Скопје е исчистено во голем дел
Предизборното ветување на градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски за чистење на Град Скопје за 72 часа по преземањето на функцијата е делумно исполнето.
Предизборното ветување на градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски за чистење на Град Скопје за 72 часа по преземањето на функцијата е делумно исполнето. Навистина имаше голема акција со стотина комунални возила со вклучување и на друга механизација од компании, со користење на човечкиот потенцијал од сите јавни претпријатија на Скопје, но факт е дека не може баш сè да се исчисти за 72 часа кои истекоа вечерта на 09.11.2025 г. во 20.30 часот
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски на својот ФБ профил објави:
Успешно спроведена акцијата „72 часа“ – Скопје е чист град!
Вечерва ја завршивме акцијата за генерално чистење на Скопје.
Како што ветив пред скопјани, така и направивме.
Покажавме дека со работа, организираност и посветеност, можеме видливо да ги поправиме работите.
Повеќе од 2500 луѓе беа вклучени во оваа акција, стотина возила собраа над 4500 тони смет од скопските улици.
Со огромно задоволство можам да констатирам дека акцијата е успешно реализирана…
[Извор: Орце Ѓорѓиевски – ФБ/статус – датум: 09.11.2025]
Образложение:
Ветувањето на Ѓорѓиевски дадено во изборната кампања за чисто Скопје во рок од 72 часа по преземањето на функцијата е делумно исполнето. Причините за ваквата оценка се неколку индикатори по кои може да се смета дека дел од насобраниот смет е оставен, иако е факт дека главното ѓубре од најголем дел од локациите беше подигнато и исчистено.
Прво физички е невозможно е да биде исчистена секоја уличка каде што има канти или контејнери во рокот што го постави Ѓорѓиевски.
Второ, еден од медиумите објави неколку локации во Карпош 4, Аеродром, и Центар, каде што се гледаат или целосно полни контејнери или исчистени контејнери, а оставено ѓубре околу контејнерите. Периодот на настанатите фотографии според медиумите е во недела во претпладневните часови, така што теоретски до вечерта камионите за собирање на смет можеле да поминат уште еднаш и тоа треба да се има предвид.
Трето, на самиот профил на Фејсбук, во коментарите под објавата на Ѓорѓиевски може да се сретнат ретки коментари за делови во Скопје каде што сè уште има смет, а граѓаните дури и се нудат да им ги покажат тие локации на градските служби преку профилот на Ѓорѓиевски:
Неколку точки во Бутел,неколку точки Шуто Оризари + словенечка улица ( има едни колиби каде што живеат луѓе ) после 17:00 кога и да се помине,корне на некоја смрдеа што неможе да се препознае што е,пече,жари душа,КАНЦЕР ќе фатиме!!!
Илинден,Арачиново,пред Смилковско езеро кога се оди од Куманово-Илинден према Скопје,на самиот автопат од десна страна!
Можам и да помогнам на терен ако има решителност од институциите!!!“ – се наведува во еден коментар

Или друг коментар:
Пушти камиони да соберат ѓубре во Пржино, Црниче, К. Вода

А имаше и такви што го критикуваа начинот на чистење на коритото на Вардар во Центар:
Денешното ѓубре што го чистевте у Центар, поголем дел застана на десната страна на Вардар од Маџир Маало до мостот што не води нигде.

Факт е дека имаше голема акција со стотина комунални возила со вклучување и на друга механизација од компании, со користење на човечкиот потенцијал од сите јавни претпријатија на Скопје, но факт е дека не може баш сè да се исчисти за 72 часа кои истекоа вечерта на 09.11.2025 г. во 20.30 часот.
Поради овие причини ветувањето на Ѓорѓиевски може да се оцени делумно исполнето.
Извори:
- (09.11.2025) Орце Ѓорѓиевски – ФБ/статус – [Проверено на 10.11.2025]
- (09.11.2025) Рцин.мк – Репортажа со фотогалерија 1 и 2
Оценил: Теофил Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар