Што сака Левица да ѝ порача на дијаспората?

Фото: levica.mk - принтскрин

Не е јасна пораката на партијата на Димитар Апасиев со која на дијаспората ѝ се оспорува пасивното гласачко право, но ѝ се остава можноста да гласа?! Дали можеби не се сака да се рационализира докрај изборниот модел кој го наметна ВМРО ДПМНЕ како „гласачки ревир“ за „најпатриотската“ партија?

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

На изборниот плакат на Левица стои:

Гласам за неможност лице со двојно држвјанство да врши јавна функција

Дали Апасиев бара ограничување на правата на носителите на бугарските пасоши, или на политичките „прелетувачи“ кај албанските политичари кои шетаат од една во друга држава и се на листата на можни бирани функционери? Пасивното и активното гласачко право е пред сè врзано, а нерационалноста кај нас на целиот тој дијаспорски корпус е друго прашање.

Оттаму, нејасно е дали Левица е против еден модел на гласање и зошто е тој „делумно добар, а делумно лош“? Односно, добар ако гласаат оние од дијаспората, а лош ако сакаат да бидат гласани! Што во овој модел, кој кај нас постои од 2011 година, донесен од страна на власта предодена од ВМРО-ДПМНЕ и поранешниот премиер Никола Груевски, треба да остане?

Фото: levica.mk – принтскрин

На ова треба да се додаде и дека европските искуства кон кои се стремиме ќе бараат и наднационални листи. Оттаму, прашање е дали во иднина, ако Левица го прифати нашиот пат кон ЕУ ќе мора да го менува овој отпор, бидејќи од нас ќе се бара во европските избори да немаме ограничување како што е – туѓо државјнството! За двојно и да не говориме…

 

ПРАВОТО НА ИСЕЛЕНИЦИТЕ ВО ИЗБОРНИОТ СИСТЕМ

Најнапред, нешто принципелно. Дали е можно раздвојувањето на тоа право на граѓнинот, за разлика од модерното сваќање на демократијата? Дали на извесен начин не се истиснува правото на иселениците да бидат дел од изборниот систем? Колку е тоа во согласност со практиките во другите парламентарни демократии, особено оние кон кои асоцираме?

Правото да се учествува на избори како кандидат и да се биде избран како претставник на граѓаните на јавна функција, во избирачкото право се нарекува пасивно избирачко право. За да може некој да се кандидира на избори, обично се потребни одредени услови:

  •  да има државјанство на земјата во која се натпреварува кандидатот;
  • одреден број на години од животот;
  • престој –  постојан престој на територијата на државата, или , пак, одреден период на престој во некоја област од државата;
  • понекогаш се бара да се исполнат условите на неказнивост, како и некои дополнителни услови (на пр. членство во партија итн.)

Кои од горенаведените  услови ќе се бараат зависи од уставниот поредок, но исто така и од изборното законодавство на односната држава.

Во Законот за избор на пратеници кај нас  во сите одредби каде се наведени рестриктивни услови не стои дека адресата на живеење е фактор (член 4 – 7).

Поранешниот амбасадор Нано Ружин вели дека:

Во светското искуство позначаен уплив во внатрешната политика на една земја од страна на дијаспората има барем во две европски земји – Велика Британија и Франција, кои како колонијални сили ги одржуваат своите врски со „прекуморјето“. Имаше пример кога министерка за култура на Франција која беше дојдена од Магреб и обавуваше сериозна јавна функција.

Но, тие се повпечатливи примери, бидејќи, вели Ружин, германските граѓани кои не живеат во земјата можат да гласаат за програмите на актуелните партии.

Според него многу наши граѓани имаат бугарско државјанство и можеби тие биле предмет на внимание на Левица, но од друга страна ДУИ, а и другите албански партии, исто така, имаат свои силни интереси да ја спречат ова евентуална промена, бидејќи може да им личи како следен чекор за бришење на правото за гласање на дијаспората.

Ружин потсетува дека давањето на право за глас на дијаспората беше хрватски модел. Тоа е политички чин со кој тогашната хрватска власт (ХДЗ) побара помош однадвор, со оглед дека дијаспората беше екстремно антијугословенска.

Тој укажува дека кога ќе влеземе во ЕУ ќе имаме пред себе една наднационална бирачка „шема“, кога на наши листи ќе можат да се најдат и државјани и од која било европска земја, членка на Унијата. Познат е случајот кога францускиот државјанин Кон Бендит, познат од бурните 60-ти години,  се најде на германска листа!

 

АКТИВНО И ПАСИВНО ГЛАСАЧКО ПРАВО 

Иако во сите земји возраста потребна за пасивно право на глас не е еднаква на возраста потребна за активно избирачко право, се смета дека единственото изедначување на условите за стекнување на овие два елемента на право на глас е во согласност со демократските изборни принципи. Пример за нееднаква граница за постигнување на активниот и пасивен праг на гласачите е во САД, каде на пример претседателот го избираат сите граѓани на возраст над 18 години, а за претседател може да се кандидира лице кое има најмалку 35 години. Во Република Хрватска, оваа граница е изедначена, така што граѓаните на возраст над 18 години имаат целосни активни и пасивни избирачки права.

Освен возрасната разлика во некои земји, особено оние со висок степен на имиграција, пасивно гласање не им се дава на граѓани кои последователно го стекнале, т.е. кои не се граѓани по раѓање, или нивното право се признава само по одреден период на стекнување државјанство (на пр. 5 или 10 години).

Правото да бидеш избран, не се врзува секогаш со правото да бидеш кандидат за време на одредени избори, но се однесува и на посредното избирање, односно кога законодавната или извршната власт избира или именува носители на јавни функции. Но, за носителите на вакви функции, зависно од областа која ја покриваат, потребни се дополнителни критериуми и услови кои потенцијалниот функционер треба да ги исполни, кои најчесто се однесуваат на стручна подготовка и професионално искуство. Такви се, на пример, позициите на министри, директори, членови на одредени комисии или одбори, амбасадори, народен правобранител, државен јавен обвинител и слично. На ваков начин се исполнува правото на учество во јавниот и политичкиот живот преку користење на правото за учество во јавните работи и правото на достапност на јавните служби.

Но, избирачкото право, односно правото на глас, не се врзува секогаш за правото да избираш и да бидеш избран за време на избори. Тоа право се однесува и на правото да учествуваш и во другите форми на непосредна демократија, како што се референдумот и граѓанската иницијатива.

 

СВЕТСКИ ИСКУСТВА

Според прегледот на изборните модели на сајтот  Правдико во голем број на државие дозволено е дијаспората да гласа. Правото некој да биде биран не се споменува многу. Но, се претспоставува дека е дадено сè што не е одземена изрично. Или – она што не е забрането е дозволено!

Во Белгија оној кој живее надвор гласа само за членови на Парламентот и тоа откако ќе се пријави задолжително (!). Британските граѓани кои живеат 15 години надвор од земјата немаат право да гласаат (значи и да бидат бирани), а инаку можат да гласаат и на референдум, што масовно се искористи во изјаснувањето за Брегзитот. Тоа ограничување важи и за германските граѓани, но после нивната 25 годишна оддалеченост од земјата. Услов е и да гласаат „ако имаат разбирање за политичките прилики во својата матичхна земја“, што претпоставува дека можат да бидат и пасивни корисници на бирачко право. Во Швајцарија можете да гласате од кој било крај на светот електронски, а ако некој ве предложи, се разбира и да бидете гласани.

Американските власти не дозволуваат нивни државјанин да биде носител на јавна функција во друга држава!

Ние го имавме интересниот случај со кандидатот за претседател на последните избори (2019) – Блерим Река, кој набрзо после загубените избори кај нас се кандидираше за вршител на јавна функција на Косово  – беше еден од кандидатите за министер за надвотешни работи.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција