Што значи придржување до највисоки професионални и етички стандарди при известување од трагедии

Фото: Теута Бучи, Порталб

Двата најважни елементи од професионални и етички стандарди при известување од трагедии се почитување на личната болка и жалост и избегнување на сензационализам при известувањето. Тоа важи и за известувањето за настаните поврзани со несреќата во Кочани, но и од утрешниот (20.03.2025) погреб на жртвите

Двата најважни елементи од професионални и етички стандарди при известување од трагедии се почитување на личната болка и жалост и избегнување на сензационализам при известувањето. Тоа важи и за известувањето за настаните поврзани со несреќата во Кочани, но и од утрешниот (20.03.2025) погреб на жртвите

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Пред утрешниот (20.03.) погреб во Кочани на жртвите од трагедијата во локалната дискотека Пулс, Агенцијата за аудио визуелни медиумски услуги испрати предупредувачко соопштение наменето за медиумите со цел да ги посоветува како да известуваат. Во соопштението се наведува:

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги потсетува медиумите, при информирањето за погребите на жртвите во трагичниот пожар во Кочани, да се придржуваат до највисоките професионални и етички стандарди.

Известувањето треба да биде без сензационализам, задолжително треба да се почитува личната болка и жалост на семејствата, роднините и најблиските на загинатите и да се води сметка да не се придонесува за дополнително зголемување на вознемиреноста. Во оваа насока се и барањата од жителите од Кочани кои вчера се обратија директно до Агенцијата, како и преку социјалните мрежи, со апел медиумските работници да се држат понастрана за време на погребите и да не снимаат со дронови. Медиумите да внимаваат при правењето и особено при објавувањето снимки и фотографии, со цел да им дозволат на семејствата и родителите достоинствено и со почит да се збогуваат со своите ближни…

„Вистиномер“ пишуваше на оваа тема и порано, на пример за известувањето по автобуската несреќа на автопатот Струма во Бугарија кога загинаа 45 лица во изгорен автобус, а седум беа повредени и тој текст може да се прочита тука. Сепак моментот налага некои правила да се повторат и да се објаснат уште еднаш.

 

Што подразбира највисоки професионални и етички стандарди?

Кај нас овие прашања се уредени главно со Кодексот на новинари на Македонија. Овој документ иако е уште од 2001 година и иако постои процес за негово модернизирање, кој во моментов е во прекин поради организациски проблеми, сепак го уредува ова прашање и тоа главно во два члена, членот 7 и членот 8 од Кодексот.

Во членот 7 пишува:

Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес. Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост.

Од овој член јасно може да се види дека јавниот интерес е пресуден. И токму поради тоа се прави разлика кога во првите моменти од известувањето медиумите снимаа, фотографираа и разговараа со жртвите од пожарот и несреќата, со цел да ја известат јавноста што точно се случувало. Но, снимање на погреб одблиску и евентуално земање на изјави од присутните од кои огромен дел се семејства на жртвите би било неетички и чисто задоволување на интересот на јавноста, а не на јавниот интерес.

Во членот 8 пак пишува:

Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми…

Токму од овој член станува појасно и погоре појаснетото. Разговорите, снимките и видеата од известувањето на несреќите треба да бидат ослободени од сензационализам. Што значи и во разговорите и во снимањето и емитувањето и пишувањето на текстовите и употреба на насловите, медиумите треба да известуваат смирено, балансирано и без употреба на наслови кои ја преувеличуваат ситуацијата, играат на чувствата на луѓето и ја сензибилизираат јавноста на тој начин што ја поттикнуваат да ги споделуваат текстовите, да остварат дополнителна читаност преку т.н. кликабилни наслови и слично, а без да се води сметка за личната болка и жалост, приватноста на луѓето и без почитување на јавниот интерес, кој секако е пресуден при проценката како ќе се известува.

Тука се наметнува и прашањето на споделувањето на видеата од социјалните мрежи снимени за време на трагедијата или непосредно по нејзе. Тие медиумите може да ги употребуваат при нивното известување, затоа што секој еден таков видео материјал при трагедии и несреќи од самото место може да му послужи на јавниот интерес за да се открие што навистина се случило. Сепак и тука треба да се внимава, да се предупреди дека станува збор за вознемирувачки слики или видео материјал и конечно да не се емитува доколку на него се гледа нечија директна болка, страдање, смрт.

 

Појаснувања и од Насоките за известување

Неколку одредби за тоа како се применуваат членовите 7 и 8 може да се прочитаат и од Насоките за известување на онлајн медиумите во Македонија и кои без оглед што се за онлајн медиумите во принцип важат и за сите други медиуми.

Во врска со членот 7 од Кодексот, а поврзано и со известувањето на оваа трагедија од Кочани, корисни би биле насоките опишани во следните точки:

7.1 Онлајн медиумите ќе избегнуваат да навлегуваат во приватниот живот на поединците, освен кога тоа не е битно прашање од јавен интерес и мошне внимателно ќе ги разгледаат причините за обелоденувањето информации од нечиј приватен живот, пред да одлучат да ја обработат темата. Притоа, секогаш ќе имаат предвид дека на прво место е јавниот интерес, а не љубопитноста на нивната публика

– Темите кои се однесуваат на лични трагедии секогаш ќе бидат внимателно обработувани, а на лицата погодени од трагедијата ќе им се приоѓа со сочувство и дискреција….

И во врска со членот 8 од Кодексот, следните точки од Насоките, а кои се поврзани со трагедијата во Кочани:

8.1. При известувањето за несреќи, природни катастрофи, епидемии, насилен екстремизам и тероризам, онлајн медиумите ќе бидат исклучително внимателни и ќе избегнуваат објавување сензационалистички наслови и непроверени информации, водејќи сметка да не создаваат дополнително вознемирување и паника во јавноста.

8.3 Онлајн медиумите ќе избегнуваат употреба на претерано емотивни изрази со кои можат дополнително да ги повредат или вознемират жртвите, кои ја нагласуваат прекумерно нивната ранливост или го повредуваат нивното човечко достоинство.

8.7 Разговорите со сведоци на несреќи и непогоди, со повредени и болни лица, онлајн медиумите ќе ги водат со внимание, сочувство и полно разбирање за физичката и емотивната состојба на тие лица.

Во други кодекси или насоки и упатства постојат и повеќе детали, но ова се етичките правила кои засега се етаблирани во земјава. Оттука, сосема е оправдано и упатството од АВМУ до медиумите кои се на регулираниот пазар, иако пораките и правилата важат и се применливи за сите други медиуми што вршат информативна дејност.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција