Сител не емитувала приказна за прилепчанец кој ја оставил девојката, откако одбил да конвертира во ислам

Фото: pixabay.com

На телевизија „Сител“ не постои содржина којашто се однесува на наводен анонимен прилепчанец чија девојка муслиманка абортирала, откако тој одбил да ја прифати исламската религија. Главната уредничка на „Сител“, Славица Арсовска за „Вистиномер“ изјави дека  ваква содржина не била емитувана на нивната телевизија. Не може да се утврди дали оваа приказна е комплетно измислена, или пак, постои во странство, а само заради поголема читаност била  „зачинета“ со елементите на географска блискост.   

На телевизија „Сител“ не постои содржина којашто се однесува на наводен анонимен прилепчанец чија девојка муслиманка абортирала, откако тој одбил да ја прифати исламската религија. Главната уредничка на „Сител“, Славица Арсовска за „Вистиномер“ изјави дека  ваква содржина не била емитувана на нивната телевизија. Не може да се утврди дали оваа приказна е комплетно измислена, или пак, постои во странство, а само заради поголема читаност била  „зачинета“ со елементите на географска блискост

   

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, а во кој е споделен медиумски напис од сајтот „Сокаче“. Насловот на содржината гласи:

Млад православен дечко сакаше да запроси муслиманка, меѓутоа мораше да ја остави, потоа дозна дека е бремена!

Насловот на текстот е исклучително интригирачки, но кога ќе почнете да го читате написот, еден елемент станува сомнителен во врска со веродостојноста на она кое е изнесено во него. Во текстот е претставена  „животна приказна“ којашто, наводно,  за телевизијата „Сител“ ја раскажал ,,анонимен маж од Прилеп” . Тоа што изворот е претставен како анонимен, а станува збор за маж од Прилеп, беше првиот сомнителен елемент кој нè поттикна на проверка на наводите изнесени во текстот.

Според напишаното, маж кој бил од православна христијанска вероисповед, сакал да запроси жена муслиманка, но наишол на барање од нејзиното семејство да конвертира во ислам.

Млад човек (24) од Прилеп, си ја отвори душата и ја раскажа својата тажна животна приказна за телевизија Сител. Тој не се претставил, но детално опишал што му се случило откако запознал, се заљубил и и верувал на девојка од исламска вероисповед. Кога ја запросив татко ѝ ми рече дека ќе биде моја само ако станам муслиман и направам (обрежување). Тоа не доаѓа предвид. Не знаев што да правам. Не можев да се одлучам. Едноставно моравме да раскинеме. Во меѓувреме се испостави дека таа е веќе во петтата недела од бременоста. Никој освен мене и неа не знаеше за тоа. После многу непроспиени ноќи и пролеани солзи, таа морала да абортира. Неполн месец подоцна слушнав дека заминала во Тирана. Не сум ја видел ниту слушнал три години. Можеби некаде е среќна и успешна – ја заврши својата исповед младиот прилепчанец, пишува во написот.

Дали сериозен медиум како телевизија „Сител“, воопшто би емитувал ваква анонимна животна приказна која е лична и која според новинарските стандарди не имплицира никаков јавен интерес?

„Вистиномер“ се обрати до главната уредничка на „Сител“, Славица Арсовска и праша дали ваква содржина била емитувана на нивната телевизија.

Не сме имале ваква содржина на „Сител“,  ни изјави Арсовска.

Дека ваква содржина не била емитувана на „Сител“, ни потврди и автор на емисија која се емитува на оваа телевизија, а која се однесува на религиите и верските заедници во државава.

Дополнително, „Вистиномер“ пребара и не најде ваква содржина на „Сител“.

Јасно е дека целокупната медиумска содржина што ја рецензираме е исфабрикувана и е атрибуирана на национален медиум, каде што доколку таа навистина беше емитувана  ќе можеше да се пронајде со пребарување, а веројатно и во самиот напис ќе беше линкувана.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не постои содржина емитувана на телевизија „Сител“, којашто се однесува на наводен анонимен прилепчанец чија девојка муслиманка абортирала, откако тој одбил да конвертира во ислам. Ваквата содржина не може да се утврди дали е комплетно измислена, или пак, станува збор за приказна која постои во странство, а само заради поголема читаност била  „зачинета“ со елементите на географска блискост.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција