Синот и братот на Сашо Мијалков не беа приведени, туку повикани на информативен разговор

МВР демантираше дека имало приведување на членовите на најблиското семејство на поранешниот шеф на УБК. Oттаму велат дека биле повикани на информативен разговор во полициска станица

МВР демантираше дека имало приведување на членовите на најблиското семејство на поранешниот шеф на УБК. Oттаму велат дека биле повикани на информативен разговор во полициска станица

 

Откако полицијата не го пронајде екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков, за да му го врачи решението за куќен притвор, повеќе медиуми вчера (22.02.2021) излегоа со погрешна информација дека се приведени неговиот син Јордан Мијалков, брат му Влатко Мијалков , како и други лица од неговото блиско опкружување. Веста брзо се прошири и на Фејсбук. (тукатукатука,)

Некои од медиумите се повикаа на јавувањето на ТВ 24, која подоцна ја избриша веста.

Некои, како извор го посочија  порталот „Лидер“, (кој повикувајќи се на неименувани полициски извори соопшти: ЕКСКЛУЗИВНО: Приведени Јордан и Влатко Мијалкови), но дополнително, со изборот на поднасловот на веста ѝ дадоа драматична доза, па јавија дека:

ПРИ ПРЕТРЕСОТ ПОЛИЦИЈАТА КРШЕЛА ВЛЕЗНИ ВРАТИ

Дел од медиумите во обид да го засилат впечатокот во веста објавија и фотографија на лице со лисици на рацете.

А,  во овој напис  бомбастично се соопштува дека МВР се пуштило во силна акција….“  и  уште се вели и дека  веста, наводно, била потврдена од МВР:

Полицијата ги привела Јордан и Влатко Мијалкови поради истрагата за бегството на екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков, потврдија од МВР. 

Но, ништо од ова не е точно. Не станува збор за полициска акција и приведување на блиски членови од семејството Мијалкови, туку за повикување на разговор во полициска станица. Што е различно.

Впрочем, МВР ги демантираше ваквите написи:

Се повикуваат на информативен разговор членови на неговото семејство, обезбедувувањето и сите кои би можеле да имаат некакви информации изјави за „Република“ портпаролот на МВР,Тони Ангеловски.

Наспроти ова, веста во текот на денот се споделуваше и коментираше на социјалните мрежи, а меѓу коментарите имаше и вакви:

  • Каков срам …сите приведени освен тој за кого има потерница…
  • Што воопшто бегал и така пингвинот ке го аболицира!
  • Ниту брат му ниту син му не го направиле кривичното дело лое го направил Сашо , која е логиката да ги приведуваат други лица од семејството на Сашо , јави се Оли
  • Срамота со лисици не давал отпор тоа не е по протокол
  • Pa taka zna tie po decata da udura so bara vo deteto deteto nivno da mu go e…
  • Остајтего детето сто е крив мизерија од држава

Инаку,  во неделата (21.02.2021) МВР не можеше да го најде Сашо Мијалков за да му го врачи решението за куќен притвор. Од вчера за него е распишана меѓународна потерница. Тој како поранешен директор на УБК, е еден од обвинетите во случајот „Таргет-Тврдина“, за кој конечната пресуда треба да биде соопштена во петок на 26 февруари и за што ОЈО бара максимална казна.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција