Што со непотврдената информација дека Заев градел висококатница во Дубаи?

Фото: Ванчо Џамбаски

Недоследно е за ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија да комуницира со јавноста преку прашања, бидејќи ги имаат сите механизми преку власта да дадат готови одговори на сите сомневања.

Недоследно е за ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија да комуницира со јавноста преку прашања, бидејќи ги имаат сите механизми преку власта да дадат готови одговори на сите сомневања

 

Од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ вчера на прес-конференција, а денеска и со соопштение, излегоа со тврдење и со прашања за поранешниот лидер на СДСМ Зоран Заев и за негови бизнис активности, постапка која може да се оцени како недоследна комуникација со јавноста:

Висококатницата во Дубаи на Зоран Заев, другар и бизнис партнер на Венко Филипче, веќе имаат и очевидци. Ако до сега постоеја само наводи и информации, сега има луѓе кои на лице место ја видоа нејзината изградба. Станува збор за човек познаник и поранешен соработник на Заев, Томе Аврамски, кој вели дека лично бил во Дубаи и ја видел неговата голема инвестиција за изградба на зграда од над 40 ката….

…Ова е доказ дека златните визи на Зоран Заев и Венко Филипче се добиени врз база на инвестиции во недвижности и сам по себе скандал од невидени размери, додека СДС тука во Македонија ни продава чесност, морал и лажна грижа за граѓаните и државата.

Кога сме кај СДС и нивната дневна политика, сакаме да им порачаме на нивниот таканаречен антикорупциски тим, дека им го пријавуваме овој случај кој се однесува лично на Зоран Заев и очекуваме да го процесуираат и истражат. 

Потоа, во нивен стил, да излезат на прес-конференција за на македонската јавност да им одговорат дали е точно дека додека државата ја остави на колена, опустошена и ограбена, Зоран Заев гради згради во Дубаи и тоа 40-катница и од каде му се парите за тоа?

Дали тоа се пари од криминалните тендери во РЕК Битола и дали во сето тоа е вмешан братот на Зоран Заев, Вице Заев и каква е неговата врска со Енис Колашинац?…

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Прес/Соопштение – датум, 24/25.12.2025]

 

Образложение:

Тврдењето на партијата, најпрво преку прес-конференција (24.12.2025), а потоа и преку соопштение (25.12.2025), дека поранешниот лидер на СДСМ градел висококатница во Дубаи, каде што стан имал и сегашниот лидер на СДСМ Венко Филипче, е недоследна комуникација со јавноста од едноставна причина што е непотврдена и што е со поставени прашања од партија на власт.

Таа се заснова на сведоштво на Томе Аврамски, познат и како Томо Аврамски, кој вели:

Еве јас сега одам во Дубаи, таму нешто работам и он (се мисли на Заев) е таму. Таму се сите. Тука е и Заев, тука е и бившиот министер, сега лидер на СДС (се мисли на Венко Филипче), и он е тука. Јас баш сум бил во зградата каде што купија станови. Еве сега Заев гради во Дубаи, зграда од 42 спрата. Тоа се големи инвестиции, тоа се милиони евра.

Ниту од пресот, ниту од соопштението може да се утврди вистинитоста на тврдењето на Аврамски, ниту пак е наведено нешто повеќе за човекот кој има интересна биографија и кој често гостувал по српски телевизии или некои македонски Јутјуб канали, а конкретната изјава ја дал за српската ТВ Хепи. Ниту пак е појаснет контекстот во кој ја дава изјавата.

По ова сведоштво ВМРО-ДПМНЕ упатува серија прашања и до јавноста и до антикорупцискиот тим во СДСМ од типот… „дали е точно дека додека државата ја остави на колена, опустошена и ограбена, Зоран Заев гради згради во Дубаи и тоа 40-катница и од каде му се парите за тоа?“ Или Дали тоа се пари од криминалните тендери во РЕК Битола и дали во сето тоа е вмешан братот на Зоран Заев, Вице Заев и каква е неговата врска со Енис Колашинац?“.

Ваквата комуникација со јавноста од владејачката партија чиј претседател е и премиер и има мнозинство и во законодавната власт е едноставно недоследна. Причините се едноставни, и да е точна информацијата. На пример, дали е само по себе криминал ако Заев инвестирал во висококатница во Дубаи, ако не може да се утврди од каде му биле парите за тоа? Или поинаку, за ВМРО-ДПМНЕ е недоследно да прашува дали се тоа пари од криминални тендери од РЕК Битола во кои биле вмешани братот Вице Заев и Енис Колашинац, сопственик на ЗОБЕК МИНИНГ ГРУП ДООЕЛ Скопје, бидејќи партијата располага со сите потребни механизми преку извршната власт да го истражи случајот и на јавноста да ѝ пласира готов случај преку механизмите на правната држава, а од полза може да им биде и истрагата на медиумите.

Секоја друга комуникација како оваа со прашања до СДСМ и до јавноста може да се оцени како недоследност, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ не е партија во опозиција, туку на власт.

 

Извори:

 

Оценил: Теофил Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција