Скапата лопата фрлена во ТИРЗ Радовиш досега не донесе странски инвестиции

Камен темелник - ТИРЗ Радовиш, Фото: Скриншот

…ТИРЗ Радовиш, ТИРЗ Берово, ТИРЗ Делчево и ТИРЗ Виница ќе започнеме да ги градиме во текот на 2014 година, со што до крајот на 2014 година вкупната бројка на основани технолошки индустриски развојни зони на територијата на Република Македонија ќе биде вкупно 14. (Рок: 2014 година)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изградбата на технолошка индустриска развојна зона (ТИРЗ) во Радовиш беше најавена во предизборната Програма на ВМРО-ДПМНЕ за период 2014 – 2018 година. Во програмата е наведено дека со почеток на изградба на ТИРЗ  во Радовиш, Берово, Делчево и Виница до крајот на 2014 година вкупната бројка на основани технолошки зони би било вкупно 14. Целта е да се овозможи влез на странски инвестиции во сите делови на земјата. Имајќи предвид дека во ТИРЗ Радовиш се започнати активности за воспоставување на зоната, ова ветување се оценува дека е во тек.

Изградбата на ТИРЗ Радовиш започна на 01.08.2014 година со „симболичната лопата“ на тогашниот премиер Никола Груевски. Вкупната инвестиција за развој на зоната беше најавено дека ќе чини 11 милиони евра. Индустриската зона би се протегала на 10 хектари и би била наменета за изградба на објекти за откуп, диструбуција и сервисни услуги при што локацијата на оваа зона е проценета како стратешка бидејќи е во близина на грчата и бугарската граница.Според изјавата на директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Виктор Мизо при изградба на зоните се започнува со изградба на основната инфраструктура, а понатамошната градба зависи од конкретните потреби на инвеститорот:

Во двата случаја ние ќе сме неколку месеци со започната градба на инфраструктура пред инвеститорот, за да може да градиме паралелно ои да сме спремни кога тој ќе биде функционален. Слично како што беше случајот со Џонсон Контролс во Штип. Во Радовиш градбата ќе почне во месец август , ќе се започне со градба на основната инфраструктура, а остатокот од градбата ќе зависи од конкретните потреби на инвеститорот, слично како градбата на Струмиц, Прилеп, Гевгелија и како што направивме во Кичево и како што правиме со Ранковце“ вели за Лидер Виктор Мизо, директор на ТИРЗ. ( Виктор Мизо)

При поставување на камен темелник за изградба на развојните зони се најавуваат економски раст и  бројни вработувања кои би го таргетирале специфичниот регион и би се оствариле за кратко време, како резултат на странските инвестиции кои ќе влезат во таа зона. На 15.12. 2015 Груевски  во Виница изјави:

Изградбата на ТИРЗ се покажа како одличен чекор бидејќи дава резултати во однос на намалување на невработеноста со отворањето нови работни места во производните капацитети изградени во зоните и во однос на зголемување на вкупниот извоз од земјата. Токму поради добрите резултати се одлучивме и за изградба на три нови зони во Куманово, Липково и во Маврово-Ростуше (Никола Груевски)

Понатаму, при поставувањето на камен темелникот на ТИРЗ Делчево на 31.05.2015 година, Виктор Мизо изјави дека до крајот на 2015 година или до средина на 2016 година би се очекувало секоја од 14 – те технолошки развојни зони да има барем една компанија која би одлучила да воспостави производствени капацитети во зоните:

Според планот на Владата, вкупно 14 технолошко индустриски развојни зони се лоцирани на различни локации низ целата држава. Ова е 14-та зона со која се започнува изградбата на инфраструктурата. Освен зоната во Скопје, зоната во Штип, зоната во Тетово, Кичево, Прилеп, Ранковце како и зоната во охридско-струшкиот регион веќе имаат компании кои се функционални или компании кои го градат своите производствени капацитети и се надеваме дека до крајот на оваа година, или до средината на идната сите 14 ќе најдат барем по една компанија која ќе донесе одлука да го лоцира своето производство таму, истакна Мизо

Од 14 воспоставени зони во моментов фукнционални се само четири. И покрај значителната инвестиција на Владата за воспоставување на ТИРЗ Радовиш, во моментов нема информација дека оваа зона е функционална ниту, пак, најава за влез на инвеститор.

 ЛИНКОВИ:

Оценето од: Милена Јосифовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција