СЈО со обвиненија – едно и за Никола Груевски?

Л. Ристеска, К. Јанева и Ф. Фетаи на последниот прес. Фото: скриншот

Телефонските разговори кои биле незаконски снимани се докази, а на сведоците мора да им се обезбеди поголема заштита – ова се клучните зборови на главната обвинителка на СЈО, Катица Јанева, на прес конференцијата одржана токму на едногодишнината од нејзинот именување, на која беше соопштено и дека се покренуваат првите две обвиненија. Според дел од медиумите, едно од обвиненијата е и за Никола Груевски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ

 

Телефонските разговори кои биле незаконски снимани се докази, а на сведоците мора да им се обезбеди поголема заштита – ова се клучните зборови на главната обвинителка на СЈО, Катица Јанева, на прес конференцијата одржана токму на едногодишнината од нејзинот именување, на која беше соопштено и дека се покренуваат првите две обвиненија. Според дел од медиумите, едно од обвиненијата е и за Никола Груевски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Две обвиненија, пет истраги од кои некои во завршна фаза, многу предистраги, апел за прифаќање на аудио материјали како докази, како и за поголема заштита на сведоците, е накратко сублиматот од едногодишната работа на Специјалното јавно обвинителство.

Точно една година откако беше постигнат договор и избран главниот обинител на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите или накратко во јавноста познато како Специјално јавно обвинителство (СЈО), обвинителката Катица Јанева соопшти дека подига две обвиненија. Според дел од медиумите, едно од обвиненијата е и за Никола Груевски, лидер на ВМРО ДПМНЕ.

Обвиненијата кои потоа ги презентираше обвинителката Фатиме Фетаи се однесуваат на предмети кои само делумно беа поврзани со досега обелоденетите истраги. Првото обвинение се однесува на 7 лица вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање при МВР и тоа е директно поврзано и со незаконското следење на комуникациите, бидејќи битието на делото за кое СЈО ги товари овие лица, е „незаконско уништување на документација поврзана со прислушкувањето“. Според СЈО биле уништени 2.047 документи, од кои 22 се однесувале и на самата опрема за прислушкување која, според истрагата во случајот „Тврдина“, била, исто така, уништена.

Второто обвинение е подигнато во врска со насилствата пред Општина Центар од 2013 година и тоа е подигнато против 14 лица, при што, 5 се товарат за поттикнување и помагање, а 9 лица за директни извршители на насилствата. Во основата на ова обвинение се и два анализирани телефонски разговори од незаконски сниманите и прислушувани, при што првиот е „помеѓу двајца поранешни високи носители на извршната власт“, а вториот „помеѓу еден поранешен висок носител на извршната власт и опфатен со обвинението и познат македонски бизнисмен“. Притоа, по анализата, СЈО јасно дошло до сознанија дека „првообвинетиот имал чисто лукративни мотиви, заради опстојување на партиските бизнис интереси на партискиот врв и нивните блиски бизнис партнери“. Делото пак, е поттикнато „за да се спречи седницата на Советот на Општина Центар, на која била закажана точка од дневниот ред, поништување на повеќе Детални урбанистички планови“, меѓу кои и ДУП-от „Мал Ринг““.

 

АПЕЛИТЕ НА ЈАНЕВА

Главната обвинителка Јанева на почетокот на пресот упати два апела кои се однесуваат до судската и до законодавната власт. Од судската власт таа индиректно побара аудио-материјалите кои се незаконски прибавени да ги третира како докази, потсетувајќи ги дека со самиот закон за СЈО, тие де факто се третирани како такви и повикувајќи се на светската пракса, дека во ваков случај јавниот интерес е поважен од интересот на индивидуата:

Со донесување на законот за СЈО снимките од неовластеното прислушкување и содржината на истите добија законска форма. Претставуваат доказен материјал и како такви станаа дел од правниот систем на РМ. Односно, законот го имплементира светскиот стандард дека јавниот интерес е пред интересот на поединецот, особено пред интересот на оние кои практикуваат власт.

Вториот апел се однесува директно до Собранието на РМ, кое се уште не најде за сходно да изврши законска измена за поголема заштита на сведоците, а што е од голема важност за работатата на СЈО, појасни Јанева:

Пред целата јавност апелирам Закoнодавниот дом да ги донесе, поднесените од моја страна, измени на Законот за заштита на сведоци, за да може СЈО да навлезе во сржта на предметите како што се „Мартин Нешковски“, „Монструм“ и „Сопот“.

Јанева не посочи, но Фетаи во нејзиното образложение кажа дека за едниот од предметите за кои подигнуваат обвинение, поради неможноста СЈО да даде директна заштита на сведоците, ќе го користат инструментот на анонимност на тие лица, дозволен со Законот за кривична постапка.

Обвинителката Јанева, исто така, нè потсети, дека нејзините предлог законски измени на Законот за заштита на сведоците е поднесен уште на први април годинава, неколку дена пред да биде распуштено Собранието поради изборите кои тогаш беа закажани за 5-ти јуни, а не се оддржаа. Јанева при поднесувањето на измените изјави:

Измените се потребни во постапката за заштита на сведоци и во насока на елиминирање на можноста за поставување на бројни пречки во работата на ова Јавно обвинителство. Во таа насока цениме дека донесувањето на овој закон ќе обезбеди целосна имплементација на начелото на автономност на ова Јавно обвинителство.

 

ГОДИНА МИНАТА ВО БОРБА СО ПАРТИЗИРАНАТА ДРЖАВА

Иако и во последниот шестмесечен извештај што ќе го претставиме подетално наскоро, се посочува на несоработката на дел од институциите на државата, а кои обвинителката Ленче Ристовска официјално го нарече како „соочување на СЈО со предизвици“, факт е дека во една година од својата работа или барем десетмесечна активна работа, СЈО и Јанева се соочија со огромен број опструкции.

Овие опструкции кои на почетокот се сведуваа на односите помеѓу Советот на јавни обвинители и Јанева, од средината на декември прераснаа во помасовни и директни и отворени напади врз СЈО од повеќе страни. Сигнал за тоа даде премиерот лично и другите високи функционери на партијата, во моментот кога Јанева побара ослободување од притвор за дел од обвинетите во случајот „Пуч“, со која и настана кулминацијата на длабоката политичка криза во РМ, вклучувајќи го и првообвинетиот Зоран Верушевски.

Опструкциите беа навестени и со неприфаќање на Законот за јавнообвинителски службеници вработени во СЈО, со менување на судската пракса околу изрекување на мерката притвор или други мерки за обезбедување на лицата под истрага, со постојани директни напади преку изјави од страна на високи поранешни или актуелни носители на извршната власт од ВМРО-ДПМНЕ, несоработка на други институции задолжени по закон за соработка кога СЈО ќе се обиде да прибави докази, итн.

Најголемиот удар за СЈО извршен во април од претседателот Иванов
Најголемиот удар за СЈО извршен во април од претседателот Иванов

 

Меѓутоа, дефинитивно најсилната опструкција СЈО ја доживеа лично од Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, кој во април годинава донесе одлука за аболиција на 56 лица, од кои голем дел на политичари опфатени со истрагите на СЈО. Мерката што предизвика неколкумесечни жестоки протести на голем дел од граѓаните низ цела Македонија, под притисок на домашната и меѓународната јавност заврши со целосно повлекување на првичната одлука.

Но, ефектот беше постигнат. Дел од лицата опфатени со истрагите или пријавени за сторено кривично дело од страна на СЈО мораа да бидат избришани од процесните дејства и од предметите.

 

УСТАВНИОТ СУД – НАЈГОЛЕМА НЕПОЗНАТА ЗА СЈО

Аналитичарите во Република Македонија се начисто дека најголема закана во следниот период во однос на работата на СЈО е Уставниот суд. Со договорот од јули на лидерите на четирите политички партии се предвидува и изјаснување на Уставниот суд во однос на уставноста на законот за СЈО. Поточно, тој се повикува да се изјасни што поскоро, уште на првата наредна седница. Според договорот, доколку Уставниот суд најде неуставни делови од законот или целиот закон, тогаш лидерите се должни преку Собранието во рок од пет дена да донесат измени на законот или цел нов закон кој ќе ги задржи основните цели на постоењето на СЈО.

Но, како што, неодамна изјави за „Вистиномер“ ценет правен експерт, токму тој дел од договорот е најслаба карика на целиот договор:

Партиите ќе треба да го решат ова прашање и ако одлуката на Уставен биде поништување на целиот закон. Но, последиците, овој пат се многу поголеми. Ниту една постапка или одлука на СЈО донесена досега, ниту пак на судовите, повеќе нема да биде во правна сила. Според тоа, не знам дали треба да се оди на избори или не и што ќе се случи по изборите, иако прашањето за СЈО е такво што со него може да се калкулира и во зависност од тоа каков ќе биде изборниот резултат, но ова е дефинитивно најслабата карика на договорот од јули годинава.

Оваа дилема се наметнува особено ако одлуката на Уставен биде донесена по распуштањето на Собранието на РМ, а тоа е некаде во првиот дел од октомври годинава, шеесет дена пред одржувањето на изборите закажани за 11 декември.

Оптимистите, меѓу кои и лидерот на опозицијата, Зоран Заев, веруваат дека до тоа нема да дојде, зашто во тој случај повторно би дошло до огромни демонстрации по улиците, повторно одложување на изборите и влегување во уште подлабока политичка криза.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција