СЈО мора да постапува по прислушуваните материјали, пред да ги уништи

Не може да се очекува дека СЈО ќе ги уништи овие материјали, бидејќи тие се материјален доказ во оваа и во други судски постапки. Што се однесува, пак до делот на изјавата во која се инсинуира дека материјалите кои ги поседува Специјалното јавно обвинителство можат да се користат за уцени на граѓани и на бизнисмени, од СЈО отфрлаат секаква можност тие материјали кои ги поседува обвинителството да бидат злоупотребувани

 

Не може да се очекува дека СЈО ќе ги уништи овие материјали, бидејќи тие се материјален доказ во оваа и во други судски постапки. Што се однесува, пак до делот на изјавата во која се инсинуира дека материјалите кои ги поседува Специјалното јавно обвинителство можат да се користат за уцени на граѓани и на бизнисмени, од СЈО отфрлаат секаква можност тие материјали кои ги поседува обвинителството да бидат злоупотребувани

 

Во изјавата за медиумите ВМРО-ДПМНЕ јавноста ја информираше за својот став дека СЈО е должно сите нелегално прислушкувани материјали веднаш и без исклучок во законска процедура да ги уништи и за уништувањето на материјалите да состават записник.

Неуништувањето и нивното чување, поседувањето и користењето претставува груба и сериозна злоупотреба на службената должност и е казниво согласно закон. Тие единствено може да се употребуваат за уцени на граѓани и бизнисмени.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ: СЈО да ги уништи сите нелегално прислушувани материјали, Фокус,  датум: 25.07.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Тврдењето дека Специјалното јавно обвинителство (СЈО) не работи според закони, туку според партиски диктат на СДСМ, претставници на ВМРО-ДПМНЕ речиси секојдневно упорно го повторуваат. Уште едно во низата вакви тврдења е и она на Бојан Стојановски, претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, според кого СЈО е должно веднаш и без исклучок да ги уништи сите материјали добиени со нелегално прислушување, бидејќи тоа го налага законот. Ова тврдење го оценуваме како невистинито и манипулативно, бидејќи тоа не ја зема предвид законската обврска на СЈО, поради која е основано, а тоа е да го истражи нелегалното прислушување на огромен број граѓани и криминалите за кои сознанија се добиени токму од прислушуваните разговори, за што ова обвинителство сè уште има важечки мандат.

Тврдењето на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ се темели на Законот за заштита на приватноста, донесен во 2016 година, кој го утврдува правото на заштита на приватноста на граѓаните на Република Македонија, гарантирана со Уставот и Европската конвенција за човекови права, во врска со материјалите кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации извршени во периодот од 2008 до 2015 година.

Овој закон, чиишто одредби предизвикаа контроверзи во јавноста, бидејќи дел од содржините беа оценети од дел од домашната и меѓународна стручна јавност како своевидно ограничување и опструирање на работењето на Специјалното јавно обвинителство и неговата работа на расветлувањето на случајот со прислушувањето, стапи на сила на 1 јули оваа година, што беше и повод опозиционата ВМРО-ДПМНЕ да тргне во офанзива против СЈО.

Членот 1 став 2 законот

утврдува забрана за поседување, обработка, јавно објавување на материјалите од ставот (1) на овој член кои претставуваат повреда на приватноста на личниот и семеен живот

додека, пак, во став 3 стои дека со законот се утврдува

забрана за поседување, обработка, јавно објавување и располагање на кој било начин со материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации извршени во периодот од 2008 до 2015 година, вклучувајќи и нивно користење и располагање во изборен процес, политички и други цели и постапки.

Иако овие одредби претставуваат пречка во јавноста понатаму да се обелоденуваат разговорите кои инволвираа бројни истакнати функционери од претходната власт, тие, според правната фела, не преставуваат ограничување во работата на Специјалното јавно обвинителство да си ги извршува функциите, односно да ја преслуша и обработи содржината на снимките и транскриптите од преслушуваните разговори и да постапува по предметите кои се во нивна надлежност.

Според појаснувањето кое „Вистиномер“ го доби од Специјалното јавно обвинителство, материјалите кои потекнуваат од незаконското следење на комуникациите, а со кои располага ова Јавно обвинителство, не можат да бидат уништени поради постоење на законски пречки.

Мандатот на ова Јавно обвинителство сè уште не е истечен и согласно Законот ние имаме обврска за целосна обработка на материјалите и утврдување кои од незаконски следените комуникации се од јавен интерес и содржат индиции за криминални активности, а кои се од приватна природа. Воедно, овие материјали се и доказ во постапката „Таргет“ за која ова Јавно обвинителство веќе има покренато обвинение, така што до правосилно завршување на таа судска постапка не може да стане збор за уништување на материјалите, велат од СЈО.

Според тоа, не може да се очекува дека СЈО ќе ги уништи овие материјали, бидејќи тие се материјален доказ во оваа и во други судски постапки. Што се однесува, пак до делот на изјавата во која се инсинуира дека материјалите кои ги поседува Специјалното јавно обвинителство можат да се користат за уцени на граѓани и на бизнисмени, од СЈО отфрлаат секаква можност тие материјали кои ги поседува обвинителството да бидат злоупотребувани. Според нив, дури и оние разговори кои биле приватни, а биле обработени од нивна страна и понатаму биле користени како доказен материјал во судска постапка, содржеле елементи кои имале јавни импликации, односно немале исклучиво приватна содржина. Оттаму вака ја коментираат својата позиција:

Законот за заштита на приватноста пропишува забрана за објавување на материјалите од приватна природа, па имајќи го предвид фактот дека наша примарна грижа е токму материјалите од приватна природа да бидат соодветно издвоени, не постои повреда на обврските пропишани во овој закон, особено доколку се има предвид фактот дека и до судот во прилог на поднесените обвинанија доставени се разговори кои се од јавен интерес и имплицираат на криминални активности и ваквите доставени разговори не се од приватна природа.  

Ова јасно укажува дека тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ от СЈО постапува незаконски не се засновани врз реални аргументи, односно дека ја занемаруваат суштината на проблемот поради кој со политички договор и беше востановено Специјаното јавно обвинителство, а тоа е да бидат истражени и утврдени криминалните дела кои се однесуваат и произлегуваат од нелегалното прислушување на граѓаните во Република Македонија.

Поради тоа, овој став искажан од ВМРО-ДПМНЕ го сметаме за спинување на вистината, односно за невистинито тврдење.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Југослава Дуковска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција