти раце, маската може да биде само дополнителен ризик за појава на инфекции. Маска треба да носи само заболено лице со цел да не ја шири инфекцијата. (од 6,45 до 7,13 минута од видеото)

Но, во видеото постирано на „Фејсбук“ (и во двете објави) го нема делот каде министерот вели: „уште еден апел до јавноста“, што сепак, дава поинаква конотација на кажаното, имајќи го предвид периодот кога е дадена изјавата, како и тоа дека по првите сигнали за пренесувањето на епидемијата од Кина во Европа, граѓаните од страв почнаа масовно да купуваат заштитни маски. Па, нив набрзо ги снема од аптеките, а онаму каде што можеа да се најдат беа значитечно поскапи споредено со периодот пред епидемијата. И тоа беше така не само кај нас, туку и во многу други европски држави.

Значи, тогаш околностите беа сосема поинакви од сегашните. Епидемијата на Ковид-19 почна да се шири во Италија, а кај нас, да повториме, имаше официјално потврден само еден случај. Оттаму, здравствената и епидемиолошка слика во тој период (крајот на февруари) и сега, е неспоредлива. Па, во ситуација кога во земјата имаше малку заболени, а од друга страна постоеше сериозен недостиг на маски во аптеките, препораката на здравствените власти беше маски да носат само заболените, со цел да има за медицинските лица. Впрочем, тогаш и препораката на Светската здравствена организација (СЗО) беше таква.

Само за потсетување, официјалната препорака на СЗО од 30 март беше дека маска не треба да носат здравите луѓе, туку само оние кои се болни и имаат симптоми, како и здравствените работници и оние кои се грижат за лица заразени со коронавирусот. Според тогашната изјава на директорот на СЗО за вонредни ситуации, Мајкл Рајан, што ја пренесе Си-ен-ен, не постојат конкретни докази кои би сугерирале дека масовното носење маски носи потенцијална корист, но неправилното користење може да донесе повеќе штета отколку корист во борбата против ширењето на коронавирусот.

Постои и глобален проблем од недостиг на маски и други медицински препарати за заштита. Луѓе што најмногу се изложени на ризик се здравствените работници, кои секоја секунда во денот се изложени на опасноста. Помислата дека немаат маски е ужасна, изјави Рајан на брифинг со новинарите во Женева.

Во јуни Светската здравствена организација (СЗО) го промени своето мислење за заштитните маски и соопшти дека тие би требало да се носат во јавност за да се спречи ширењето на коронавирусот. СЗО ги прошири своите препораки за користење маски и кажа дека на места каде вирусот може да се шири меѓу луѓето треба да се носат маски кога социјалната дистанца  е невозможна, како во јавен транспорт или продавници.

Во Северна Македонија обврската за задолжително носење заштитни маски во сите јавни затворени простори како што се: средства за јавен превоз, маркети, банки, пошти, амбуланти, болници, институции, како и на отворени простори, каде што нема можност за одржување дистанца од два метра, како што се: пазари, отворени трговски центри, тесни улици, автобуски постојки и слично, се воведе на крајот на април, а стапи на сила од први мај. Оттогаш за непочитувње на оваа мерка се изрекуваат казни во висина на 20 евра за македонски и за странски државјани.

Од  објавите на „Фејсбук“, пак, се добива впечаток како Филипче сега (средината на август) да изјавил дека не треба да се носат маски, и токму ваквата манипулација е повод за голем број коментари. Во некои од коментарите се бара да се вратат парите за сите кои се казнети за неносење маска, но има и такви со навредлива содржина и говор на омраза, главно насочени кон министерот Филипче.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција