Што може Иванов: Оставката е разумен компромис

Иванов: оставката многу подобро решение, отколку стратегијата „купи ден - помини“. Фото: претседателски сајт

Политичарот е одговорен и за она што го прави и за она што не го направил (а требало да го направи), но и за она што некој друг ќе го направи, а по силата на хиерархијата може нему да му се припише. Како и да е, тоа е дел од занимавката со тој бизнис. Кој тоа не го знае, ја згрешил професијата

 

 

Политичарот е одговорен и за она што го прави и за она што не го направил (а требало да го направи), но и за она што некој друг ќе го направи, а по силата на хиерархијата може нему да му се припише. Како и да е, тоа е дел од занимавката со тој бизнис. Кој тоа не го знае, ја згрешил професијата

 

Пишува: Александар Шољаковски

 

Медиумите, јавноста, критиките, па и разврската на политичката криза, деновиве се пренасочени (по вторпат) кон една личност – претседателот на Републиката Ѓорѓе Иванов. Ова е дел од наметнато и смислено решение. Оваа власт разви вештина или дрскост, сеедно, секогаш да најде начини да го дефукусира медиумското внимание од главните проблеми или настани. И кога го брани, одиумот сепак оди на сметка на Иванов, а тој одиум се зајакна и со неговите последни настапи во странство кои, слободно може да се оценат како крајно недоветни. Во Собранието за него се расправа со денови, импичментот е наводно неможен, но тривијалните прашања се главните вести – како да се состави комисијата за да има толку членови, како да се одлучува… За на крајот да се донесе решение дека од отповикот нема ништо. Но, за тоа време ќе се замајува јавноста, а тоа е најважното. Зашто партијата на власт е на нивото на она – купи ден, помини!

Кој е моментниот политички избор на претседателот Ѓорѓе Иванов? По мое скромно мислење, единствениот излез за нестимулирање на политичката криза, за доброто на граѓаните (тој тоа, нели, го сака), за некое помирување или смирување на кавгите – единствено разумно решение е неговото повлекување. Тоа би бил единствениот вистински доблесен потег во неговите осум години претседателствување.

 

СОЛИДАРИЗИРАЊЕ СО КРИМИНАЛЦИТЕ

Дали Иванов се најде случајно или е намерно втурнат во средиштето на разрешниците на политичката кавга, е едно прашање, но разумот говори дека негов излез е напуштањето на политичката сцена на која, мора да констатираме, не се снаоѓаше најдобро, особено сега. И во оваа криза Иванов можеше да остане настрана, да не се меша како и досега во разврската на кризата и главно тоа никој немаше да го забележи. Вака, тој доброволно(!?) се приклони, се солидаризираше со криминалците од редовите на власта и неговата вина ќе се мери со степенот на разврската и крајните последици од кризата. Освен тоа, тука стои и лагата дека нема намера да помилува изборни криминалци, што додатно ја зголемува неговата вина.

Тој, нели, се реши да се вмеша и за тоа го избра (или му било наметнато) најлошото решение. Претходно молчеше, како да е тоа нешто што не го засега, за потоа да влезе во игра со аболицијата која беше капка која ја прелеа веќе преполнетата чаша, или додаде масло на огнот на реалното незадоволство на граѓаните. Тој му дојде нешто како lupus in fibula, но и како таков, крајно задоцнето, неумесно, несоодвтено и неинтелигентно сторено. Неговиот список од педесет и кусур аболицирани, е список, индиции на осомничени за тежок криминал. За некои од нив претходно не се знаеше или барем не беа посочени како сомнителни. Иванов со списокот се јави како своевиден денунцијант. Настрана провидните уверувања од негова страна и од неговите налогодавци дека за тоа не консултирал никого, јасно беше дека се работи за смислена игра раководена од врвот на партијата.

Иванов очигледно носи големи фрустрации од своето формално претседателствување. Како да го чуваа за до го употребат во ваков момент. Потпишуваше закони кои не смееше да ги потпише, праќаше за амбасадори личности кои не задоволуваа ниеден критериум, во ниеден деликатен општествен проблем не даде свое мислење или придонес за решавање… За неговото однесување може да се наведат многу причини, од уцена до систематско игнорирање од страна на Груевски. Но, ниедно од тие не е доволно добро оправдување.

 

ОДГОВОРНОСТА Е СИСТЕМ

Иванов треба да направи разумен компромис со себеси. Тој е политички едуциран (или за таков се претставуваше) и после толку години на таа позиција би требало да знае што е одговорност. Зашто, политичарот е одговорен и за она што го прави и за она што не го направил (а требал да го направи) но и за она што некој друг ќе го направи, а по силата на хиерархијата може нему да му се припише. Како да е, тоа е дел  од занимвакта со тој бизнис. Кој тоа не го знае, ја промашил професијата.

Но, се разбира, пред да се повлече претходно ќе треба да исчисти зад себе сè што направи околу аболицијата, да ја затвори темата за да ги намали штетите од своето однесување.

Точно е дека во политиката славата и привилегиите се големи, но и паѓањето е тешко, а со тоа мора да се биде на чисто за секој оној кој влегол во таа игра.

И како препорака отстапувањето е и заради тоа да сочува парче од достоинството, кое, верувам, ќе му значи во иднина.

 

*  *   *

 

Бидејќи се работи за, велат, успешен  професор на правни науки, ми доаѓа напамет случката со познатиот филозоф, хеленист, Милош Н.Ѓуриќ, од почетокот на Втората светска војна кога германските власти во Белград креираат еден проглас, Апел до српскиот народ, за мирно прифаќање на состојбата, за ред и послушност. Голем број истакнати интелктуалци од страв и под притисок го потпишуваат Апелот. Еден колега на Ѓуриќ, професор по музика, го убедува и тој да потпише. Филозофот Ѓуриќ му одговара: „Лесно ти е тебе, колега, ти на студентите им предаваш музика, а јас на моите им предавам – Етика!“

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција