Ширењето на „омикрон“ во Јужна Африка и Британија – лекција за можните сценарија во другите земји
Како „омикрон“ се прошири во Јужна Африка, земјата која прва го пријави новиот сој на коронавирусот во Светската здравствена организација, откако лекарка детектираше цел кластер од млади пациенти со необични симптоми на жесток замор?
Како „омикрон“ се прошири во Јужна Африка, земјата која прва го пријави новиот сој на коронавирусот во Светската здравствена организација, откако лекарка детектираше цел кластер од млади пациенти со необични симптоми на жесток замор?
Пишува: Мирослава Бурнс
Растот на бројот на случаи во Јужна Африка беше рапиден, ама симптоматологијата блага. Болниците не се преполнија, но Јужна Африка има младо население и веќе стекнат имунитет од претходната инфекција со ковид или од вакцинација – макар што таму вакциналниот опфат е низок, 26 проценти од сите граѓани примиле две дози од вакцината.
На 15 декември, дневниот број на новозаразени во Јужна Африка изнесуваше 26.976, далеку повисок број од највисокиот број на делта регистрирани во еден ден. Тоа им даде сигнал на научниците дека омикрон побрзо се шири од делта, но и дека реинфицира веќе прележани.
Веднаш можевме да видиме дека вирусот се шири рапидно, кај популација што знаеме дека има високи нивоа на имунитет или од претходна инфекција, или од вакцина или од двете. Тоа самото по себе ви кажува по нешто за карактеристиките на новата варијанта, вели Ричард Леселс, експерт за инфективни болести од Универзитетот КваЗулу Натал.
И репродуктивниот број кој одредува колку други лица едно инфицирано лице ќе зарази, е досега највисок од почетокот на пандемијата во Јужна Африка. Едно лице ќе зарази повеќе од двајца. Податоците од Британија, пак, говорат дека во домаќинството овој број е уште повисок, поради поголемиот дел од времето што луѓето го поминуваат заедно во затворени простории. Кога вирусот се шири побрзо, не е секогаш затоа што тој е попренослив. Може да биде и зашто вирусот го заобиколува имунитетот и реинфицира луѓе што веќе биле заразени.
Не требаше долго време по откривањето на омикрон во Јужна Африка, таму да се зголеми бројот на заболени. Веќе во првата недела од декември бројот на новодијагностицирани случаи со ковид-19 порасна за 255 проценти споредено со претходната недела. Истовремено здравствените власти смируваа дека симптомите се поблаги, дека иако бројот на заразени е висок, сепак нема зголемен број хоспитализации и на пациентите не им треба кислородна поддршка. Дури и на тие на коишто им требал болнички кревет, во него останувале пократко време, споредено со бранот на делта варијантата од коронавирусот.
Во меѓувреме, на другиот крај од светот, во Европа, Марко Кавалери од Европската Агенција за лекови ја оцени ситуацијата во Европа како екстремно загрижувачка затоа што омикрон е позаразен од делта, но и тој посочи дека симптомите се полесни. Тој ја соопшти и важната вест, со која денеска се согласува и Центарот за контрола и превенција на болести на САД, а тоа е дека омикрон предизвикува пробивање на имунитетот и реинфекции и кај заразените и кај вакцинираните, затоа што вакцините се помалку ефективни да го неутрализираат овој сој.
Омикрон побрзо се шири во Велика Британија отколку во Јужна Африка
Британските експерти веднаш забележаа дека во Велика Британија ширењето на омикрон е побрзо отколку во Јужна Африка
Ковид случаите предизвикани од омикрон се удвојуваат секои 2.2 дена во Велика Британија, споредено со секои 3 дена во Јужна Африка, напиша професорот по биостатистика и епидемиологија на истражувачкиот центар „Фред Хачинсон“, доктор Тревор Бедфорд.
Една од можните причини за тоа во Велика Британија вирусот да се шири побрзо, според него, е тоа што климата во Јужна Африка е потопла и поповолна. Професорот Џон Едмундс од Лондон, од Универзитетот за хигиена и тропска медицина, вели дека брзината со која омикрон се шири во Британија е алармантна. Неговите проценки дадени на 10 декември беа дека за две недели оттогаш, бројот на заразени со омикрон во Британија ќе биде 64 илјади, без да се сметаат во оваа бројка заразените со делта варијантата. Тој потсети дека системите не можат да ги регистрираат сите случаи, така што ќе има многу повеќе отколку регистрираните.
Но, на 27 декември британската влада го објави дневниот извештај кој далеку ги надминува овие предвидувања. Се покажа дека омикрон се раширил во Велика Британија многу повеќе, на 27 декември имало потврдени 160 илјади инфицирани со омикрон во оваа земја. Зошто се шири така брзо? Се смета дека една од причините е што спајк протеинот, кој е дел од вирусот што се закачува за клетките, во омикрон има 32 мутации. Вакцините и користа од нив уште постојат, но со намален интензитет. Има индиции дека омикрон го пробива создадениот вакцинален имунитет и од прележуваање и од вакцинирање. Меѓутоа, кај вакцинираните, особено оние со бустер доза, болеста е со полесни симптоми.
Студијата што ја објави британската влада во четвртокот, уверува дека луѓето не е многу веројатно да завршат во болница кога ќе се инфицираат со омикрон, што не беше случај со делта варијантата. Според Агенцијата за здравствена сигурност на Британија, инфицираните со омикрон имаат за 45 проценти помали шанси да завршат на интензивна нега, и за 50 до 70 проценти помали можности да им притреба хоспитализација.
Дали делта сојот го „затапи ножот“ на омикрон?
Најновите извештаи од Јужна Африка покажуваат дека од почетокот на ноември, кога омикрон беше првпат детектиран, бројот на случаи значително порасна во оваа земја. Сепак, најголемиот број пациенти имаа благи симптоми, што е различно од претходните бранови на коронавирусот вклучително и бранот на делта варијантата.
Иако и вакцинираните и невакцинираните може да се заразат со омикрон, повеќето хоспитализирани пациенти во Јужна Африка биле невакцинирани. Официјалните извештаи од Јужна Африка од 1 декември до 21 декември покажуваат драматичен раст на новите случаи на 1 милион жители – од 63 на 303, што е раст за 380 проценти. Во исто време, Јужна Африка нема доволно услови за секвенционирање како што има Велика Британија која детално следи колку од новите случаи отпаѓаат на оваа варијанта.
Јужна Африка неодамна помина низ бран на ковид-19 предизвикан од делта сојот на коронавирусот. Тој бран, веројатно потпомогнал да се создаде имунитет од прележување. Можно е овој имунитет создаден од прележувањето на делта, да го затапи ножот на омикрон во поглед на смртоносноста вирусот!
Во Јужна Африка целосно вакцинирани се 26 проценти од граѓаните. Во Велика Британија 76 проценти од популацијата примила барем една доза, а расте бројот на администрирани бустер дози.
Рапидниот раст на ковид случаи во Јужна Африка може да се види и во други земји. СЗО поради ова соопшти дека „се шири со стапка која претходно не е забележана со ниедна друга варијанта“. Она што особено го разликува бранот на омикрон од претходните, е тоа што дел од населението има природно стекнат имунитет од прележување или од вакцинација. Овие два фактора не значат дека нема да се случи зараза, но уште се гаранција дека нема да се случи сериозна болест.
Доктор Вики Баили, научничка во болница во Јоханесбург, вели дека веројатната причина за помал број хоспитализации е тоа што луѓето имаат поголем имунитет кој е стекнат претходно. Освен тоа, демографски, Јужна Африка има младо население, со средна возраст од 27.6, споредено со Британија каде медијаната е 40.4. Оттаму, можно е омикрон да не се манифестира исто во држави со постаро население.
Каква улога играат вакцините против омикрон?
Иако во Јужна Африка само 26 проценти од населението е целосно вакцинирао, сепак, имунитет од прележаност имаат огромен број граѓани.
Доктор Муџ Цевик, од универзитетот „Св. Ендру“, верува дека ризикот да инфицирате некој друг е особено намален со вакцинацијата бидејќи се скратува времето на траење на болеста и инфекцијата ќе се исчисти побрзо. Но, јасно е дека омикрон се шири брзо и кај високовакцинирани популации. Дури и после оваа значајна мутација на коронавирусот, сепак се забележува дека вакцините уште си ја вршат работата превенирајќи тежок исход од болеста.
Доктор Рошел Валенски од Центарот за контрола и превенција на болести на САД на 22 декември изјави дека 73 проценти од сите случаи на ковид-19 во САД се од омикрон.
Го очекувавме ова бидејќи видовме дека за рапидно време се удвојуваат случаите во другите држави од овој вирус и тоа го гледаме во САД, рече таа потенцирајќи дека сепак состојбата не е како во другите бранови зашто сега има вакцини, а носењето маска на затворено покажано делува и го спречува ширењето на овој вирус, рече таа.
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за брзо справување со вакциналните дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Тој е првично објавен во Вистиномер, а e овозможен со поддршка на Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, БТД или нивните партнери.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар