Што значи да се пружи отпор на антиродовите напади во Централна Европа?
Фокусот на предавањето на проф. Гжеѓож Пјотровски од Универзитет во Гдањск беше да ја опише стратешки координираната коалиција која се спротивставува на родовата еднаквост во секоја своја форма низ повеќе земји. Но, и различните начини на кои активисти и организации се справуваат со истите, и како може да се подобри транснационалната солидарност меѓу борците за човекови права
Фокусот на предавањето на проф. Гжеѓож Пјотровски од Универзитет во Гдањск беше да ја опише стратешки координираната коалиција која се спротивставува на родовата еднаквост во секоја своја форма низ повеќе земји. Но, и различните начини на кои активисти и организации се справуваат со истите, и како може да се подобри транснационалната солидарност меѓу борците за човекови права
„Што значи да се пружи отпор на антиродовите напади во Централна Европа“, вака гласеше вчерашното предавање на проф. Гжеѓож Пјотровски од Универзитет во Гдањск, организирано од Коалиција Маргини и Фондацијата Хајнрих Бел (Heinrich-Böll-Stiftung) како дел од „Gender Summit“. Проф. Пјотровски е истражувач на радикални општествени движења и граѓански отпор, кој споделува искуства и примери од Централна Европа, со фокус на новите форми на отпор и солидарност, со цел справување со антиродовите двжиења низ Централна Европа.
Пјотровски повеќе се задржа на дел од неговите истражувања, детално опишувајќи ја стратешки координираната коалиција која се спротивставува на родовата еднаквост во секоја своја форма низ повеќе земји. Зад овие пошироки движења, тој кажа дека се обединети повеќе конзервативни партии, религиозни институции, групи против абортус, организации ориентирани кон семејството и традиционалните семејни вредности, транснационални мрежи, антиродови „феминистки“ и групи од мажосферата (manosphere). Истите овие групи се координирани и богато финансирани. А, со ретки исклучоци како браќата Коч за коишто се знае дека финансираат групи против абортус, генерално се нетранспарентни движењата на нивните финансии.
Според Пјотровски, и покрај идеолошките разлики на овие чинители, сите тие го делат ставот против она што тие го нарекуваат „родова идеологија“. Овој термин, што е добро познат и подеднакво злоупотребуван и во македонскиот котекст, се користи за дискредитација на политиките за родова еднаквост и поткопување на правата на жените и ЛГБТИК политиките. Во контекст на Полска, истите се користат и за антимигрантски политики.
Она што беше потенцирано на предавањето беше дека различните антиродови чинители ги адаптираат своите наративи со тоа што ќе ги контекстуализираат, односно ги менуваат нивните пораки во зависност од државата каде што ги промовираат своите наративи. И, неретко, коалицираат со други „маргинални“ (fringe) групи коишто промовираат теории на заговор. Ваков пример во нашиот контекст се познатите антиродовите групи како Коалиција на заштита на децата, кои во бранот на дезинформациите и паника што ја шират, се најдоа сред разни теории на заговор, но и предупредувања за „увоз на опасни западни вредности“ со цел уривање на традиционални македонски семејни вредности.
Издвоени беа шест главни тематски полиња кои, според Пјотровски, претставуваат основни фактори што го прават темелот на антиродовите наративи. Првите три се одбрана на „традиционалното семејство“, опозиција на политики за родова еднаквост и одбивање на имплементација на какви било ЛГБТИК политики. Бидејќи овие политики најдобро „палат“ кај антиродовите групи, Пјотровски спомена дека неретко се користат и пред и за време на изборните процеси како би се мобилизирало гласачкото тело кон конзервативните партии.
Понатаму, следните три фактори се преиспитување на правата за сексуалното и репродуктивното здравје, контрола на образованието и училишната содржина и ксенофобичен дискурс и расизам. Пјотровски кажа дека интензитетот на нападите врз правата за сексуално и репродуктивно здравје има огромни варијации од земја до земја, но правото на абортус е постојана и централна цел. Тој кажа дека во случајот на Полска, ова спротивставување е длабоко вкоренето во религиозните учења. Но, во други земји антиродовите активисти го поврзуваат абортусот директно со демографскиот пад (т.н. демографска зима) и се залагаат за пронаталистички политики кои имаат децидно конзервативен акцент.
Пјотровски исто така говореше за различни типови на отпор што го пружаат индивидуи и организации и покрај најрестриктивните закони за абортус во Европа (во случајот на Полска) и креирање на т.н. „анти-ЛГБТИК зони“ т.е. места каде оваа „ЛГБТИК идеологијата“ е забранета. Споделен беше примерот на активистот Барт Сташевски, којшто постави лажни сообраќајни знаци на влезот на општините кои соработуваат со антиродовите движења и организации. Но, и работата на „Abortion Dream Team“ која отвори канцеларии токму наспроти парламентот, во знак на неисполнетите предизборни ветувања на премиерот Доналд Туск за либерализација на законите за абортус. Во нивната „клиника“, која е повеќе советувалиште наместо вистинска медицинска клиника, тие нудат психосоцијално советување и испраќање на родилките во други држави каде што ќе можат да направат безбеден абортус во здравствените установи.
На крај, тој рече дека меѓу најдобрите ресурси што може да се најдат на оваа тема е книгата „Антиродови мобилизации во Европа и феминистичкиот одговор“ уредена од Рок Смрдељ и Роман Кухар. Книгата е бесплатна и достапна на следниот линк со цел да се дадат што е можно повеќе алатки за сите организации кои работат на справување со дејствијата, дезинформациите и политиките на антиродовите чинители.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар