Шведска се бори со криминалните банди внатрешно, а НАТО треба да ја заштити од надворешни воени закани

Фото: Tarjei Mo, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Локалните прашања како насилство од банди, пукања, трговија со дрога или организиран криминал се во надлежност на националните власти на Шведска — пред сè Шведската полиција (Polisen), Шведската служба за безбедност (Säkerhetspolisen – Säpo) и правосудниот систем

Локалните прашања како насилство од банди, пукања, трговија со дрога или организиран криминал се во надлежност на националните власти на Шведска — пред сè Шведската полиција (Polisen), Шведската служба за безбедност (Säkerhetspolisen – Säpo) и правосудниот систем

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Шведска се откажа од својата неутралност за НАТО да ја штити од Русија, меѓутоа НАТО не може да ја заштити од уличните банди.

Во склоп на објавата се споделува линк од медиумски напис на „Информер“ со наслов „Зелени девојки – нов смртоносен тренд меѓу шведските банди, бираат млади жени кои стануваат оружје на мафијата“.

Конкретниот напис се однесува на девојка во Шведска од генерацијата Z, која била регрутирана да купи и да помеша состојки за запаливи бомби, а за што според шведското Обвинителство била регрутирана од страна на банди да одигра клучна улога во кампања со бомбашки напади каде биле запалени 7 објекти на противничката банда поврзани со војна меѓу наркокланови. Причината да биде ангажирана токму ваква девојка, според текстот инаку оригинално објавен на „Дејли Мејл“ било тоа што таа била „зелена девојка“ – нов шведски термин за девојка чија младешка женственост и недостиг на полициско криминално досие ја прави да не биде сомнителна за полицијата.

Дури и во политички коректната Шведска, никој повеќе не се плаши да зборува вистинито за бандите кои постојат. Бандите што ја направија некогаш бенигната Шведска, европска престолнина на убиства, се контролирани од дојденци и нивните потомци, а „војниците“ што ја доставуваат дрогата и ги напаѓаат соперниците се маргинализирани млади мажи кои работат од мрачни населби надвор од градот. Извештај за улогата на жените и девојките во шведските организирани банди, објавен минатата недела од страна на Националниот совет за превенција на криминал, покажува дека има родов баланс, пишува во текстот на „Дејли Мејл“.

Во текстот се посочува дека како што работата на шведската полиција против овие банди станува поефикасна, така шефовите сè повеќе се вртат кон жените, бараат нови тактики, а една од нив е регрутација на „етнички шведски деца“ со руса коса и сини очи.

Во објавата што ја рецензираме се пропушта контекстот. Шведска не е во опасност од војна поради бандите, ниту пак, тие претставуваат закана за нејзиниот територијален интегритет, како што претставува Русија. Шведска официјално се приклучи на НАТО на 7 март 2024 година после повеќе од 200 години воена неутралност — политика што Шведска ја одржуваше дури и за време на двете светски војни и Студената војна. Одлуката за приклучување кон НАТО беше донесена како одговор на целосната инвазија на Украина од страна на Русија во 2022 година, што значително го промени шведското јавно мислење и политичкиот консензус за безбедноста. Инвазијата на Русија врз Украина фундаментално го промени начинот на кој Шведска – и соседна Финска – гледаа на својата национална и регионална безбедност.

Главната причина за Шведска да се приклучи кон НАТО беше безбедносната гаранција во членот 5, според која колективната одбрана на НАТО значи дека напад врз една членка се смета за напад врз сите. Со приклучувањето, Шведска ја добива заштитата од оваа меѓусебна обврска за одбрана. Инвазијата на Украина покажа дека воената агресија во Европа повторно е можно сценарио. Шведска го гледа членството во НАТО како одвраќање од потенцијални закани од Русија. Пред 2022 година, повеќето Швеѓани беа против членство во НАТО. По инвазијата на Русија, јавната поддршка значително се зголеми и мнозинството стана „за“.

НАТО не е одговорно за справување со внатрешниот криминал, како што се улични банди, дрога или насилство. Улогата на НАТО е насочена кон колективната одбрана и меѓународната безбедност, а не кон внатрешното спроведување на законот. Поточно НАТО ги штити земјите-членки од надворешни воени закани, како инвазии или напади од други држави и не се меша во внатрешните работи на земјите, во полициските операции или во превенцијата на криминалот. Прашањата како улично насилство, организиран криминал и трговија со дрога се во надлежност на националната полиција, судовите и правосудниот систем, а не на НАТО. Во случајот на Шведска, членството во НАТО ја зајакнува нејзината национална и регионална воена безбедност — главно против можни надворешни закани, особено во балтичкиот регион. Шведска има национална стратегија против организираниот криминал.

Во европските институции се одвиваат дебати за проблемот со бандите во Шведска. „Еурактив“ пред 1 недела извести дека поради кризата со бандите во Шведска, земјата предлага да го намали прагот на кривична одговорност од 15 на 13 години. Ако биде усвоена реформата ќе дозволи 13 годишни и 14 годишни лица да се соочат со затворски казни за сериозни кривични дела што следува како одговор на повеќегодишните грижи за криминалните банди кои регрутираат малолетници за да пукаат со огнено оружје, да фрлаат бомби и да убиваат, експлоатирајќи го фактот дека лица под 15 години не може да бидат кривично гонети.

Шведска усвои низа на локални стратегии за да превенира младината да биде регрутирана во банди. Советите за превенција на криминалот сега оперираат во најголем дел од општините, со координирани напори меѓу полицијата, училиштата и социјалните служби. Според Законот за општинска одговорност за превенција на криминалот, локалните власти се задолжени да анализираат трендови на криминалот и да создаваат превентивни планови двапати годишно. Шведскиот национален совет за превенција на криминалот објави дека овие напори помагаат да се намали регрутацијата во некои високоризични делови на Стокхолм. Локалните прашања како насилство од банди, пукања, трговија со дрога или организиран криминал се во надлежност на националните власти на Шведска — пред сè Шведската полиција (Polisen), Шведската служба за безбедност (Säkerhetspolisen – Säpo) и правосудниот систем.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава во која се пропушта контекстот.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција