Скандалозно е да се изнесуваат лични и семејни прилики

[Рецензија: Скандал… Демирхисарскиот градоначалник Марјан фатен со швалерката, па сега во Битола е под кирија со швалерката, имало бааги ќутек]

Скандалозен избор на тема, скандалозно напишан текст, скандалозно навлегување во приватноста на две семејства, скандалозно објавување фотографии од лице на кое му се накалемува неморал и сето тоа нималку во функција на јавниот интерес!

Во овој напис се прекршени најмалку три члена од Кодексот на новинарите, меѓу кои и одредбите што определуваат дека новинарот ќе ги почитува законите во државата, но нема да објави или сокрие ништо што е во спротивност со јавниот интерес, дека новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес и дека новинарот ќе се придржува и на општоприфатените општествени стандарди за пристојност.

Линк до оригиналниот написСкандал… Демирхисарскиот градоначалник Марјан фатен со швалерката, па сега во Битола е под кирија со швалерката, имало бааги ќутек

Датум и време на објавување: 2.4.2020

Датум на рецензија: 5.4.2020

Рецензент: Мирослава Бурнс

Овој текст директно ги нарушува угледот и честа на најмалку две личности, претставува основа врз која во иднина се заговара јавна осуда и линч. Објавувањето детали од приватниот живот и тоа со вокабулар и со стил на пишување што е длабоко сензационалистички, е неприфатливо. Личните и семејните прилики не се од интерес за граѓаните! Објавени се и фотографии на личност што воопшто не е јавна , таа детално се лоцира, се стигматизира, се обвинува за неморал.

Во членот 16 од Кодексот на новинарите се наведува дека новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги.

Вмешани се и децата на функционерот и навистина е непријатно да се замисли каков ефект ваквите написи имаат за нив и воопшто за семејствата на инволвираните. Не постои никакво оправдување за ваквите шпекулации, изнесување лични и семејни прилики. Tекстот е непрофесионален и недозволив, и во контекст на изборот на темата и во контекст на начинот на кој е напишан. Испишан е со чаршиски жаргон, неверојатна леснотија во употребувањето навреди при деталното изнесување на интимата и наводните настани, кои и да се случиле и да не се случиле, воопшто не треба да најдат свое место во ниеден професионален медиум.

Изнесени се и наводи за насилство што не се поткрепени со никакви докази, а ваквите сериозни обвинувања кон градоначалникот го нарушуваат неговиот углед. Ваквото информирање може да нанесе последици и нематеријална штета на инволвираните, пресметани во срам, жигосување, нетолеранција, потсмев и еден куп други негативни ефекти.

Текстот изобилува со клевети и навреди, во неговото објавување нема никаков јавен интерес и главната цел на оваа објава се сензационализмот, желбата за што поголема читаност по која било цена, а цената и методите користени во овој случај се бескрупулозни – угледот на две семејства.

Со неговото објавување не е оправдана функцијата на професионалното новинарство, а тоа е јавниот интерес. Ваквите текстови запрепастуваат.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција