Што сработи Владата во првата фаза од реформскиот „План 3-6-9“

Дали само Владата е задоволна од реализацијата на акцискиот реформски План? Фото: Принтскрин

Од Владата велат дека во првите три месеци целосно се реализирани 59 од вкупно 73 мерки во „Планот 3-6-9“, односно 81% од планираното. Имплементацијата на останатите 14 мерки, кои не се во директна надлежност на Владата, туку во надлежност на други независни институции, е во тек. Додека власта е задоволна од сработеното, во експертските кругови нема таква воодушевеност, туку се упатуваат забелешки за одредени недоследности или забавени чекори при реализацијата на Планот

 

Од Владата велат дека во првите три месеци целосно се реализирани 59 од вкупно 73 мерки во „Планот 3-6-9“, односно 81% од планираното. Имплементацијата на останатите 14 мерки, кои не се во директна надлежност на Владата, туку во надлежност на други независни институции, е во тек. Додека власта е задоволна од сработеното, во експертските кругови нема таква воодушевеност, туку се упатуваат забелешки за одредени недоследности или забавени чекори при реализацијата на Планот

 

Пишува: Оливера Војновска

 

Владата предводена од социјалдемократот Зоран Заев проценува дека досега има реализирано над 80 отсто од реформскиот План во три фази за сериозен пробив на земјата на патот кон Европската унија. Ова за „Вистиномер“ го соопштија од владината прес-служба,  прашани до каде е спроведувањето на предложените мерки од првата група содржани во „Планот 3-6-9“,  кои требаше да се реализираат до локалните избори (15.10.2017).

Премиерот пред повеќе од три месеци – во јули (2017), на прес-конференција го објави „План 3-6-9“, како временска рамка на рокови за реализација на реформите во повеќе области како:  судството, борбата против корупцијата, реформата на разузнавачките и безбедносните служби, реформи во јавната администрација, во изборното законодавство според препораките на ОБСЕ и ОДИХР, имплементацијата на Охридскиот договор, кохабитација со претседателот на државата, миграциите, медиумите и граѓанското општество. Надежите  на актуелната власт се дека овој акциски План,  ќе ја врати земјата на приоритетите од евроатланската агенда. Владата тогаш се обврза да ги испорача првичните резултати до локалните избори, до декември да биде отстранета условената препорака, а до наредниот извештај на ЕК напролет следната година Македонија да добие и датум за почеток на преговорите. Заев во оваа прилика го оквалификува Планот како

првиот чекор за сериозен пробив кон евро-атлантските интеграции, после големиот долгогодишен застој на државата.

Локалните избори се во својата завршница (се прегласува на едно избирачко место – во Чаир), па сосема легитимно се наметнува прашањето што и како е реализирано во оваа прва фаза од амбициозниот владин план за итните реформски приеритети. Од Владата се задоволни од тоа што го сработиле, додека во експертските кругови нема таква воодушевеност, туку упатуваат забелешки за тоа како се реализира Планот.

 

ВЛАДА НА РМ: „РЕАЛИЗАЦИЈАТА Е ДОБРА

На прашањето на „Вистиномер“ што е реализирано од реформските мерки предвидени во „Планот 3-6-9“, од Владата велат дека за првите три месеци беа предложени вкупно 73 мерки во 11 приоритети и притоа посочуваат:

Во однос на имплементацијата, целосно се реализирани 59 мерки, односно цирка 81% од планираното, по што е констатирано дека реализацијата е добра. Нема ниту една мерка која е нереализирана, односно имплементацијата на сите останати 14 мерки е во тек. Причините поради кои 14 мерки се во тек, а не целосно реализирани, е тоа што дел од мерките, иако се дел од Планот за првите 3 месеци немаа рок, дел од мерките беа со рок по првите 3 месеци, а дел од мерките се комплексни процеси кои е потребно правилно, а не само избрзано имплементирање. Дотолку повеќе, останатите 14 мерки не се во директна надлежност на Владата туку во надлежност на други независни институции, а нивната имплементација ќе продолжат во периодот кој следи. Дополнително, ЕУ позитивно ги оцени континуираните активности поврзани со Планот 3-6- 9 и покрај предизборната кампања.

 Според  информацијата  која ни ја испрати владиниот портпарол Миле Бошњаковски, статусот на реализацијата на мерките предвидени за првите 3 месеци е следна:

ПРИОРИТЕТ ВКУПНО МЕРКИ % НА РЕАЛИЗАЦИЈА
ИЗБОРИ 11 81.81%
СОБРАНИЕ 9 100.00%
ИМЕНУВАЊА 3 33.33%
ОХРИДСКИ ДОГОВОР 1 100.00%
ГРАЃАНСКО ОПШТЕСТВО 6 66.66%
МЕДИУМИ 8 100.00%
РЕФОРМА НА ЈАВНА АДМИНИСТРАЦИЈА 7 100.00%
СУДСКИ РЕФОРМИ 13 69.23%
РЕФОРМА НА РАЗУЗНАВАЧКИ И БЕЗБЕДНОСНИ СЛУЖБИ 6 83.33%
БОРБА ПРОТИВ ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ И КОРУПЦИЈА 4 75.00%
МИГРАЦИИ 5 60.00%
ВКУПНО МЕРКИ И % НА РЕАЛИЗИРАНИ ОД НИВ 73 80.82%
ВКУПНО ВО ТЕК 14 19.18%

 

За 14 – те мерки кои се во тек на имплементација во информацијата од Владата е надеведно следното:

– Четири мерки од поглавјта „Избори“,„Реформа на разузнавачките и безбедносните служби“ и „Миграции“ се со рок по првите 3 месеци:

  • Избори

(1) Доколку во следниот Извештај на ОБСЕ/ОДИХР за изборниот процес се констатира небалансирано известување, истото ќе биде услов за разрешување на директорот на јавниот радиодифузен сервис – Македонска радио-телевизија.

(2) ДИК да подготви извештај за поднесени приговори во текот на изборниот процес како основа за евалуација на системот за приговори.

  • Реформа на разузнавачките и безбедносните служби 

(3) Подготвување план за реализација на препораките на групата високи експерти за системските прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите (2015), со листа на правни акти, административни и технички мерки и финансиски импликации.

  • Миграции

(4) Организирање регионална работилница со учество на националните координатори од земјите од Западен Балкан и ЕУ за борба против трговија со луѓе

– За две именувања  нема рок:

(5)  Избор на член на Советот на јавни обвинители, кој се бира по предлог на Собранието.

(6) Избор на член на Уставниот суд, на кој му престанува мандатот.

– Седум мерки во деловите „Граѓанско општество“, „Судски реформи“, „Борба против организираниот криминал и корупција“ и „Миграции“,  претставвуваат комплексен процес кој за да има реален и позитивен ефект на долг рок, не смее да се имплементира со кратење на чекори:

  •  Граѓанско општество

(7) Воспоставување функционален Совет за соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор, преку изменување на Одлуката за формирање на Совет за соработка и повторување на постапката за избор на членови на Советот во консултации со граѓанскиот сектор.

(8) Спроведување истраги за заплашување и притисоци врз граѓанските организации (односно да се истражат сите пријави за говор на омраза, напади, притисок).

  • Судски реформи

(9) Укинување на Законот за Советот за утврдување факти и дисциплинска одговорност на судии и подготовка на измени и дополнувања на Законот за судски совет, заради враќање на надлежностите во Судскиот совет.

(10) Одржување редовни консултации со ЕК по однос на текстот на Нацрт-Стратегијата

(11) Организирање јавна расправа во однос на Нацрт-Стратегијата за реформа на правосудниот сектор и усвојување на Стратегијата.

(12) Спроведување контрола и увид во системот за управување со судски предмети (АКМИС), за утврдување на евентуална злоупотреба и одговорност.

  •   Борба против организираниот криминал и корупција

(13) Овозможување опрема/пристап и потребен персонал за спроведување на следење на комуникации на Царинската Управа и Финансиската полиција, зависно од моделот кој ќе биде избран за реформа на разузнавачките служби

  • Миграции

(14) Формирање специјална единица (task force) за борба против трговија со луѓе и криумчарење на мигранти, составена од претставници од Основно јавно обвинителство за борба против организиран криминал и корупција и МВР.

 

АНАЛИТИЧАРИ: НАПРЕДОК ИМА, АМА ТРЕБА ДА СЕ ПОБРЗА

Наспроти ваквите владини оценки дека  сите мерки кои се во нејзина надлежност се исполнети, а доцнат оние кои се поврзани со други тела- институции, политичкиот аналитичар , професорот  Јове Кекеновски смета дека „и покрај постигнат одреден прогрес во реализација на планот 3-6-9, сепак треба да се укаже на одредени недоследности или забавени чекори при неговата реализација.“

Во делот на локалните избори, Кекеновски забележува дека и за овие избори ДИК повторно не го прочисти докрај Избирачкиот список.

Не одат во прилог сомневањата и забелешките од страна на ОБСЕ/ОДИХР нотирани во Извештајот за локалните избори дека се доведува во прашање разделеноста на државата и партијата, констатацијата дека имало изолирани случаи на злоупотреба на административните ресурси, купување на гласови, фотографирање на гласачки ливчиња и случаи на семејно гласање. Политизираноста на членовите на ДИК не престана и со овие избори, и затоа е потребен под итно нов и деполитизиран персонален состав на ДИК.

За сегментот што се однесува на работата на Собранието, тој забележува дека сѐ уште нема конструктивен дијалог на релација позиција – опозиција и затоа отсуствува надзорната функција на Собранието и собраниските тела над работата на Владата и нејзините безбедносни и разузнавачки служби.

Надзорот сѐ уште е далеку од тоа да стане редовен и рутински, со највисок можен степен на транспарентност и вклученост на претставници од граѓанското општество. Стореното досега ми личи повеќе на декаларативна заложба отколу на реална контрола.

Сѐ уште не се воведени тематските пратенички прашања онака како што е предвидено со планот, а  не е реактивирана ниту Постојаната анкетна комисија за човекови права.

Сѐ уште не е избран член на Советот на јавни обвинители, кој се бира по предлог на Собранието.

Во делот на кохабитацијата со претседателот на државата, Кекеновски вели дека немаме никаков напредок и слободно може да се каже дека ништо не е мрднато од мртва точка.

Жално е што сè уште Претседателот, Владата и Собранието не можат да се договорат за изборот на судии во Уставниот суд и покрај тоа што подолго време се празни три места во Уставниот суд. 

Консултации со Претседателот на Република Македонија за пополнување на упразнетите места во дипломатските претставништва можеби се почнати, но нема никаков ефект од тоа. Повторно во игра се партиски кадри наместо професионалци.

За делот имплементацијата на Охридскиот договор, според Кекеновски, со Предлог-Законот за употреба на јазиците се надминати рамките на Договорот.

Во делот на медиумите и реформата на јавната администрација, тој смета дека има мал, недоволен и очекуван напредок.

Ме радува фактот што администрацијата полека се ослободува од партиските стеги, а медиумите од досегашното влијание на партијата која сега е опозиција. Меѓутоа, поради одредени случувања за време на локалните избори не би ме зачудило одредени медиуми и новинари јавно и вон сите професионални и етички стандарди повторно да се стават во функција на партиите на власт.

Кекеновски е на мислење дека во поглавјето за судските реформи  има мал напредок во делот на охрабрување на судиите за слободно и непристрасно и правично судење. Меѓутоа, како што нагласува тој:

Камен на сопнување е неспособниот и сѐ уште партизиран Судски совет и опструкциите кои ги прават високи судско-партиски функцинери кои досега требаше да се најде начин да бидат заминати од тие позиции.

Кекеновски смета дека се доцни со отпочнување на реформата на разузнавачките и безбедносните служби, иако тие, покрај судството и медиумите, требаше да бидат најглавен приоритет.

Комисија за реформи на овие структури е формирана дури деновиве. Заложбата на Владата  борбата против организираниот криминал и корупција од хартија да ја пренесе во пракса, се чини дека сѐ уште е на хартија.

Телевизијата „Аласат М“ денес (07.11.2017), повикувајќи се на мониторингот на невладиниот Институт за демократија „Социетас Цивилис“, информираше  дека  „една третина од активностите за делот „3“ од планот „3-6-9“ на Владата не се реализирани, а дел од нив дел се спроведуваат со задоцнување“:

Согласно зададената динамика засега, во овој момент, имаме задоцнување. Резултатот од исполнувањето на активностите предвидени во три од планот „3-6-9“ доцни и притоа не се утврдени сѐ уште оние активности коишто ќе влезат во делот шест и во делот девет“, рече Зоран Нечев – Институтот за демократија „Социетас Цивилис.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција