Скапо го враќаме кредитот за изградба на автопатите, Кина остана во земјава да гради и со европски пари

Фото: Архива на Мета

Северна Македонија зеде кредит од кинеската Ексим банка за изградба на автопатите Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип, при што во моментов скапо ги враќа ратите од кредитот поради рекордното зајакнување на американскиот долар во однос на македонскиот денар. Во меѓувреме, по повеќе од осум години и шест месеци од почетокот на градежните работи, автопатот Кичево – Охрид не е довршен и пуштен во употреба. Сепак, кинеската државна компанија Синохидро откако беше избрана за изведувач на двата автопати се реши да стане конкуренција во македонскиот градежен сектор и досега има добиено два нови проекта – изградбата на втората фаза од експресниот пат Штип – Кочани и довршување на првата фаза од експресниот пат Градско – Прилеп, пишува Мета.мк

Северна Македонија зеде кредит од кинеската Ексим банка за изградба на автопатите Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип, при што во моментов скапо ги враќа ратите од кредитот поради рекордното зајакнување на американскиот долар во однос на македонскиот денар. Во меѓувреме, по повеќе од осум години и шест месеци од почетокот на градежните работи, автопатот Кичево – Охрид не е довршен и пуштен во употреба. Сепак, кинеската државна компанија Синохидро откако беше избрана за изведувач на двата автопати се реши да стане конкуренција во македонскиот градежен сектор и досега има добиено два нови проекта – изградбата на втората фаза од експресниот пат Штип – Кочани и довршување на првата фаза од експресниот пат Градско – Прилеп, пишува Мета.мк

 

Пишува: Бојан Блажевски

 

Автопатот Кичево – Охрид долг 57 километри започна да се гради во февруари 2014 година и досега има две пробивања на зададените рокови за неговото завршување, пишува Мета.мк. Лажните ветувања на политичарите во врска со датумот за пуштање во употреба започнаа со владата на поранешниот премиер Никола Груевски, која што вети дека автопатот ќе го заврши во рок од четири години, а за неговата изградба беше ангажирана кинеската компанија „Синохидро“. Првичниот рок во пролетта 2018 година беше одложен со анекс на договор со нов датум на завршување – 30 јуни 2021 година, но и овој рок беше пробиен.

По осум и пол години поминати во изведба со променливо темпо, од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) за Мета.мк велат дека е потпишан петти анекс кон договорот за изградба на автопатот Кичево-Охрид, со краен рок за завршување на работите – 31 декември 2023 година.

Автопатот Кичево-Охрид во изградба; Фото: Архива на „Мета“

Јавното претпријатие за државни патишта очекува овој рок да биде запазен. До овој момент пробиени се околу 95% од трасата, најголемиот дел од инфраструктурните проекти веќе се одобрени и изградбата се одвива тековно. Процентот на реализација изнесува 70,40%, информираат од ова јавно претпријатие.

Инаку во пролетта 2018 година, владата предводена од екс-премиерот Зоран Заев соопшти дека неопходно е продолжување на рокот за доизградба поради неусогласеност на проектната документација со реалните услови на теренот, но и поради фактот што некои инфраструктурни објекти, како што се деветте клучки, не биле воопшто планирани со првичниот проект. Во ноември 2019 година, за довршување на автопатот беше подигнат дополнителен кредит од кинеската Ексим банка во висина од 180 милиони долари.

Вториот автопат којшто се гради со кинески средства во Северна Македонија беше пуштен во употреба на почетокот од јуни 2019 година. Делницата долга 47 километри меѓу Миладиновци и Штип на истокот на земјата повеќе од три години се возеше бесплатно, а двете наплатни станици за плаќање на патарина беа отворени дури на 18 јули 2022 година.

Од денешна перспектива, Државниот завод за ревизија (ДЗР) упатува серија на критики во однос на реализацијата на автопатот Кичево-Охрид во Конечниот извештај за извршена ревизија за успешност “Задолжување на субјекти од јавен сектор, степен на искористеност на кредитите и заемите, платени и створени трошоци”.

Државните ревизори во Извештајот посочуваат дека и со најновиот, петти анекс кон договорот за изградба на автопатот Кичево-Охрид и утврдениот рок за завршување на 31 декември 2023 година, постои висок ризик од неисполнување на преземените обврски и дополнителни отштетни побарувања, дополнителни трошоци по заемот и пролонгиран рок.

Поради ова постои голема неизвесност за отштетни побарувања, зголемување на трошоците на договорот за заем поради застој во изградбата за камати кои се плаќаат на повлечените средства и провизија на неповлечените средства, се наведува во Конечниот извештај на ревизорите.

Исто така, ревизијата обрнува внимание дека за имплементација на овој проект како и за економично користење на средствата потребно е координирано дејствување на
повеќе државни институции, со цел исполнување на обврските од страна Јавното претпријатие за државни патишта во улога на инвеститор.

Исто така доколку не се исполнат обврските по договорот, постои ризик од спор кој е ризик од големи финансиски штети, предупредуваат државните ревизори за автопатот Кичево-Охрид.

Притоа, Државниот завод за ревизија во Извештајот наведува серија на критики во однос на изградбата на оваа автопатска делница, и тоа: градба на aвтопат во должина од 57 километри по застарени проекти кои не ја отсликуваат реалната состојба на терен, кои не се изработени од проектанти со меѓународно искуство, отсуството на контрола и надзор во фазата на проектирање, отсуството на тендерска постапка за утврдување на цените за градбата, некоординирано дејствување на институциите во постапката за одобрување на инфраструктурни проекти и постапките за експропријација, комплексна правна рамка за измени во тек на градба, непостоење на мониторинг и надзор на имплементацијата на проектот што има за ефект пролонгирање на рокот за завршување на проектот.

Поради сето ова, државните ревизори во Извештајот додаваат дека има голема неизвесност дали најновиот зададен рок за завршување на автопатот – 31.12.2023 година ќе биде доволен, но и дали ќе се појават дополнителни трошоци кои ќе се создадат до завршувањето на проектот, односно ДЗР е скептик за актуелните ветувања на политичарите во однос на темпото на изградба на автопатот Кичево-Охрид.

 

Поскапуваат ратите за враќање на кинескиот кредит

И додека изградбата на двата автопати доцнеше, Јавното претпријатие за државни патишта уште од јули 2019 година ја започна исплатата на првата рата за враќање на кредитот кон кинеската Ексим банка. Вкупниот износ за враќање изнесува 719 милиони американски долари и во него се вклучени каматните стапки и дополнителниот заем за автопатот Кичево – Охрид што беше подигнат кон крајот на 2019 година.

Заклучно со јули 2022 година, Јавното претпријатие за државни патишта има исплатено по седум рати од кинеските кредити за автопатите Кичево – Охрид и за Миладиновци – Штип, а преостануваат за враќање уште по 23 рати за секој кредит поединечно. Северна Македонија кредитот кон Кина би го исплатила на почетокот од 2034 година. Од јавното претпријатие за Мета.мк информираат дека последните рати достасуваат за плаќање на 21 јануари 2034 година.

За автопатот Миладиновци – Штип, кон кинеската Ексим банка досега се отплатени 50 милиони американски долари, а за отплата остануваат уште 164 милиони американски долари. За делницата Кичево – Охрид од паневропскиот Коридор 8 досега се вратени 77,6 милиони американски долари, а од кинескиот кредит остануваат за отплата уште 427,4 милиони американски долари.

Од Јавното претпријатие за државни патишта во повеќе наврати досега информираа дека приходите коишто ги имаат забележано од наплатата на патаринa, од акцизата на нафтените деривати и од патната такса што се плаќа при регистрација на возилата, се користат, меѓу другото, и за исплата на кинескиот кредит.

Сепак, зајакнувањето на вредноста на американскиот долар во однос на македонскиот денар во изминатиов период на земјава ѝ создава дополнителни проблеми при исплатата на кредитот за двата автопати.

Од Јавното претпријатие за државни патишта за Мета.мк појаснуваат дека ратите кон кинеската Ексим банка се исплаќаат во долари, а со оглед на фактот дека има постојани промени во неговата вредност, сигурно дека тоа влијае негативно врз исплаќањето на ратите, поради тоа што денарската противвредност се зголемува.

Па така во периодот од 1.1.2022 до 21.7.2022 година поради растот на доларот ЈПДП има платено 105.000.000 денари повеќе, односно за овој период вредноста на доларот се зголемила за 6 денари во однос на исплатата, го објаснуваат од јавното претпријатие фактичкото поскапување на кинескиот кредит во моментов.

Покрај поскапувањето на кредитот поради растот на доларот во однос на денарот, од Државниот завод за ревизија во Конечниот извештај за извршена ревизија за успешност “Задолжување на субјекти од јавен сектор, степен на искористеност на кредитите и заемите, платени и створени трошоци” се наведува дека финансирањето на проекти со договори за заем, како што е кредитот од кинеската Ексим банка, пропратен со непридржување на динамиката на градба поради несоздадени услови за изведба, има и дополнителен ефект во зголемување на вредноста на инвестицијата.

Па така, само кај автопатот Кичево-Охрид, којшто се гради со кинескиот кредит, има зголемување на вредноста на инвестицијата по основ на трошоци по договор за заем за камати и провизија во висина од 39 милиони американски долари, утврдиле државните ревизори.

 

„Синохидро“ дојде во земјава за да остане во градежниот бизнис

Кинеската државна компанија „Синохидро“ на голема врата влезе во изведбата на капитални инфраструктурни проекти во Северна Македонија по земањето на кредитот од кинеската Ексим банка и двата закони за реализација на автопатите Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип што беа изгласани во Собранието на РСМ во октомври 2013 година, по кои „Синохидро“ ја започна изведбата на почетокот од 2014 година.

Осум години подоцна, во реалноста оваа државна градежна компанија од Кина остана да се натпреварува со други фирми од земјава и од странство при реализацијата на капитални инфраструктурни зафати во земјава. Притоа, „Синохидро“ успеа да победи на меѓународните тендерски постапки за изведба на втората фаза од експресниот пат Штип – Кочани, односно за реализација на секцијата од селото Крупиште до Кочани. Овој проект се реализира со заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Податоците од тендерската постапка за овој експресен пат објавени на веб-страницата на ЕБОР покажуваат дека имало шест заинтересирани градежни компании и конзорциуми од Грција, Македонија, Босна и Херцеговина, Кина, Италија и Бугарија кои поднеле понуди, но на почетокот од 2019 година била избрана за изведувач кинеската компанија „Синохидро“, поради тоа што понудила најниска цена за изведба во висина од околу 18,2 милиони евра.

Принтскрин од објавениот документ на ЕБОР за избор на најповолен понудувач за експресниот пат Крупиште-Кочани

Експресниот пат Крупиште-Кочани долг 13,75 километри го гради кинеската компанија „Синохидро“, при што од Јавното претпријатие за државни патишта информираат дека изведувачот е воведен во работа на 12 април 2019 година и требаше да го заврши патот до 12 април 2021 година. Рокот за изведба е пробиен и кај овој експресен пат, а најзначајната причина е што сè уште има нерешена експропријација на земјиштето, односно една парцела каде што се појавил проблем поради несоодветно запишување на сопственоста во Катастарот за недвижности.

Втората причина е доцнење на Изведувачот со градежните работи и моменталниот статус на реализација изнесува 83%. На Изведувачот ќе му бидат дадени 3 месеци како финален рок за завршување на градбата, откако ќе биде решена експропријацијата на парцелата, се наведува во одговорот на Јавното претпријатие за државни патишта што беше доставен до Мета.мк во однос на овој инфраструктурен проект.

Кинески „Синохидро“ успеа да победи и на тендерската постапка за довршување на изградбата на секцијата меѓу Фариш и Дреново од новиот експресен пат Градско – Прилеп на паневропскиот Коридор 10д. И овој инфраструктурен зафат се финансира со заем од Европската банка за обнова и развој, со буџет во висина од 31,8 милиони евра, информираат од Јавното претпријатие за државни патишта.

Тендерот за доградба на првата фаза од експресниот пат Градско – Прилеп беше објавен на почетокот од септември 2020 година, при што до крајниот рок на тендерот пристигнале две понуди, а кинеската компанија „Синохидро“ била избрана поради најниската цена за изведување на градежните работи што ја доставила во понудата.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на свеченост за изградбата на експресниот пат Градско-Прилеп; Извор на фотографија: Влада на РСМ

„Синохидро“ е воведен во работа на 9.06.2021 година, рокот на изградба е 730 дена, а вредноста на договорот со кинеската компанија изнесува 2.065.129.316 македонски денари, или над 33,5 милиони евра. 

Реализацијата на проектот е 20%. Се работи на левата цевка на тунелот која е веќе пробиена и на земјани работи, а паралелно отпочнато е со работа на десната цевка на тунелот, појаснуваат од Јавното претпријатие за државни патишта за моменталната изведба на овој експресен пат.

Како што обемот на работа на кинеската компанија се зголемува на македонскиот пазар, така расте и нивната добивка од работењето. Според најновата анализа што ја објави финансискиот магазин „ПАРИ“ на 17 јуни годинава, скопската подружница на кинеската компанија „Синохидро“ во 2021 година остварила добивка од 7 милиони евра. Една година претходно, во 2020 година „Синохидро корпорејшн лимитед – Пекинг, подружница Скопје“ била во загуба од 19 милиони евра, додека во 2019 година пред ковид-пандемијата остварила добивка од 24 милиони евра.

 

Обвинението за кинеските автопати поднесено во 2017 година, судењето трае

За изградбата на автопатите Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип, поранешното Специјално јавно обвинителство покрена обвинение во случајот „Траекторија“ на 30 јуни 2017 година, а обвинението беше одобрено од судот на 1 ноември 2017 година. Судот го закажа првото рочиште во судскиот процес за 6 декември 2017 година. Сепак, судскиот процес за случајот „Траекторија“ беше вратен назад по неколку години судење, откако Судскиот совет на РСМ на почетокот од јули 2021 година го разреши судијата Горан Бошевски, којшто го водеше овој судски процес за висока корупција. Поради ова, судењето се врати од почеток.

За изградбата на автопатите беа обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, заедно со членовите од тогашната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ – вицепремиерот Владимир Пешевски, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски, кои се товарат дека го оштетиле државниот буџет за над 155 милиони евра.

Додека обвинението се наоѓаше во првичната судска постапка, во ноември 2019 година дојде до апсолутна застареност за кривично гонење на поранешниот премиер Никола Груевски. Во случајот „Траекторија“, Груевски беше обвинет за кривичното дело „Примање награда за незаконито влијание“ (член 359, став 2 од Кривичниот законик), односно за договарање провизии со кинеската компанија „Синохидро“ која беше изведувач на работите.

За преостанатите тројца обвинети во случајот „Траекторија“ за злоупотреба на службената положба, судскиот процес и понатаму трае до денешен ден. Според податоците од Коалицијата „Сите за правично судење“ кои вршат судски мониторинг на најзначајните судски случаи во земјава, судењето за случајот „Траекторија“ во моментов се наоѓа на главна расправа, на која се изведуваат материјални докази што се предложени од страна на обвинителството. Последното судско рочиште се одржало во првата половина на јули 2022 година.

Новинарски прашања за случајот „Траекторија“, Мета.мк испрати до Основниот кривичен суд-Скопје каде што се одвива судскиот процес, но и до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Од Основниот кривичен суд-Скопје, Одделение за организиран криминал и корупција информираат дека откако судењето за случајот „Траекторија“ се вратило на самиот почеток поради разрешување на судијата кој постапуваше по истиот, судската постапка започнала на 6 декември 2021 година, но поради одложување на судските рочишта и протек од 90 дена согласно Законот за кривичната постапка, предметот почнал одново на 18 март 2022 година.

Откако повторно е започната судската постапка по предметот досега се закажани 19 рочишта, од коишто се одржани осум рочишта и во моментот судењето се наоѓа во фаза на доказна постапка со изведување на доказите предложени во листата на докази од страна на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција-Скопје, велат за Мета.мк од Основниот кривичен суд-Скопје.

Ве известуваме дека откако е започната судската постапка по предметот одложени се девет рочишта, односно рочиштата закажани за 14.12.2021 година, 16.12.2021 година и 23.12.2021 година се одложени поради спреченост на обвинетиот Миле Јанакиески да присуствува на закажаните рочишта поради повреда и извршена операција на коленото, рочиштата закажани за 21.03.2022 година, 24.03.2022 година и 29.03.2022 година се одложени поради спреченост на обвинетиот Владимир Пешевски да присуствува на истите поради тешка здравствена состојба на родител, рочиштето закажано за 05.04.2022 година е одложено поради отсуство на член на судскиот совет, додека пак рочиштата закажани за 17.05.2022 година и 30.06.2022 година се одложени поради неодложни и службени обврски на Јавниот обвинител кој го застапува предметот, информираат од Основниот кривичен суд-Скопје.

Сепак, во однос на Никола Груевски како обвинет во случајот „Траекторија“, од Основниот кривичен суд-Скопје посочуваат дека нивниот суд постапил по насоките на Апелациониот суд и донесено е решение од 6 декември 2021 година по однос на предлогот на бранителот на обвинетиот Никола Груевски, Горан Каркински адвокат од Скопје за отфрлање на обвинителниот предлог против обвинетиот Никола Груевски.

Судот го одби како неоснован предлогот на бранителот, од причина што постапката по овој предмет е во фаза на изведување на доказите на одбраната, а истата е почната одново пред променет судечки совет само од формални причини предвидени согласно Законот за кривичната постапка и претставува процесна состојба која е пропишана согласно закон. Советот исто така посочи дека во оваа фаза на постапката не е можно да се отфрли обвинителниот предлог, со оглед на големиот број на изведени докази во досегашниот дел од постапката. Во текот на постапката на секоја странка ќе и биде дадена еднаква процесна можност да ја презентира својата теорија на случај, во насока на правилно утврдување на фактичката состојба. Исто така Советот не ја занемарува можноста до крајот на постапката и да го одбие обвинението спрема обвинетиот Никола Груевски согласно чл.402 од ЗКП. Донесеното решение од страна на овој суд е потврдено од страна на Апелациониот суд Скопје со одлука КОКЖ-120/21. Додека за останатите обвинети во оваа постапка апсолутна застареност на кривичното дело настапува на 10.10.2033 година, информираат од Основниот кривичен суд-Скопје.

Во однос на прашањето поврзано со застарувањето на кривичното дело за преостанатите тројца обвинети во случајот „Траекторија“, и од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за Мета.мк одговорија дека кривичното дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“ од чл.353 ст.5 вв ст.1 вв чл.22 од Кривичниот законик што се става на товар на обвинетите застарува во 2033 година.

Инаку, обвинителниот акт четворицата обвинети (Никола Груевски, Миле Јанакиески, Владимир Пешевски и Љупчо Георгиевски) ги товари за пречекорување на своите овластувања во постапката за избор на компанија за изградба на двете автопатски делници во периодот 2012/2013 година, а крајниот исход бил избор на кинеската компанија „Синохидро“ за изведувач на градежните работи.

Инаку, поранешниот премиер Никола Груевски во ноември 2018 година пребега од Македонија во Унгарија за да го избегне одењето во затвор. Груевски доби азил во Унгарија, каде на власт е Виктор Орбан. Сепак, Никола Груевски и Миле Јанакиески со неколку судски пресуди веќе добија затворски казни во Северна Македонија. Па така, Груевски досега е осуден на 25 години и шест месеци затворска казна во пет одделни судски пресуди од страна на првостепените судови. Поранешниот министер за транспорт и врски Мила Јанакиески пак досега со пет одделни судски пресуди е осуден на 14 години затвор од првостепените судови. Сепак, и за двајцата се водат дополнителни кривични судски постапки, од кои можат да резултираат и нови затворски казни за нив.


Qries

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција