Штип доби Мултимедијален центар
Проект: Изградба на мултимедијален центар
За да им излеземе в пресрет на потребите на младите од општината со цел забава, дружење и уметничко творештво, во Општина Штип ќе направиме напори да обезбедиме средства од донатори и да изградиме мултимедијален центар во кој просторот ќе го уредиме со содржини погодни за забава и за креативно развивање на младите. (Извори на финансирање: Донации; Рок: 2014-2017 година)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
На 28-та страница од Изборната програма со која настапи пред граѓаните на Штип на локалните избори во 2013 година, Илчо Захариев вети и изградба на Мултимедијален центар во градот. Според тоа што го утврдивме истражувајќи, ова ветување на сегашниот штипски градоначалник е исполнето.
Иако рокот даден во изборната програма е 2017 година, првата потврда дека Мултимедијалниот центар во населбата Суитлак, на местото на поранешното летно кино, е изграден е од средината на декември минатата година.
Општина Штип доби нов Мултимедијален центар, а бугарската општина Гоце Делчев реконструирано Народно читалиште преку Програмата за меѓугранична соработка Македонија-Бугарија, која е финансирана од Фондовите на ЕУ, истакна на денешната завршна прес-конференција градоначалникот на Штип, Илчо Захариев.
Изградбата на Мултимедијалниот центар е наведен како реализиран проект и во отчетот на Захариев за периодот 2013 – 2015, на стр. 276.
Од информацијата објавена на веб-сајтот на општина Штип на 20 јануари годинава дознаваме дека изградбата е почната во 2014 година а најголем дел од финансирањето е од „Вмрежување на мултимедијални центри во прекуграничниот регион-Креатива“ кој е финансиран преку ИПА програмата за прекугранична соработка на ЕУ, кој ги покрива Мултимедијалниот центар на Суитлак во Штип и Народно читалиште во с. Брезница, општина Гоце Делчев, Бугарија. На општина Штип од вкупната сума од ЕУ од 448.000 евра и биле доделени 300.000 евра.
Дека објектот е готов и пуштен во функција читаме и во статија од 16 февруари годинава. Тука дознаваме дека Општината Штип учествувала во изградбата со 186.000 евра свои пари.
Центарот е веќе во функција, а има конференциска и сала за кино и театарски проекции, салони за изложби и слично. Во новата зграда свои канцеларии имаат Кластерот за креативна индустрија, што беше обврска со меѓународниот договор, фестивалот “Макфест” и слични служби на Општината Штип.
Како реализиран проект, Мултимедијалниот центар во Штип е споменат и во телевизиски прилог од 3 јуни година, во кој слушаме дека Општината учествувала со 185.000 евра, дека центарот има кино сала и две простории за состаноци и работилници.
Имајќи ја предвид оваа проверка, може да се констатира дека ветувањето на Илчо Захариев за Мултимедијален центар во Штип, е исполнето.
ИЗВОРИ
- Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ за локални избори 2013-2017 – Илчо Захариев (стр. 28) [Пристапено: 20.06.2016]
- Сител (15.12.2015): Општина Штип го заврши проектот „Вмрежување на Мултимедијални центри во прекуграничните регони-Креатива“ (15.12.2015) [Пристапено: 20.06.2016]
- Отчет на градоначалникот на Штип за периодот 2013 – 2015 (стр. 276) [Пристапено: 20.06.2016]
- Општина Штип (20.01.2016): ИЗГРАДБА НА МУЛТИМЕДИЈАЛЕН ЦЕНТАР ВО ШТИП ВО СОРАБОТКА СО ОПШТИНА „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ ОД Р.БУГАРИЈА (ПРЕКУ ИПА ПРОГРАМА НА ЕУ) (20.01.2016) [Пристапено: 20.06.2016]
- Вест (16.02.2016): Штипското летно кино стана мултимедијален центар (16.02.2016) [Пристапено: 20.06.2016]
- Сител (03.06.2016): Штип доби нов современ мултимедијален центар, единствен од таков тип во источниот регион (03.06.2016) [Пристапено: 20.06.2016]
Оценето од: Сашо Спасоски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар