Што се крие зад наративот на Кремљ за елиминирање на „основните причини за конфликтот“?
Иако Москва со своите наративи за денацификација, за некаков геноцид врз рускиот народ во Украина, па и за елиминирање на некакви основни причини за конфликтот се обидува да ја замaгли вистината, вистинската причина за воената агресија на Путин е неговотo одбивање да го прифати постоењето на Украина и Украинците како суверена нација. За Путин и неговиот режим, демократијата на Украина, нејзините аспирации за членство во ЕУ и НАТО и нејзината културна независност претставуваат егзистенцијална закана за авторитарниот модел што го изградиле
Иако Москва со своите наративи за денацификација, за некаков геноцид врз рускиот народ во Украина, па и за елиминирање на некакви основни причини за конфликтот се обидува да ја замaгли вистината, вистинската причина за воената агресија на Путин е неговотo одбивање да го прифати постоењето на Украина и Украинците како суверена нација. За Путин и неговиот режим, демократијата на Украина, нејзините аспирации за членство во ЕУ и НАТО и нејзината културна независност претставуваат егзистенцијална закана за авторитарниот модел што го изградиле
Пишува: Ана Анастасовска
Додека очите на целата јавност се свртени кон Русија и Украина и можното ставање крај на тригодишната војна, претставниците на Москва постојано, зборувајќи за евентуален мир, ја повторуваат истата фраза – неопходноста од решавање и елиминирање на „основните причини на конфликтот“.
Па така, руската амбасада во Република Северна Македонија, на 15 мај соопшти дека претседателот Владимир Путин на 11 мај изнел иницијатива за продолжување на директните преговори (оние што се одржаа во Истанбул на 15 мај), прекинати од киевскиот режим под влијание на тогашниот премиер на Британија Борис Џонсон во пролетта 2022 година.
Како што нагласил Путин, суштината на овие преговори е „елиминирање на основните причини за конфликтот, воспоставување на долгорочен траен мир за историската перспектива“.
По преговорите во Истанбул, кои завршија само со договор за размена на затвореници и ништо конкретно околу евентуален прекин на огнот, шефот руската делегацијата за преговори со Украина, Владимир Медински, меѓу другото изјави:
Целта на директните преговори со украинската страна е да се воспостави долгорочен мир и да се отстранат основните причини за конфликтот.
Путин во телефонскиот разговор со американскиот колега Доналд Трамп одржан на 12 февруари, исто така ја спомнал потребата да се елиминираат основните причини за конфликтот и се согласи со Трамп дека долгорочното решавање може да се постигне со мирни преговори.
И македонските медиуми информираат за „основните причини за конфликтот“
Про-Кремљ реториката за елиминирање на основните причини за конфликтот се најде и во македонските медиуми, без притоа да се придаде поголема важност и објаснување на овие „основни причини“.
Либертас на 12 април 2025 година, пренесувајќи ја изјавата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров дадена на Дипломатскиот форум во Анталија, во јужна Турција, а во која тој го пофалил Трамп дека подобро го разбира конфликтот во Украина од другите западни лидери, пишува:
Кога зборуваме за отстранување на основните причини за кој било конфликт, вклучително и украинскиот, тоа е единствениот начин за решавање на проблемите и воспоставување долготраен мир. Треба да се решат основните причини. Претседателот Трамп беше првиот и засега, мислам, единствениот меѓу западните лидери што постојано, со убедување, неколкупати изјави дека беше голема грешка да се приближи Украина кон НАТО. Тоа е една од основните причини, како што многупати сме кажале.
Изјавата на Лавров, повикувајќи се на РИА Новости, ја пренесе и Фокус.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека единствениот начин да се реши проблемот и да се постигне одржлив мир во Украина е да се елиминираат основните причини за конфликтот. Во своето обраќање на Дипломатскиот форум во Анталија, Турција, Лавров рече дека американскиот претседател Доналд Трамп е еден од ретките западни лидери кои разбираат дека украинскиот конфликт може да се реши само со елиминирање на неговите основни причини.
ТРН на 15 мај 2025 година пренесе изјава на портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, кој исто така ги спомнува „основните причини за конфликтот“.
Според портпаролот на претседателот на Руската Федерација, Дмитриј Песков, Русија останува посветена на „сериозна потрага по начини за постигнување долгорочно мировно решение“. Тој изјави дека целите на предложените преговори со Украина се да се отстранат основните причини за конфликтот и да се обезбедат руските интереси.
Што се крие зад фразата „елиминирање на основни причини за конфликтот“
Со наративот дека Москва е посветена на сериозна потрага по начини за постигнување долгорочно мировно решение и дека целта на преговорите со Украина е да се отстранат основните причини за конфликтот , додека од друга страна, Западот сака војната да продолжи и да нема мир, Кремљ всушност сака да создаде лажен впечаток дека Русија е таа разумната страна што бара решение, додека истовремено ги крие своите вистински цели. Всушност, дефиницијата на Москва за „основни причини“ неизбежно вклучува барања Украина да се откаже од својот суверенитет, да ги прифати територијалните загуби и да се потчини на контролата на Кремљ, пишува EUvsDisinfo во својата анализа.
EuvsDisinfo, во наративот за „основните причини за конфликтот“ препознава три стратешки цели за манипулација на Кремљ. Прво, Кремљ се надева дека меѓународната публика ќе заборави дека Русија веќе го нарушила територијалниот интегритет на Украина уште во 2014 година, пред еднострано да започне целосна инвазија на Украина во 2022 година. Второ, воспоставува невозможни предуслови за мир. Кога Русија зборува за решавање на „основните причини“, таа всушност бара капитулација на Украина прикриена како дипломатија. Трето, купува време. Додека Русија продолжува да се соочува со предизвици на бојното поле, оваа нарација обезбедува дипломатска покритие додека нејзината војска се прегрупира, регрутира и се подготвува за обновени офанзиви.
Путин го негира украинскиот идентитет и псотоење – сè друго е изговор
Иако Москва со своите наративи за денацификација, за некаков геноцид врз рускиот народ во Украина, па и за елиминирање на некакви основни причини за конфликтот се обидува да ја замaгли вистината, вистинската причина за воената агресија на Путин е неговотo одбивање да го прифати постоењето на Украина и Украинците како суверена нација.
Во есеј објавен во 2021 година неколку месеци пред инвазијата, насловен „За историското единство на Русите и Украинците“, Путин експлицитно го негира легитимитетот на Украина како независна нација.
Во него, тој елаборира за своето тврдење дека Украинците и Русите се „еден народ“. На пример, Путин тврди дека Украина не постоела како посебна држава и никогаш не била нација. Наместо тоа, тврди тој, украинската националност секогаш била составен дел на тројната националност: руска, белоруска и украинска. Путин, исто така, пишува дека Русите, Украинците и Белорусите имаат заедничко наследство – наследството на царството познато како Киевска Русија (862–1242), кое било лабава средновековна политичка федерација лоцирана во денешна Белорусија, Украина и дел од Русија.
Путин и во 2019 година зборувал за тоа дека Русите и Украинците сочинуваат една нација и оти земјите треба да најдат начин да се интегрираат. Овие коментари рускиот претседател ги дал во интервју со американскиот филмски режисер Оливер Стоун на 19 јуни 2019 година. Материјалот од интервјуто беше искористен во филмот на Стоун за Украина, а целосниот транскрипт беше објавен од Кремљ.
Верувам дека Русите и Украинците се еден народ… една нација, всушност. Кога овие земји кои сега се јадрото на Украина и се приклучија на Русија… никој не се мислеше себеси како ништо друго освен Русин. Во светлината на оваа врска, можеме да го искористиме ова како наша конкурентска предност за време на некоја форма на интеграција, рече Путин.
За Путин и неговиот режим, демократијата на Украина, нејзините аспирации за членство во ЕУ и НАТО и нејзината културна независност претставуваат егзистенцијална закана за авторитарниот модел што го изградиле.
Препознавањето на оваа фундаментална реалност е клучно за разбирање како и зошто Кремљ манипулира со информацискиот простор во контекст на какви било мировни преговори. Секоја рамка што ја прифаќа измамничката премиса на Кремљ за „основните причини за конфликтот“ не е пат кон мир, туку план за распарчување и потчинување на Украина, заклучува EUvsDisinfo.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар