Ширењето сомнителни тези за корона-вирусот е крајно неодговорно

[Рецензија: Д-Р СЛАЃАНА ВЕЛКОВ: КОРОНА Е НАЈОБИЧНА ПРЕХЛАДА – СЕКОИ ДВЕ ГОДИНИ НЕ ЗАМАЈУВААТ СО ЗИКИ-МИКИ СВИНСКИ И НЕЗНАМ КАКВИ ГРИПОВИ]

Тезите на личности како Слаѓана Велков, која е противник на утврдените сознанија на медицината како што се придобивките од вакцинирањето, а била предмет и на истраги против ширење паника, не би смееле да најдат место на веб-страница што би сакала да биде сфатена сериозно. Иако во текстот што го анализираме, покрај нејзините тези, се изнесени и контроверзиите за неа и некои реакции на нејзините тврдења, во него, сепак процентуално преовладуваат мислењата на Велков. Оттаму, текстот може да се опише како пренесување дезинформации и создавање лажна слика за сериозноста на ситуацијата со новиот корона-вирус, која од Светската здравствена организација (СЗО) веќе е категоризирана како пандемија.

Линк до оригиналниот напис: Д-Р СЛАЃАНА ВЕЛКОВ: КОРОНА Е НАЈОБИЧНА ПРЕХЛАДА – СЕКОИ ДВЕ ГОДИНИ НЕ ЗАМАЈУВААТ СО ЗИКИ-МИКИ СВИНСКИ И НЕЗНАМ КАКВИ ГРИПОВИ

Датум и време на објавување: –

Датум на рецензирање: 11.3.2020

 

 

Текстот пренесува фејсбук-пост на Слаѓана Велков, која деновиве на својот личен профил има многу објави за тоа дека во случајот со новиот корона-вирус станува збор за заговор против човештвото или заговор на фармацевтската индустрија заради  профит, како и дека новиот корона-вирус не е опасен. Таквите тези се шират најчесто на социјалните мрежи и на одредени веб-страницикои веќе биле идентификувани како извори на дезинформации, но нивното медиумско пренесување е апсолутно неодговорно, бидејќи сериозната наука укажала и укажува на нивната неточност.

Во овој напис доминира ставот на Велков и тој е во целост илустриран со нејзини фотографии. Со вака конципираниот напис несомнено се шират дезинформации и се поддржуваат непоткрепени ставови на личност за која се врзуваат многу контроверзии.

Слаѓана Велков на балканските простори е позната како поборник на нетрадицоналната „медицина“, веган и противник на вакцинирањето, а досега била вклучена во кривични истраги поради ширење паника во врска со вакцините. Текстот ги изнесува нејзините шпекулации дека новиот вирус го создале фармацевтски компании и оти нема опасност од него, бидејќи бил „најобична прехлада“ (најобична настинка), која би можела да влијае само кај постари лица и лица со нарушен имунитет.

Со пренесувањето на нејзините зборови текстот оди сосема спротивно на признатите авторитети и институции, како Светската здравствена организација, која веќе прогласи пандемија на новиот коронавирус, и кои зборуваат за висока заразност и за сериозни компликации кај пациенти од различни возрасти.

Во ситуација кога дури и врвот на ЕУ се собра да дискутира за тоа што да се преземе за да се спречи ширењето на вирусот и како да се реагира, а СЗО и националните здравствени власти низ светот интензивно предупредуваат на внимателност, пренесувањето на мислењето и ненаучните тези на личност како Слаѓана Велков, во најмала рака, е крајно неодговорно. Особено што и самиот текст вели дека „во Србија дури се покрена иницијатива да се испита дали таа навистина завршила медицински факултет“. Затоа е уште почудно што нејзиното мислење е единственото што јасно (и изобилно) се цитира во написот.

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција