Симболите на Третиот Рајх не се доказ за отворен фашизам, туку сцена од филмски сет
Видеа и фотографии од сценографија за филмски сет од Втората светска војна се злоупотребени да се прикаже божем Полска решила јавно да открие дека станала фашистичка земја. Не само што ова е класичен пример за дезинформациски наратив на Кремљ, каде сите „непријатели“ се етикетираат како фашисти или нацисти, туку сликите и видеата се стари веќе две години
Видеа и фотографии од сценографија за филмски сет од Втората светска војна се злоупотребени да се прикаже божем Полска решила јавно да открие дека станала фашистичка земја. Не само што ова е класичен пример за дезинформациски наратив на Кремљ, каде сите „непријатели“ се етикетираат како фашисти или нацисти, туку сликите и видеата се стари веќе две години
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, во која е споделено видео од улица во Варшава декорирана со нацистичката свастика, а во описот пишува:
„FASHIZAM ALL IN
Кога им кажував дека ЕУ веќе не е прикриен фашизам, него отворен и јавен, се смееа…Ама изгледа, скоро ќе плачат?!“
Понатаму, во споделеното видео го пишува следниот текст (на српски јазик):
Варшава утрово — фашизмот веќе не се крие, Русија е на страна на правдата и слободата.
За почеток, ова снимка нема никаква врска ниту со тоа дека Полска станала нацистичка, ниту е доказ дека постои скриен фашизам во Европа што конечно се отвора и станува јавен, ниту пак, дека Русија е на страната на правдата и слободата. Ова е често употребуван руски наратив чија цел е да се оправда инвазијата во Украина и да се обвинат Украина и европските држави кои ѝ помагаат, дека се нацисти или фашисти. Намерата е да се подгрее скептицизмот кон Европската Унија и да се создаде хаос и недоверба во институциите.
Во конкретниот случај, виорењето на симболите на Третиот Рајх во видеото е дел од сценографијата за историскиот филм „Партизанот“ што обработува тема од Втората светска војна. Прикажаниот кадар е снимен на улицата „Nowy Świat“ во Варшава, но во видеото може да се најдат и други слики од снимањето на филмот, тенкови, воена опрема и други декорации. Другите познати објекти што може да се видат низ сликите се дворец „Сташица“ кадешто се наоѓа Полската академија за науки.
Дополнително, видеото и сликите што ја документираат сценографијата од филмот, всушност се стари две години – октомври 2022 година. Уште тогаш на Телеграм каналот на рускиот медиум „Известија.ру“ беа објавени од филмскиот сет заедно со веста за конгресот на партија „KORWiN“:
Паралелно со неочекуваното украсување на улиците, во Варшава се одржа и конгрес на партијата KORWIN, на кој беше избран нов претседавач. Политичарот, според локалните медиуми, е познат по својот слоган: „Не сакаме Евреи, хомосексуалци, абортуси, даноци и Европската унија. Тоа е подобро за нашите гласачи“. По неговиот избор, човекот излезе на сцената во придружба на „Империјалниот марш.“
Според полскиот медиум Полсат, на руските социјални медиуми се појавија и коментари што ја користат истата реторика како веќе познатите дезинформациски наративи на Кремљ, за наводниот неонацизам на Украинците кои живеат во Полска.
А, од Ројтерс пишуваат дека филмот ќе биде базиран на животот и делото на Кристина Скарбек, односно Кристина Гранвил, која била „една од најинтригантните полски агентки кои работеле за британската тајна служба […] која презела мисија да ги спаси полски борбени пилоти од окупирана Варшава.“
Според горенаведените факти, објавата може да се оцени како невистинита, бидејќи ниту во Полска, ниту во ЕУ нема „отворен фашизам“ или нацизам. Видеото и сликите се сосема извадени од контекст, односно се дел од сценографија на историски филм. А, истите се злоупотребуваат за да се дезинформира дека овие снимки се некакво ново откровение или вистина што досега била скриена.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар